Спротивно и на логиката и на новинарските правила – насловот да ја отсликува содржината на написот, креирана е манипулативна насловна конструкција, којашто нема никаква поткрепа во текстот. Во него нема ниту збор за тоа дека се прифаќаат некакви бугарски барања, а, исто така, воопшто не се спомнува поранешниот премиер Владо Бучковски. Очигледно дека тоа е направено намерно за да се создаде погрешна перцепција во јавноста, а понатаму таа искривена слика да се шири и преку објави на „Фејсбук“
Во пост на социјалната мрежа „Фејсбук“ е споделен текст со неточен и манипулативен наслов: „Додека се занимаваме со Мијалков, Бучковски и Османи полека ги прифаќаат сите бугарски барања“. Истиот напис, заедно со насловот, е преземен од друг портал и потоа споделен во објава на „Фејсбук“.
Но, тоа што се соопштува со ваквиот наслов го нема во содржинскиот дел на текстот. Самиот наслов изгледа како „насаден“ на погрешно место. Тој е исфорсиран, тенденциозен и целосно надвор од контекстот на содржината – телото на написот.
Текстот информира за средбата во Софија меѓу министрите за надворешни работи на двете земји, Бујар Османи и Екатерина Захариева, која се одржа во вторник на 24.2.2021 г., пренесувајќи ја пораката:
…дека Бугарија ја поддржува европската интеграција на земјава, со исполнување на соодветни услови.
Во него се коректно пренесени соопштенијата од министерствата за надворешни работи на Северна Македонија и на Република Бугарија.
На крајот од текстот е пренесен и ставот на директорот на Словачката асоцијација за надворешна политика (СФПА), Томаш Стражај, искажан на онлајн-дебатата на Националната конвенција за ЕУ во Македонија „Аерозагадувањето од аспект на загревањето на домаќинствата и јавните установи“. Од овој настан Стражај порача дека политичката поддршка на Словачка за почеток на преговори на земјава со Европската Унија е многу јасна и Братислава е посветена на таа поддршка.
Тоа е целата содржина на текстот и во него нема ниту збор за тоа дека се прифаќаат некакви бугарски барања, а, исто така, воопшто не се спомнува поранешниот премиер Владо Бучковски, кој во декември минатата година Владата го именува за специјален претставник на Северна Македонија за Бугарија. Ниту, пак, написот во некаков контекст го спомнува ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, кој по дводневно исчезнување сам се пријави во Јавното обвинителство за организиран криминал, а во времето кога е објавен текстот беше во домашен притвор.
Така што, спротивно и на логиката и на новинарските правила – насловот да ја отсликува содржината на написот – тука е креирана манипулативна насловна конструкција: „Додека се занимаваме со Мијалков, Бучковски и Османи полека ги прифаќаат сите бугарски барања“, којашто нема никаква поткрепа во текстот. Или поконкретно, никаде не е објаснето со кои тоа постапки или изјави Бучковски или Османи покажале дека „полека ги прифаќаат сите бугарски барања“ и каде, кога и пред кого ја објасниле и образложиле евентуалната таква постапка. А, овие информации се од голема важност со оглед на тоа што тие се навестени во насловот. Но, во написот такво нешто нема. Ова значи дека на написот во целина му недостига контекст, односно цела една серија информации, кои насловот би го поставиле во контекст на текстот, така што би ги објасниле и аргументирале трвдењата што се наведени во него. Очигледно дека тоа е направено намерно за да се создаде погрешна перцепција во јавноста, а понатаму таа искривена слика да се шири и преку објави на „Фејсбук“.
Инаку, целосно идентичен текст, веројатно преземен од МИА, е објавен во повеќе медиуми, но со коректни наслови.
Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „Критинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс–наведи извор-без изведени дела.