[Рецензија: Торбата со пари, Боки 13 и Кичеец ја однеле во Влада]
Случајот „Рекет“, еден од најголемите скандали во поновата историја на државата, е проследен со голем број шпекулации во известувањето на медиумите. Тоа до одреден степен се должи на недостатокот на официјални информации од надлежните институции, а истовремено и поради дозираниот проток на сензитивни содржини поврзани со случајот во странски медиуми.
Линк до оригиналниот напис: Торбата со пари, Боки 13 и Кичеец ја однеле во Влада
Датум и време на објавување: 8.8.2019
Датум на рецензија: 11.8.2019
Рецензент: Симона Атанасова
Медиумите мора да бидат особено внимателни во нивното известување и да се држат до проверените факти и информации и покрај комплексната ситуација врз која е поставен и се развива целиот случај.
Една од шпекулациите што се појавија поврзани со овој случај е дека торбата со пари, која осомничените Бојан Јовановски и Зоран Милески Кичеец ја добиваат од Јордан Камчев, завршила во Владата.
Медиумот што ја објави оваа вест нема апсолутно ниту еден доказ за ова тврдење. Целата приказна се конструира на информација што првично ја пласира Миленко Неделковски на својата веб-страница „Дудинка“. Но и Неделковски не нуди ниту еден доказ за да го поткрепи ова обвинување со кое се алудира дека некој од Владата е вмешан во целиот случај. Медиумот ја презел и објавил без да направи основни проверки на вистинитоста на информацијата.
Вакви сензационалистички текстови најчесто се еднострани, односно се тврди нешто без притоа да се прашаат за став засегнатите страни во приказната. По објавувањето на написот, портпаролот на Владата ја демантира информацијата и ја нарече „лажна објава“.
Ја демантираме веста дека осомничените лица од „Рекет” на 20.2 биле во Владата или во гаражите на Владата. Бараме од порталите Нетпрес и Дудинка да ја повлечат лажната објава и да го објават овој демант.
За вакво сериозно обвинување, треба на јавноста да ѝ се понуди сериозна потврда за вистинитоста. Онака, пак, како што е пласирно – целосно непрофесионално и базирано на шпекулации, се манипулира јавноста и се додава масло на огнот.
Медиумите, особено во вакви чувствителни ситуации, треба строго да се држат до професионалното новинарско известување засновано на факти и докази. Во таа смисла, сè што ѝ се сервира на јавноста треба да биде проверено и потврдено, а не преку сензационализам и дезинформации дополнително да се подгрее атмосферата.