Нема докази дека жената од Аргентина, која има епилептичен напад на видеото, воопшто се вакцинирала против ковид-19

Видеото воопшто не се однесува ниту на вакцинација ниту на ковид-19. Не е познато од какви причини пациентката се нашла во состојба на бесознание и неконтролирано тресење

„Ковид е измама, одбивајте вакцини“, децидно се вели во фејсбук-постот што го рецензираме.

Ова тврдење и повик со антиваксерска содржина се поставени над видеоматеријал, кој е на шпански јазик, а на кој се гледа дека пациентка во бесознание е легната на подот на влез во болница во „Сен Мигел“ и неконтролирано се тресе.

Од аматерското видео, најверојатно снимено од друга пациентка, која чека на влезот во болницата, како и од коментарите на ова видео, евидентно е дека никој од медицинскиот персонал и лекарите подолго време не се појави на влезот во болницата да ја земе пациентката, која е во бесознание. Од видеото се слуша глас на жената што го снима и која вели:

Срам во болницата во Сан Мигел, девојката се тресе и не излегува ниту еден лекар. 

„Помош, ќе умре овде!“, додава втора жена која излегува од болницата, веројатно откако била да повика доктор. Жената што снима продолжува да опишува:

Полицаец мора да излезе, зашто лекарите не излегуваат. Неодговорни!

По две и пол минути излегува медицинско лице и врши преглед на пациентката. Болничар носи количка и со помош на уште две лица ја креваат пациентката во бессознание на количката и ја внесуваат во влезната просторија од болницата.

Видеото воопшто не се однесува ниту на вакцинација ниту на ковид-19. Не е познато од какви причини пациентката се нашла во состојба на бесознание и која е причината за неконтролираното тресење.

Од видеоматеријалот и од описот на снимателката, како и од написот на болничката врата, може да се заклучи дека станува збор за болницата Raul F. Larcade, лоцирана во општината Сан Мигел на 30 километри од Буенос Аирес, Аргентина.

Не постојат докази дека оваа жена воопшто некогаш се вакцинирала, дека она што личи на епилептичен напад воопшто има врска со што било друго, освен епилептичен напад.

Видеото го пронајдовме на фејсбук-пост од Аргентина, меѓутоа таму, како и во сите други постови што ги пронајдовме од оригиналната земја на потекло на ова видео, сите критики се насочени кон фактот што медицинскиот персонал не излегол да ѝ помогне на пациентката и веднаш да ја хоспитализира, иако таа имала епилептичен напад, кој траел подолго време пред болничката врата. Никој не споменува вакцинација, туку аргентинскиот медиум пишува дека за недавање медицинска помош може да се одговара кривично и оти вакви слики не смеат да се случуваат, пациенти да лежат беспомошни пред медицинска установа без да им биде пружена никаква интервенција. Вакцина повторно никаде не се споменува, што уште повеќе го зацврстува тврдењето дека станува збор за епилептичен напад, неповрзан со ништо со вакцинацијата во Аргентина.

Меѓутоа, во постот што е предмет на нашата рецензија, изречно им се препорачува на граѓаните да одбиваат вакцинација, иако не постојат докази дека оваа жена воопшто некогаш се вакцинирала, ниту дека нејзината медицинска состојба е на каков било начин поврзана со ковид-19.

 

Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „Критинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонснаведи извор-без изведени дела.