Лажна и вистинска фотографија слепени една до друга со содржини за светска конспирација се искористени за испраќање опасни пораки за пандемијата на корона-вирусот што ја предизвикува ковид 19 и од која досега во светот се заразија над 31 милион луѓе, а починаа над еден милион
Пост објава на „Фејсбук“ со две фотографии, од кои едната вистинска, едната е лажна, врши манипулација преку многубројните интеракции на објавата за наводната Агенда на новиот светски поредок. Сето тоа е зачинето со коментар покрај фотографиите, кој упатува на антиваксерство, неверување во пандемијата, т.е. во вирусот и со повик да не се носат маски:
#ДаНеИмДозволиме
Планот на неолибералните џукели. Лажниот ковид со вакцините е финале од планот.
Сл.2 е страница од книга напишана ’96 год.
За почеток фрлете ги маските, сакаат да ве убијат.
Ваквиот коментар се однесува на две фотографии залепени една до друга. Првата е варијација на многубројни вакви објави последните месеци во светот и кај нас, од летокот на наводната Агенда за нов светски поредок на Обединетите нации (на тоа упатува делумно и насловот, но и логото на ООН ставено во десниот агол од фотографијата со лажната содржина):
Оваа фотографија со лажна содржина е веќе раскринкана и од „Вистиномер“ и од други потврдени факт-чекери и во регионот и во светот. Тука само кратко ќе ја наведеме изјавата на официјален претставник на ООН за повеќе светски медиуми и факт-чекери дадена во јуни 2020 година, откако оваа фотографија со лажните тврдења почна да се шири во интернет-просторот:
Сите точки од листата се или целосно лажни или се испревртени, изјавил портпаролот на ОН за сервисот за проверка на факти на агенцијата АФП на 27 јуни 2020 година. Портпаролот на ОН, исто така, истакнал дека Агендата 21 и Агенда 2030 не се законски обврзувачки.
Станува збор за целосно фабрикување на две агенди на ООН, донесени во различно време (1992 г. и 2015 г.), Агенда 21 и Агенда 2030, а кои се однесуваат единствено на одржлив развој и на заштита од климатските промени.
Што се однесува до втората фотографија, таа е вистинита. Станува збор за фотографија од страница на книгата „Светски заговор“, издадена интернационално во 1995 г., а истата година објавена и во Македонија од издавачот „Ѓурѓа“, па реобјавена во 2010 година. Книгата е напишана од бугарскиот писател Никола Маринов Николов од Видин, роден 1920 г., учесник во Втората светска војна, па прогонуван од бугарските власти по војната, пребеган во САД, а потоа по падот на комунизмот се враќа во Бугарија и објавува повеќе книги кои се посветени на светска конспирација, теории на заговор и слично. Член е на Руската академија на науки од 1994 година. Станува уште почитан откако умира во неразјаснети околности во 1997 година.
Оваа фотографија е вистинита, постоењето, објавувањето и популаризацијата на литература со ваква содржина воопшто не е спорно, но таа во постот е ставена, врамена во контекст со првата фотографија, за наводната Агенда 21/2030 и така двете се искористени за манипулација со пандемијата (демек таа не постои или ако постои е заговор кој треба да заврши со вакцините), како и за опасниот повик да не се носат маски, зашто тие биле наменети да ги убијат тие што ги носат.
Од овие причини „Вистиномер“ реши да се осврне со рецензија на овој пост со делумно лажна содржина, кој само на профилот на постирачот има 44 споделувањa, 7 коментари и многу прегледи.
(vistinomer.mk)
Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „КриТинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс-наведи извор-без изведени дела.