НЕ – СДСМ не е во карантин, а ширењето дезинформации за корона-вирусот е кривично дело

 

[Рецензија: ЦЕЛО СДСМ ВО KAPAHТИН: Директорката на кожно била на состаноци во СДСМ и координации за листите]

Манипулирањето со информациите секогаш и во секоја ситуација е неетички и непрофесионално, а кога еден медиум дезинформира во време на вонредни состојби во општеството каква што е состојбата со прогласена епидемија на корона-вирусот во нашата држава, манипулацијата не само што може да биде опасна поради ширењето на страв, паника и поттикнувањето фобичност кон одредена општествена група туку ваквото непрофесионално постапување е кривично дело. Еден пример за манипулирање со вистината, многу веројатно поттикнато од политички мотиви, е и текстот што го рецензираме, бидејќи тој невистинито известува дека цела една голема групација на граѓани во Република Северна Македонија, членството на СДСМ, е во карантин, наводно, поради тоа што била во контакт со директорката на Кожната клиника во Скопје, која е заразена со Ковид-19.

Линк до оригиналниот напис: ЦЕЛО СДСМ ВО KAPAHТИН: Директорката на кожно била на состаноци во СДСМ и координации за листите

Датум и време на објавување: 9.3.2020

Датум на рецензирање: 13.3.2020

Рецензент: Југослава Дуковска 

Насловот на написот што го рецензираме гласи: „Цело СДСМ во карантин: Директорката на Кожно била на состаноци во СДСМ и координации за листите“. Овој наслов, пред сè, е дезинформација сам по себе, бидејќи нема официјална информација дека била донесена одлука од кој било надлежен државен орган цело партиско членство на Социјалдемократскиот сојуз да биде ставено во карантин.

Лажна вест ги испрати социјалдемократите во карантин

Не постоеле ниту индиции ниту најави за таква одлука, која е самата по себе апсурдна, ниту причини. А, не се ни дефинира што значи воопшто „цело СДСМ“ – цело партиско членство, цел партиски врв, скопски огранок, луѓето што во одредено време престојувале во зградата на партиското седиште итн. Тоа значи дека медиумот што објавил ваков наслов го сторил тоа со намера да дезинформира за остварување одредени цели.

Во главата на веста стои дека, освен дотогаш познатите факти за контактите на директорката на Кожната клиника во Скопје, д-р Нина Цаца Билјановска со голем број на лица во својство на доктор и дерматолог и тоа дека таа, наводно, откако се вратила од патувањето во Италија контактирала и со луѓе од СДСМ поради учество во партиски активности.

Еве како изгледа обидот да се оправда лажната вест од насловот:

Информациите на Инфомакс говорат дека Д-р Цаца Билјановска назначена од  СДСМ за директор на клиниката за кожни болести освен што била во контакт со пациенти и повеќе од 100 лекари била во контакт и со сопартијци, односно учествувала на партиски активности.

Нема ниту изјава ниту потврда од партиски извор за да може да се поткрепи оваа шпекулација. Докторката, можеби, била во контакт и учествувала во партиски активности на СДСМ, ама читателот не може да знае дали било така или не.

Доктор Билјановска минатата недела била на состаноци во седиштето на СДСМ на Бихаќка како и на координациите за листи на пратеници кои активно се случуваа во овој предизборен период.

И повторно, ова тврдење во написот не се поткрепува со факт – изјава на релевантен извор или фотографија од настанот (средбите на докторката со членство на СДСМ). Написот е проследен со фотографија на партиски собир за кој не може во сигурност да се тврди дека е од актуелни партиски случувања, но која истиот медиум ја користел да илустрира напис објавен на 22 август 2019 г.

(И без користење на Google images, според изборот на облеката на присутните би можело да се насети дека таа е снимена во период кога се носела полесна облека, бидејќи жените се со куси ракави и сандали).

Сепак, поважно од тоа дали д-р Цаца Билјановска била или не била во контакт и со колкав број свои сопартијци, е тоа што не постои соопштение или изјава на официјално лице во кое се информира јавноста дека одреден број членови на Социјалдемократскиот сојуз се ставени во карантин, а уште помалку дека „цело СДСМ“ е во карантин поради тоа што контактирале со лекарката. Дури и да има, меѓу изолираните лица членови на СДСМ, тоа секако не е „цело СДСМ“.Тоа значи дека веста во насловот е лажна.

Покрај тоа што била на работни состаноци на Бихаќка, директорката на кожно имала и контакт со пациенти како и со колеги доктори, но она што најмногу загрижува е нејзиното присуство на конгрес на лекари во Скопје каде што присуствувале повеќе од 100-тина нејзини колеги лекари, што пак може да предизвика тотален колапс на здравствениот систем.

Според препораките на Филипче, но и на Светската здравствена организација сите што биле во контакт со нејзе, вклучително и здравствен персонал и пациенти мора да бидат во карантин 14 дена!

Изнесените факти за случајот со директорката на Кожна клиника се неоспорни, проблематичен е начинот како написов се обидува да ги манипулира, а тоа е да ги употреби за да предизвика паника и да издвои една групација граѓани, припадници на една политичка партија како предизвикувачи на епидемија, како носители на опасниот вирус, а со самото тоа опасни за околината.

 

ЗА ДЕЗИНФОРМАЦИИ ЗА ЗАРАЗА – И ДО 6 МЕСЕЦИ ЗАТВОР

Како што „Критинк“ веќе пишуваше, според Кривичниот законик,во Глава 21, означена како Кривични дела против здравјето на луѓето, во Член 205 став 5 од КЗ, се наведува:

Тој што ќе ја загрози сигурноста на друг со лажна закана за пренесување или со ширење невистинити тврдења за постоење неизлечлива заразна болест ќе се казни со парична казна или затвор до шест месецИ.

Теоретски, ваквата дезинформација, во случај на зголемена растревоженост кај населението, може да предизвика дополнителна паника, па дури и немили ситуации насочени против припадници на посочена категорија граѓани, конкретно членови на Социјалдемократскито сојуз. Иако навидум звучи претерано, никој, во вонредна ситуација каква што се епидемиите, не може да гарантира дека такво нешто не може да се случи.

Министерство за внатрешни работи токму во таа насока реагира на 11 март со соопштение во кое се вели:

Министерството за внатрешни работи ги известува граѓаните – корисници на социјалните мрежи да не споделуват и шират непроверени односно „лажни“ вести За вирусот Ковид 19, со кои се создава вознемиреност и паника меѓу граѓаните. Лажните вести што создаваат неоснована паника имаат долгосежни последици и врз општествената состојба, но и врз колективното здравје на граѓаните. Ваквите злоупотреби ќе бидат законски санкционирани затоа што на овој начин се вознемируваат граѓаните и се создава непотребна паника. Нема да има компромис во санкционирањето на оние што свесно шират лажни вести. Апелираме до медиумите и корисниците на социјалните мрежи да се повикуваат единствено на официјално објавените податоци од надлежните институции.

Која е целта на ваквата дезинформација? Со оглед дека се работи за предизборен период и дека тоа коинцидира со избувнувањето на епидемијата со сериозност што досега не се случувала во државава, не е тешко да се поврзе „два и два“. Зад оваа лажна вест, освен што е мамец за кликови, се крие обид да се оцрни конкретна партија, во случајов СДСМ, во чии раце е извршната власт, а со тоа и одговорноста во справувањето со епидемијата на корона-вирусот.