Нема скратено работно време за граѓаните пред пензија

[Рецензија: Одлична новина за идните пензионери – жените со навршени 60 и мажите со 62 години старост ќе работат по 6 часа, а ја задржуваат целата плата]

Насловот на текстот што го рецензираме дезинформира околу тоа дека ќе има скратено работно време за граѓаните што се пред пензија. Оваа информација ја демантира и надлежното Министерство за труд и социјална политика, односно министерката Мила Царовска, која вели дека вакво нешто не е предвидено со измените на Законот за работните односи.

Линк до оригиналниот напис: Одлична новина за идните пензионери-жените со навршени 60 и мажите со 62 години старост ќе работат по 6 часа, а ја задржуваат целата плата

Датум и време на објавување: 20.9.2019

Датум на рецензија: 23.9.2019

Рецензент: Силвана Жежова

Се предвидува жените работнички со навршени 60 години старост да работат 6 часа, а ја задржуваат целата плата до пензија, а мажите работници со навршени 62 години старост, исто така, ќе работат 6 часа и до пензионирањето ја задржуваат целата плата.

Иако новиот Закон за работните односи сè уште се изработува, наводното намалување на бројот на работните часови за вработените лица што се две години пред пензионирање, во насловот, но и во содржинскиот дел на текстот што го рецензираме е претставено како завршена работа.  Министерката за труд и социјална работа, Мила Царовска, информацијата за скратеното работно време за мажи и жени ја оцени како дезинформација. Во изјава за медиумите таа нагласи дека на законскиот текст работат работни групи и кога ќе биде изработен, ќе има јавна дебата и дури потоа ќе биде донесен.

Тоа се дезинформации. Нека потврди медиумот ШТО изнесувал за тоа оти таква информација има од МТСП. Донесувањето на законот за работниТЕ односи се врши на транспарентен начин, изјави Царовска.

Текстот не се базира на факти и докази, туку на паушални тврдења, кои може да предизвикаат реакции и забуни како кај граѓаните така и кај работодавците. Информацијата што се тврди можела да биде проверена и преку ресорното министерство, но тоа не е сторено.

Донесувањето на Законот за работните односи сè уште е во рана фаза. Скратено работно време на луѓето пред пензија досега не е побаран од ниту еден синдикат, не е спомнат како решение, а таква пракса не е позната ниту во околните држави.