Во време кога светот се соочува со пандемија, со „невидлив непријател“, лесно е да се привлече вниманието на населението преку дезинформации. Доволно е да ги имате клучните зборови корона-вирус или КОВИД-19 во насловот и никој не го избегнува ваквиот текст. Сепак, во овој момент, новинарите не смеат да играат со чувствата на читателите и да ги кршат основните принципи на новинарската етика
Линк до оригиналниот напис: „Трогателно: Почина двегодишно дете од корона-вирусот во Македонија“ E dhimbshme: Vdes 2 vjeçari nga koronavirusi në Maqedoni
Датум на објавување: 23.3.2020
Датум на рецензија: 27.3.2020
Рецензира: Ајнур Бафќари
Пациентите не се жртви!
Во насловот на текстот што го разгледуваме, авторот го „прогласил мртво“ двегодишното дете, за кое Институтот за јавно здравје го опиша како најмладиот пациент со корона-вирус кај нас. Изгубен во преводот или едноставно за собирање кликања, авторот го измешал терминот „пациент“ со „жртва“ и со тоа проширил дезинформација што воопшто не е вистина. Овој наслов го наведува читателот на погрешна интерпретација, го дезинформира и постигнува други цели што се неприфатливи во однос на стандардите на новинарската етика.
„Двегодишно дете во Македонија почина од корона-вирус. Според податоците објавени на веб-страницата на Институтот за јавно здравје, најмладиот пациент со корона-вирус во Северна Македонија е двегодишно дете, додека најстариот пациент има 91 година. Во деталниот дневен извештај од Институтот за јавно здравје се вели дека „возраста на пациентите се движи од 2 до 91 година (просечно 42,2 години), а поголемиот дел од пациентите (23 проценти) се на возраст меѓу 30 и 39 години“ – пишува во текстот.
Во насловот се вели едно, во текстот друго!
Авторот во продолжение со повикување на официјалните податоци на Институтот за јавно здравје „го оживува“ двегодишното дете и го рангира на списокот на пациенти како најмладиот во државата. Во овој текст, авторот ги измамил своите читатели, кои, под влијание на ситуацијата со корона-вирусот и начинот на кој бил напишан насловот, кликнале за да видат што се случило со детето. Но, овој текст не дава одговор, читателот излегува без да разбере што се случило со двегодишното дете. На која верзија треба да му се верува, на насловот или на текстот?!
Две манипулации – со емоции и со внимание
Во овој текст манипулацијата се прави преку насловот и се користат два концепта на манипулација. Авторот наместо факти, решил да напише свое убедување за да предизвика емоции кај читателите. Тој дури го употребил зборот „трогателно“ на почетокот на насловот со цел да даде емотивна тежина.
Додека преку манипулативниот концепт „тенденција да се привлече внимание“, авторот во својот наслов посветил поголемо внимание на (дез)информациите што носат повеќе емотивна вредност, притоа игнорирајќи ги другите информации. Овие манипулативни концепти се дефинирани во Прирачникот за критичко мислење на „Критинк“.
Чувајте се од Ковид-19, ама чувајте се и од лажните вести!
Во вонредна состојба, со вирус поради кој сите држави ги затвораат своите граници, ама тој без проблем ги минува, не треба да му се верува на сè што ќе се слушне или прочита. Мора да бидете внимателни за тоа од каде сте информирани. Не ги земајте сите информации како вистинити, не дозволувајте наслов да ве доведе до погрешно толкување. Ако наидете на текст што не одговара на насловот, игнорирајте го. Обидете се да пронајдете текст на оваа тема од посигурен извор на информации, запомнете ја веб-страницата што ве измамила и не дозволувајте повторно да го стори тоа!
Овој напис е дел од специјалното известување на „Критинк“ за дезинформациите за епидемијата со корона-вирусот или Ковид-19. Кликнете на линкот за најновите вести и потврдените информации од оваа област.