На крајот од секоја година, секој би сакал бар малку да знае што го чека во следната, па затоа објавите на порталите и социјалните мрежи за хороскоп и разни пророштва носат публика и се многу читани. Но, тоа не им дава право на медиумите да објавуваат сензационалистички и лажни хоро- предвидувања кои само ги засилуваат стравот и чувството на неизвесност.
Како речиси секоја претходна, така и во новата 2021 година влегуваме со уште една вирална објава за наводно предвидување на Нострадамус за годината што ни претстои. Без ни основна проверка на вистинитост, се шират разни апокалиптични сценарија што треба да очекуваме да се случаат оваа година.
Зомби апокалипса, руско биолошко оружје, глад, земјотреси, болести, епидемии, муслимани владеат со Европа, удар на астероид, чипови…
Звучи страшно, нели? Овие потресни апокалиптични сценарија, кои наводно ни ги предвидел Нострадамус за 2021, само ја вознемируваат јавноста и не постигнуваат ништо друго освен непотребно заплашување на почекотот на годината.
Неминовен дел од ова е и крајот на човештвото, предвидување кое досега сме го чуле безброј пати од разни пророци, а, сепак, светот сè уште постои.
Но, дали ова ќе се случува во 2021 година? Сигурно не поради пророштвата на Нострадамус. Зошто? Затоа што не е вистина дека предвидувањата на Нострадамус ги тврдат овие застрашувачки настани.
Во оваа рецензија воопшто не навлегуваме во докажување дали Нострадамус навистина бил пророк или не и дали имал способност да ја претскажува иднината. Иако и тоа е легитимно прашање зашто претскажувањето на иднината, и тоа особено далечната иднина (500 години), е спротивно на сето она што нè учи науката и навлегува во полето на натприродното. Но, со тоа овде нема да се бавиме, затоа што за тоа нема потреба. Сосема е доволно да се покаже дека Нострадамус воопшто нема искажано вакви предвидувања, за кои што се говори во овој напис.
Пророштвата на Нострадамус се во поетска и завиена форма. Во неговите стихови не може да прочитате ниту датум, а уште помалку имиња на личности. Така што, „зејмјотрес во Калифорнија“, „папата Франциск“, или „американски војници“ не може да се прочитаат во неговите стихови, затоа што ги нема. Да не говориме, пак, за фактите што во времето кога живеел Нострадамус (1503-1566), американскиот континент бил штотуку откриен, актуелната сојузна држава „Калифорнија“ не постоела како таква, тој дел од американскиот континент воопшто немал ни име, како што не постоеле ни „американски војници“.
Како што во неколку наврати досега пишувавме, творештвото на Нострадамус е изразено во катрени, односно строфи од по четири реда во вид на стихови и загатки, кои не се хронолошки подредени. Најверојатно чувствувајќи се ранлив на религиозен прогон, тој го смислил овој метод за прикривање на значењата на пророштвата. Во пишувањето тој користел мешавина на други јазици како што се грчки, италијански, латински и провансалски, дијалект на Јужна Франција.
Дополнително, пророштвата на Нострадамус се нејасно формулирани, неповрзани и слабо преведени. Тоа прави да е речиси невозможно директно да се поврзат со конкретен настан, човек или датум. Сево ова остава простор за нивно толкување на различни начини, а со тоа и продуцирање шпекулации, невистини и објавување на неосновани заплашувања.
Вакви нецелосни, непроверени и произволни толкувања на пророштва што се сè само не јасни и конкретни, ги засилуваат стравот и стресот, кој граѓаните секојдневно го чувствуваат поради епидемијата со корона-вирусот. Во ситуација кога владее неизвесност за сопственото здравје, здравјето на блиските и кога секојдневно слушаме негативни информации, вакви заплашувачки објави, кои притоа се невистинити, се апсолутно непотребни.
Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „Критинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс–наведи извор-без изведени дела.