Текстот на груб начин ја манипулира јавноста, почнувајќи од ударниот наслов, па низ целиот текст. Според авторот, поранешниот министер за здравство и висок фукнционер од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Тодоров, на панел-дискусија рекол дека ќе гласа „за“ на престојниот референдум на 30 септември. Но, тоа е лажна вест.
Линк до оригиналниот напис: (ВИДЕО) Никола Тодоров: Ќе гласам „за“ на претстојниот референдум (по објавувањето на написот насловот е сменет и сега гласи: (ВИДЕО) Никола Тодоров: Ќе гласам „за“ ЕУ и НАТО, но „против“ договорот)
Датум и време на објавување: 17.9.2018
Датум на рецензирање: 17.9.2018
Рецензент: Симона Атанасова
Во текстот има видео од изјавата на Тодоров, од која, доколку читателот одвои дополнителна минута од своето време, ќе сфати оти напишаното нема врска со вистинската изјава.
Во текстот пишува:
Како што рече Тодоров, кога партијата донела одлука дека сами треба да одлучат како ќе се изјаснат на 30 септември, тој ќе биде „за“.
Но Тодоров вели:
Мојот став е дека на овој референдум, јас ќе излезам и ќе гласам за ЕУ и НАТО, а против Договорот. Некој ќе рече дека нема такво прашање, јас ќе речам има. Јас ќе одговорам на тоа мое прашање.
Откако голем број медиуми бомбастично, но неточно објавија дека Тодоров ќе гласа „за“ на референдумот, и самиот Тодоров реагира на „Фејсбук“, каде што напиша дека медиумите објавиле лажна вест.
Лажна вест е дека сум рекол оти ќе гласам „за” на референдумот. Напротив, реков дека срце не ми дава да заокружуам „за”. Јасно кажувам дека ќе гласам ПРОТИВ договорот, а за ЕУ и НАТО. Ќе си го напишам сам прашањето и вака ќе си го одговорам.
Текстот претставува лажно пренесување изјава, со што се прекршуваат начелата на Етичкиот кодекс на новинарите. Тежината на штетата направена со текстот се зголемува, бидејќи информацијата е објавена во исклучително сензитивен период, на помалку од две недели пред референдумот, кога секоја јавна изјава на висок сегашен или поранешен фукнционер може да влијае врз резултатите од референдумот.
Ова особено треба да се земе предвид по големиот број споделувања на овој напис на социјалните мрежи, каде што луѓето го читаат само насловот и веруваат во напишаното без притоа да ја проверат веродостојноста на информацијата.
По објавувањето на написот и реакциите во јавноста, редакцијата го смени насловот на написот за да појасни дека поранешниот министер за здравство нема да гласа „за“ на рефередумот. Но, од друга страна, пак, никаде не е наведено дека насловот во меѓувреме е сменет.