Нема породена бремена жена со коронавирус во Македонија

[Рецензија: Се породи првата бремена жена со коронавирус во Македонија – бебето и мајката во изолација]

Една од поочигледните неетички и непрофесионални практики во борбата за кликови, е тоа да се напише наслов кој ќе го наведе читателот да поверува дека станува збор за вест која се однесува на Македонија, а всушност текстот се однесува на комплетно друга држава, во конкретниот пример Србија. Функцијата што ја има насловот во новинарските жанрови, е читателот да добие јасна информација што точно содржи текстот. Но, со овој наслов не е така.

Линк до оригиналниот напис: Се породи првата бремена жена со коронавирус во Македонија – бебето и мајката во изолација

Датум и време на објавување: 28.03.2020

Датум на рецензија: 28.03.2020

Рецензент: Мирослава Бурнс
Написот што го рецензираме е врамен со наслов кој алудира на тоа дека во Македонија се породила првата бремена жена со коронавирус, настан, што всушност се случил во Србија.
Во текстот сосема коректно е преведена веста, инаку објавена на повеќе српски медиуми, за породувањето на жена во Гинеколошко акушерската клиника во Блеград. Но, зошто во насловот се вели дека ова се случило во Македонија?
Во случаи кога се соочуваме со епидемија од коронавирус и кога секоја информација поврзана со овој вирус предизвикува масовно внимание од јавноста, а во исто време има и хиперпродукција на вести поврзани со оваа тема, сосема е веројатно, најголемиот дел од читателите да го прочитале само насловот, а не и целиот текст и со тоа да биле дезинформирани дека настанот се случил во Македонија. Единствениот пат кога во Македонија се споменуваат бремени жени во контекст на коронавирусот е на 15 март, кога министерот за здравство Венко Филипче информираше дека на две жени им е направен тест за коронавирусот. Истиот ден резултатите беа готови, негативни и тие беа  соопштени во јавноста.
Издржано е и прашањето, колкумина од оние кои го отвориле текстот и го прочитале, можеби пропуштиле дека станува збор за Србија, со оглед на тоа што насловот веќе ги дезинформирал.

Медиумите секогаш, а особено во случаи на епидемии треба насловите да ги прилагодуваат и изведуваат од содржината на текстот. Тоа е чесно, етичко и професионално известување. Манипулациите се недозволиви, а кликовите безвредни кога не се испорачале точните факти.

Овој напис е дел од специјалното известување на „Критинк“ за дезинформациите поврзани со епидемијата на корона-вирусот Ковид-19. Кликнете на линкот за најнови вести и проверени информации од оваа област.