Рецензираме пост на „Фејсбук“, во кој е изнесен став спротивен на медицинските докази за ковид 19.
Конечно нешто разумно во колективното лудило. Нешто, што од самиот почеток беше сомнително… Можеби текстов ке биде објаснување зошто е забранета обдукција на починатите, затоа што само со обдукција може да се докаже причината од смртта. Се друго е обично мислење, се наведува во постот во кој што придружно е објавена и фотографија, со уште едно неточно тврдење.
Нешто ја труе крвта кај заразените со ковид 19. Матичните лекари кои цела година откако почна пандемијата гледаат и анализираат крвни слики на пациенти, забележуваат чудни ситуации. Некои од нив тврдат дека она што го гледаат ги наведува да заклучат дека кај болните од ковид 19 нешто како да ја труе крвта и велат дека сите крвни слики се чудни. Се случува нешто што го напаѓа организмот и тоа е нешто токсично.
Но, да тргнеме од почеток. Наспроти тврдењето изнесено во постот кој го рецензираме, дека наводно се забранети обдукции на починати од ковид-19, и препораките на СЗО и македонската пракса на Институтот за судска медицина од почетокот на пандемијата одат во дијаметрално спротивен правец од ова тврдење! Имено, како што за „Вистиномер“ тврди директорот на Институтот за судска медицина, доктор Александар Станков, обдукциите на пациенти починати од ковид не се забранети, но не се препорачливи таму каде што нема услови. Сепак, како што тврди тој, во Македонија се извршени обдукции врз пациенти починати од ковид и тоа зашто за тоа имало индикација за судско-медицинска обдукција. До јануари имало 13 обдукции на лица што имале ковид, а кај шестмина од нив, причината за смртта бил директно самиот вирус. Меѓу другите случаи, имало лица што починале во сообраќајни незгоди или, пак, извршиле самоубиство. Со други зборови, судот мора да наложи врз некој човек да биде извршена обдукција, за да се утврдат конкретните причини на смртта.
Условите што треба да ги исполнува една обдукциска сала за да може да се извршат овој вид обдукции се доста строги. Истите услови важат за сите случаи кај кои има сомнение дека носат во себе некој патолошки агенс што е со висок ризик на зараза. Овие услови пропишуваат измена на воздухот најмалку шест пати во текот на еден час, кружно движење од нечист дел во чист дел, работење во скафандер, штит-маски и со неколку пара ракавици и на крај правилно одложување на медицинскиот отпад.
– Непрофесионално и невозможно е да не се изработи обдукција кај која има судско-медицинска индикација, без разлика дали тоа тело е заразено со ковид, антракс, ХИВ или кој било патолошки агенс. Ние, за да се заштитиме, бидејќи како што реков не е возможно да се избегнат обдукции кои се од судско-медицинско значење, моравме некако да ги приспособиме пропишаните услови за работа каде што ризикот за инфекција ќе го сведеме на минимум, рече доктор Станков за Слободен печат во јануари годинава.
Тој додаде дека од обдукциите се добиваат значајни информации за тоа какви оштетувања во телото прави корона-вирусот.
Пред една година, во медиумите актуелен беше случајот кога во стан во Велес, починати беа пронајдени мајка и син, а кај мајката беше детектиран корона-вирусот токму со обдукција. Како што тогаш изјави министерот за здравство, доктор Венко Филипче, корона-вирусот бил најден во дишното стебло, а според обдукцијата, тие починале во јануари 2020 година. Тоа е најпроминентниот случај во земјава, на извршена обдукција кај ковид позитивна жена.
Што се однесува на вториот дел од постот што го рецензираме, а каде што се цитира претседателката на Здружението на матични лекари, доктор Лилија Чолакова Дервишова, дека „нешто ја труе крвта“ кај пациентите со ковид-19, поранешниот министер за здравство и професор на Медицинскиот факултет, доктор Драган Даниловски, јасно објаснува што е тоа „нешто“.
Тој со цитирање на три релевантни научни студии, објаснува за јавноста, дека всушност тоа се автоимуни реакции што ги развива организмот. Тој вели:
„Нешто токсично? Што? Да не алудира на боен отров, можеби? Сарин ли се викаше? Дали таа е застапник на таа теорија на заговор? Со каква намера се искажани овие инсинуации? Да внесат немир и страв кај луѓето? На сета мака, уште вакво „труење“ ли им фали? Загрижува обидот своите небулози да ги припише генерално на матичните доктори. Како одговор на паушалното и тенденциозно тврдење дека „нешто ја труе крвта на заразените со КОВИД-19“, на читателскиот аудиториум му нудам линкови до три студии, кои објаснуваат на што се должи тоа „труење“.
1. Во списанието Clinical Rheumatology, на 21 јануари 2021 година објавен е научен труд со наслов „Антифосфолипидни антитела и имуни комплекси кај пациенти со КОВИД-19: претпоставена улога во текот на болеста за анти-анексин-V антитела“, во која воспалителните реакции и хиперкоагулабилните состојби кај КОВИД-19 се поврзуваат со настанување на одредени автоимуни антитела. (линк до статијата)
2. Вториот труд со наслов „Протромботични автоантитела во серумот од пациенти хоспитализирани со COVID-19“ е објавен во списанието Science Translational Medicine на 18 ноември 2020 година (линк до статијата), а осврт кон ова истражување е објавен во ЈАМА на 2 февруари оваа година. (линк до статијата)
3. Третиот труд со наслов „Автоимуна хемолитичка анемија асоцирана со инфекција со КОВИД‐19“ објавен е во списанието British Journal of Haematology“на 27 мај 2020. (линк до статијата)
Ова се само дел од многубројни објавени студии последниве месеци, во кои недвосмислено се покажува дека тешките симптоми кај ковид-19, пред сѐ, се должат на автоимуни реакции.
А не на „труење“…
Поради гореизнесените аргументи, тврдењата изнесени во постот дека обдукции на починати ковид пациенти се забранети и оти „нешто“ ја труе крвта кај заболените од ковид, ги оценуваме како невистинити и како тврдења што може да ја насочат јавноста во правец на конспирациски размислувања, штетни за севкупниот информативен процес врз чија основа граѓаните ги донесуваат одлуките дали ќе се имунизираат и како ќе пристапат кон превентивните мерки.
Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „Критинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс–наведи извор-без изведени дела.