Не е вест статус на „Фејсбук“ без дополнително новинарско истражување

Илустрација

Социјалните мрежи се простор што некои го избираат за да ги изразат своите мислења јавно. Во зависност од важноста на личноста во јавниот живот, објавите во некои случаи може да се користат и како основа за вест. Ова не важи за сите случаи. Дефинитивно не за случајот со текстот што го разгледуваме

Линк до оригиналниот натпис: „Член на ДУИ од Дебар со ’поздрав‘ за Агим Нухиу“  Zyrtari i BDI-së nga Dibra “selam” Agim Nuhiut?!

Датум на објавување: 13.1.2020

Датум на рецензија: 22.1.2020

Рецензира: Фатлуме Дервиши

Главната порака што ја пренесува авторот на веста е прочитана во реченицата во која се вели: „Сè додека раководството на ДУИ се занимава со другите партии, се чини дека внатре во партијата гори пламенот“. Оваа реченица ја буди љубопитноста на читателите да одат понатаму и да дознаат за каков „пламен“ станува збор. Исто толку љубопитен е и насловот. Која е „пораката“ што се праќа до заменик-министерот Агим Нухиу и зошто се користи овој збор од секојдневниот жаргон?

 Извори од весникот „Лајм“ велат дека официјалниот претставник на ДУИ, Рамадан Имери, познат како „најсилниот на партијата во Дебар“, испрати вознемирувачка порака до заменик-министерот за внатрешни работи Агим Нухиу: „Агим Нухиу, Дебар има мажи и имало дури и без тебе, имало и ќе има!?!?“, напишал според нашите извори, Имери на „Фејсбук“ – пишува во текстот што го разгледуваме.

Нема појаснувања

„Во моментов нема појаснување ниту од ДУИ ниту од Рамадан Имери, а ниту од Нухиу за позадината на оваа порака и за нејзиното конкретно значење“, се додава во написот.

И новинарот има толку многу нејасни работи за овие информации, што дури и не ги прикрил двоумењата. Ако содржината на веста (објавата на „Фејсбук“) е толку нејасна, нејзиното значење е исто така нејасно. Зошто треба да ги интересира читателите таков статус на „Фејсбук“ од Рамадан Имери, зошто ова е вест и зошто треба да има појаснувања од заменик-министерот за внатрешни работи!?

Ако ова новинарот го сфатил како меѓупартиски судир и ако нема објаснување од Имери и Нухиу, требало барем да побара појаснување од ДУИ. Тој не вели дека ДУИ, откако се обидел да го стори тоа, одбил да го коментира или разјасни случајот. Тој, едноставно, вели дека „нема објаснување ниту од ДУИ“.

Техники на манипулација

Во оваа вест, на читателите им се нудат само селективни докази. Авторот имал „тенденција да укажува на факти што зборуваат за поддршка на тврдење и во исто време да ги игнорира фактите што се против“. Тој тврди за судири во партијата и одбрал само еден статус на „Фејсбук“ за да го поддржи своето тврдење. Оваа техника е објаснета во Прирачникот на „Критинк“.

За читателите

Направена е вест за нешто што реално не претставува вест. Со „пикантен“ наслов и ваква вест сигурно ќе добиете повеќе кликнувања, но колку е посензационален насловот, толку се подалечни објективната вистина и интересот на јавноста.

Не секоја бројка е релевантна за да ја следат новинарите на социјалните мрежи и не може секое мислење да заземе медиумски простор. Вест ќе беше доколку новинарот успееше да истражува, да ги искористи своите извори и да открие дека станува збор за меѓупартиски судир, судири на идеи, концепти или политики во истата партија. Тоа е задача на новинарот – да ги верификува вестите и да не чека да бидат достапни доказите, изворите и повратните информации.