Нема ништо шокантно во зрната град што наликуваат на корона-вирусот

[Рецензија: Шок од небото, паѓал град во облик на корона-вирус!?]

Овој текст со изборот на насловот се обидува да „шокира“, но нема ништо шокантно во тоа што зрната град имале облик на корона-вирусот, бидејќи според метеоролозите, таквата форма е „сосема нормална“. Исто така, написот е контрадикторен бидејќи во еден дел се тврди дека тоа може да се протолкува како „божји знак“ за луѓето да седат дома, а во другиот дел има став од метеоролог кој ја објаснува оваа природна појава.

Линк до оригиналниот напис:Шок од небото, паѓал град во облик на коронавирус!?

Датум на објавување: 20.5.2020

Датум на рецензија: 22.5.2020

Рецензира: Силвана Жежова

 

На самиот почеток од текстот се вели:

Граѓаните на Монтеморалес во Мексико доживеале вистински шок кога виделе дека од небото паѓа град кој според обликот многу потсетува на корона-вирусот. На социјалните мрежи веднаш се појавиле фотографии од „чудниот град“, а веднаш започнале да кружат и теории на завЕри како тоа се случило. Според една теорија, тоа е „Божји знак“ чин со кој Бог сака да им каже на луѓето да останат дома?!

Вториот дел од написот ги демантира ваквите шпекулативни и сензационалистички тврдења, односно, пренесена е изјава од метеорологот при Светската метеоролошка организација, Хозе Мигуел Винас кој објаснува дека формата на градот е сосема нормална, со што паѓаат во вода претходните наводи за некаква „шокантност“ и постоење на „теории на заговор“:

 За време на бура градот добива специфичен облик и акумулира слоеви од лед на краевите. За време на силните бури кога градот станува поголем,голем дел од зрната се спојуваат и удираат едни во други , што влијае на создавањето шилци под лед, истакнал метеорологот Винас, пренесе „Дејли маил“.

Истовремено, делува дури смешно тоа што наспроти научните факти дека формирањето на градот е поврзано исклучиво со процесите што се случуваат во атмосферата, во овој текст „чудниот град“ се поврзува со некаков наводен „божји знак“ за луѓето да седат дома и да се заштитат од корона-вирусот(!).

Очигледно дека овој текст нема идеја да пренесе коректна информација, туку има цел да собере што поголем број кликови. Па, доколку бројката на читаност во текстот е точна (над 23.000 – 22.5.2020), насловот ја постигнал целта! Друга работа е тоа што ваквиот начин на обработка и пласирање на вестите се коси со професионалните принципи утврдени во Кодексот на новинарите.