Нема закани за меѓуетнички конфликт, но има лажни обвинувања

 

[Рецензија: Командант на ОНА се заканува со нов конфликт: Ако пропадне референдумот, со или без Македонците, Албанците ќе продолжат кон ЕУ и НАТО]

 

Командант на ОНА се заканува со нов меѓуетнички конфликт ако пропадне референдумот за преспанскиот договор. На потег се МВР и Јавното обвинителство – oва е ударната порака и лајт-мотивот на написот што е предмет на оваа рецензија. Иако во него целосно се пренесува фејсбук-статус на Абедин Зимбери, поранешниот пратеник на Нова демократија во македонското Собрание, токму новинарската опрема на текстот, особено тврдењата содржани во лидот на информацијата, се проблематични од аспект на вистинитоста и утврдените новинарски стандарди за објективно и вистинито информирање. Со други зборови, она што го кажува изворот во написот не соодветствува со начинот како тоа им е претставено на читателите.

Линк до оригиналниот напис: Командант на ОНА се заканува со нов конфликт: Ако пропадне референдумот, со или без Македонците, Албанците ќе продолжат кон ЕУ и НАТО

Датум и време на објавување: 13.8.2018

Датум на рецензирање: 15.8.2018

Рецензент: Југослава Дуковска 

За првиот впечаток најпрвин се погрижи насловот: Командант на ОНА се заканува со нов конфликт: Ако пропадне референдумот, со или без Македонците, Албанците ќе продолжат кон ЕУ и НАТО. Но, кога ќе се прочита целиот текст, сосе новинарските интервенции, станува јасно дека фејсбук-статусот на Зимбери, поранешен припадник на ОНА, не само што не содржи закана за нов конфликт туку изразува легитимен политички став во поглед на референдумот што треба да се одржи на 30 септември, обраќајќи им се притоа на сограѓаните Македонци, кои ги повикува, доколку сакаат Македонија да влезе во НАТО и во ЕУ, да придонесат со тоа што ќе покажат разум, меѓусебно почитување и искрена желба за соживот. Тоа Зимбери го кажува уште во насловот на објавениот ФБ-статус: Реципроцитет на меѓуетничко почитување. Во статусот на Зимбери никаде не се кажува дека Албанците ќе продолжат каде било без Македонците ако не успее референдумот.

 

ПОВИК ЗА ЗАЕМНО ПОЧИТУВАЊЕ И СМИРУВАЊЕ НА МЕЃУЕТНИЧКИТЕ ТЕНЗИИ

Иако од објавениот материјал не може да се види кој настан или настани конкретно биле инспирација за овој настап на Зимбери, на социјалната мрежа „Фејсбук“, може да се претпостави дека се работи за инцидентот на Мечкин Камен, на прославата на 2 Август – Илинден, во кој група фудбалски навивачи упатуваа навреди на сметка на припадниците на албанската етничка заедница, што крена доста прашина во јавноста, како и реакција на Обвинителството и полицијата за некои од лицата инволвирани во инцидентот.

Фејсбук-статусот на Зимбери, благодарение на начинот на кој беше пренесен, испровоцира доста реакции по социјалните мрежи. Еве кој дел ги предизвика реакциите:

Сѐ додека ве почитувам како Македонци, сакам и вие да ме почитувате мене како Албанец. Само со реципрочно меѓуетничко почитување можеме да градиме јака, мирна и економски развиена држава. Сѐ друго води кон дестабилизација, поделби и конфликти во кои нема да има победник. Додека сме во мир можеме да ги решиме сите спорни прашања, во не дај Боже конфликтни ситуации, во кои ќе се вмешаат и нашите заеднички непријатели, тогаш кога ќе има жртви и загуби, ќе нема место за помирување, за сѐ ќе биде доцна.

Овој пасус, според критичарите, наводно содржел закана за етнички конфликт доколку Македонија не изгради „реципрочно меѓуетничко почитување“, но тој, всушност, е само потсетување на сите конфликти во поранешна Југославија, кои произлегле од нетолерантноста и нетрпеливоста што различните етнички заедници ги поттикнувале на непријателски однос кон своите сограѓани. Тешко дека може да се најде сериозен аргумент што би го оспорил ставот дека апелот меѓусебно да се почитуваме како луѓе и како припадници на различни етницитети е повик за меѓуетнички конфликт! Зимбери и претходно, пред параламентарните избори во 2016 година, ѝ се обрати на јавноста преку својот фејсбук-профил, повикувајќи го на разум своето гласачко тело и советувајќи ги да не потпаѓаат под влијанија на оние што шират етнички тензии:

Драги млади Албанци, не дозволувајте такви неодговорни луѓе да ги избирате за ваши претставници во Собрание, тие одамна ве лажат и ќе продолжат да ве лажат. Избирајте личности што ќе ви донесат економски услови за опстанок, добро образование и мирен живот со сигурна перспектива. Избирајте личности што ви донесуваат мир, а не конфликти во кои тие сами не учествуваат. Сите други изјави се само измама и манипулација што ја нарушуваaт вашата иднина. Секој обид за создавање меѓуетнички поделби треба да се казни со вашиот глас.

Прашањето е каде авторот на текстов пронашол дека Зимбери вели –

Ако не не почитувате, ние Албанците ќе продолжиме кон ЕУ и НАТО без Македонците?

Такво тврдење, поточно закана, нема никаде во текстот што го напишал Зимбери, но тој „магично“ се нашол во написот што се занимава со неговиот текст, како божемно парафразирање. Со други зборови, ова тврдење во написот што го рецензираме е – невистина. Со вакво лажно обвинување за божемни закани, се оправдува првата реченица на написот, која е наменета токму за да ги запали алармите на Македонците:

Ќе реагираат ли ОЈО и МВР на повиците за отворен конфликт на Абедин Зумбери, поранешен пратеник и командант на ОНА во 2001?

 

НЕВИСТИНИ И ПОТПАЛУВАЊЕ НА СТРАСТИТЕ 

Очигледно е дека жестокоста на реакциите не се должи на самата содржина на статусот, на кажаното во него, туку на начинот како тој беше пренесен, односно претставен во одредени медиуми, на пример, така како што тоа го прави написот што го рецензираме – сервирајќи им на читателите само селектирани факти или голи невистини. Може да се заклучи дека ако на рецензираниов напис наменатаму била да дезинформира и да предизвика револт кај својата читателска публика, таа намена ја исполнил, но тоа претставува неодговорно новинарство. Начинот како овој текст го пренесува својот извор е непрофесионален и значи опасно подгревање на меѓуетничките тензии во државата.