[Рецензија: Хаос на грчко-македонската граница, мигрантите насилно пробуваат да се пробијат (ФОТО)]
Текстот што е предмет на оваа рецензија е контрадикторен, има неточен наслов и има цел да шири паника.
Линк до оригиналниот напис: Хаос на грчко-македонската граница, мигрантите насилно пробуваат да се пробијат (ФОТО)
Датум и време на објавување: 2.3.2020
Датум на рецензирање: 4.3.2020
Рецензент: Ана Анастасовска
Овој напис има бомбастичен и погрешен наслов, кој на прв поглед ќе предизвика вознемиреност кај читателите, имајќи ја предвид сензитивната ситуација со мигрантите. Насловот најавува дека на грчко-македонската граница е хаос и оти мигранти насилно се обидувале да се пробијат, а во прилог на ваквата констатација се понудени и фотографии.
Но, кога ќе се отвори текстот се гледа дека насловот не е поткрепен со докази за изнесените тврдења. Целиот напис се повикува на неименувани „извори на Курир од МВР“. Потоа, под фотографијата во текстот не е наведено ништо, ниту од каде е земена ниту кога и каде е направена.
Доколку ја побарате на интернет, ќе видите дека станува збор за фотографија снимена на грчко-турската граница, а не на грчко-македонската.
Во текстот се прави манипулација и со фактите.
Голем број специјалци се веќе на граничниот премин со Грција, а не е исклучено и ситуацијата да ескалира.
Манипулацијата се содржи во тоа што не се наведува кои специјалци и на кој граничен премин се упатени, дали македонски специјалци се упатени кон грчко-македонската граница или, пак, грчки специјалци се упатени на грчко-турската граница.
Исто така, се тврди дека грчки полицајци употребуваат шок-бомби, бидејќи мигрантите се обидувале да го пробијат кордонот.
Како што можевме да видиме од некои грчки медиуми, нивните полицајци употребуваат и шок-бомби, бидејќи мигрантите на секаков начин пробуваат да го пробијат кордонот.
И повторно не е прецизирано на која граница. А, имајќи го предвид насловот: „Хаос на македонско-грчката граница“, овие нецелосни информации упатуваат на тоа дека се работи за македонско-грчката граница.
Но, во последната реченица, написот сам се негира. Ако во насловот најавува хаос, сега тврди дека ситуацијата е под контрола.
Заесега нашите информации од МВР велат дека ситуацијата е под контрола, но големиот наплив на мигранти може да доведе до несакани инциденти.
Претседателот Стево Пендаровски на 3.3.2020 г. беше во посета на војниците во Гевгелија и на транзитниот центар „Винојуг“, од каде што изјави дека ситуацијата на македонско-грчката граница е стабилна.
Состојбата на јужната граница е стабилна, ќе реагираме превентивно и според сите можни сценарија, нема никакво зголемување на бројот на мигрантите, освен она што е вообичаено за овој период од годината, ниту, пак, има назнаки за некаков бран што деновиве ќе оди кон нашата територија – рече Пендаровски.
Очигледно е дека овој напис шири лажни вести и оти има цел да создава паника кај читателите, што е исклучително непрофесионално за еден медиум. Задача на медиумите не е да шират паника, туку да известуваат професионално, особено за вака чувствителни теми.