Нема докази дека се бркаат вработени од „Македонски телеком“

[Рецензија: АНЃУШЕВ И ЉУШЕВ „СТРАТЕШКИ“ ГО УHИШTУBAAT МАКЕДОНСКИ ТЕЛЕКОМ: Се бркaaт стотици луѓе, вработени се жaлaт на мoбинг, се „дpoби“ вредноста на компанијата]

 

Насловот на текстот што го рецензираме е шпекулативен и сензационалистички без да бидат изнесени никакви докази за тврдењата дека „се бркаат вработени, се прави мобинг и се ’дроби‘ вредноста на компанијата“. Вака како што е напишано, на премногу несериозен, чаршиски и лефтерен начин со „обвинувања“ истресени од ракав, се руши угледот на компанијата, но и неосновано  се обвинуваат главниот извршен директор на „Македонски телеком“, Никола Љушев, како и вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев.

Линк до оригиналниот напис: АНЃУШЕВ И ЉУШЕВ „СТРАТЕШКИ“ ГО УHИШTУBAAT МАКЕДОНСКИ ТЕЛЕКОМ: Се бркaaт стотици луѓе, вработени се жaлaт на мoбинг, се „дpoби“ вредноста на компанијата

Датум и време на објавување: 13.5.2019

Датум на рецензија: 15.5.2019

Рецензент: Силвана Жежова

Наводна peopгaнизациja во управувачкиот тим во Македонски Телеком предизвика вoзнeмиpeнocт кај вработените во компанијата, кои преку социјалните мрежи се жaлaт на мoбинг од страна на генералниот менаџер, но и од вицепремиерот на владата на Р. Македонија Кочо Анѓушев.

За изнесените тврдења во текстот за наводен мобинг врз вработените од страна на генералниот менаџер, нема никакви докази, освен одредена преписка за која се тврди дека е од вработен на „Македонски телеком“. Но и наводното писмо од страна на наводно вработен во „Македонски телеком“ до новинарот Зоран Божиновски не може да биде единствениот доказ на кој текстот се потпира. Самото писмо објавено во написот не кажува ништо, односно не може да се докаже дека навистина е напишано од вработен. Обвинувањата се и на штета на вработените на организацијата кај кои може да се предизвика непотребни паника и страв.

Во обвинувањата е замешан и вицепремиерот Кочо Анѓушев, за кој, пак, исто така, нема докази дека врши мобинг на вработените, а и како би вршел, бидејќи тој лично не е поврзан со оваа компанија. Во структурата на акционери на „Македонски телеком“ е Владата со 34, 81 процент сопственост на акциите, но Анѓушев не е претставник на Владата во Акционерското собрание на „Македонски телеком“. Претставник на Владата е Тања Чачарова-Илиевска.

Имајќи предвид дека се пишува за една од најголемите компании на пазарот и акционерско друштво што котира на Македонската берза, ваквите тврдења за наводно „стратешко уништување“ на компанијата, можат да ѝ наштетат. Иако во текстот е наведено дека не добиле реакција од компанијата, се поставува прашањето за тоа дали воопшто побарале. Во текстови во кои се изнесуваат ваков тип обвинувања, за подобро уверување на јавноста дека навистина е прашана и другата страна, може да се напише кое прашање било поставено, па и „принтскрин“ од испратениот мејл до компанијата и до кого бил наменет. Во однос на истите прашања, отсуствува и ставот на вицепремиерот Анѓушев. За наводната „стратегија на уништување“ можела да се праша и Владата, дали е запознаена со случувањата во друштвото каде што и таа е акционер.

Без сите овие одговори, текстот останува во сферата на дезинформациите, но и со одредени субјективни скриени намери.