Носењето маски не предизвикува плеврит

Објава на „Фејсбук“ дезинформира дека носењето маски кај децата може да предизвика плеврит. Станува збор за лажно тврдење, не постои ниту еден релевантен медицински доказ дека носењето маски може да предизвика плеврит, односно воспаление на белодробната мембрана. Плевритот, како што посочуваат лекарите, може да биде предизвикан од респираторни инфекции, наследни генетски состојби или одредени лекови

Во пост на „Фејсбук“, во форма на фотографија со текст, се тврди дека носењето маски подолго од 3 часа кај децата може да предизвика плеврит, односно воспаление на мембраната која се наоѓа околу белите дробови.

Ова е маската на дете по 3 часа користење. Ако сте про-маскер, добро погледнете го ова. Вашето дете многу брзо ќе се разболи, а тоа нема да биде корона. Тоа ќе биде плеврит (воспаление на мембраната околу белите дробови), стои во објавата придружена со фотографија на која се гледа нечиста маска. 

Тврдењето дека носењето маски кај децата може да предизвика плеврит е лажно. Сајтот learnaboutcovid.org го потврдува тоа. Сајтот е направен од страна на глобален тим на експерти за јавно здравје, кои нудат релевантни согледувања за ковид 19 за новинари, проверувачи на факти и водачи на информации во заедницата.

Тие пишуваат:

Плеврит, исто така познат како плевритис, е воспаление на плеврата, ткиво што ги одделува белите дробови од ѕидот на градниот кош. Може да биде предизвикано од респираторни инфекции, наследни генетски состојби или одредени лекови. Јавните здравствени и медицински експерти досега не утврдиле појава на плеврит како резултат на носење маска за да се спречи пренесувањето на ковид 19.

Плевритисот предизвикан од маски не е потврден во научната или медицинската литература. Главниот медицински директор на Американската белодробна асоцијација изјави дека не постои „медицински веродостоен доказ дека носењето маска предизвикува плеврит“.

Тие понатаму нагласуваат дека носењето маски генерално се смета за безбедно за деца и возрасни. Постојат неколку исклучоци, кај многу мали деца (под 2-годишна возраст во САД) и кај луѓе со здравствени проблеми што го отежнуваат носењето маска (пр. Одредени постојни пулмонални или срцеви проблеми, ментални здравствени состојби, развој на попреченост). За огромното мнозинство на луѓе, носењето маски е ефикасен начин да помогне во намалувањето на преносот на ковид 19 без да предизвика некои поголеми несакани ефекти, сè додека маските се чистат и се користат правилно.

Одделот за здравство во австралиската држава Викторија не ги наведува маските за лице како причина за плеврит. Состојбата, велат оттаму, е предизвикана од вирусна инфекција, бактериска инфекција, рак, тромб во белите дробови и автоимуни состојби.

Мајо клиниката од САД посочува дека „плевритот е состојба во која плеврата, два големи, тенки слоја на ткиво што ги одделуваат белите дробови од ѕидот на градниот кош, се воспалува“. Плевритисот предизвикува остра болка во градите што се влошува за време на дишењето. Разновидни основни состојби можат да предизвикаат плеврит, вклучувајќи вирусни инфекции, бактериски инфекции, габични инфекции, автоимуни нарушувања или други нарушувања на ткивото.

Клиниката „Кливленд“ соопшти: „На социјалните мрежи се појавија шпекулации дека носењето маска може да предизвика повторно да го вдишеш јаглеродниот диоксид што го издишуваш и тоа да те разболи. Додека вдишувањето високо ниво на јаглерод диоксид е опасно, тоа е малку веројатно да се случи од носење маска за лице“. Покрај тоа, има илјадници здравствени работници кои безбедно носат маски за лице секој ден.

Сервисот за проверка на факти на агенцијата „Франс прес“, исто така, оценува дека носењето маски не предизвикува плеврит.

Сервисот го цитира д-р Леон ван ден Тоорн, претседател на Холандското здружение на лекари за белодробни заболувања и туберкулоза и пулмолог од Медицинскиот центар на универзитетот „Еразмо“, кој го отфрли тврдењето дека маските предизвикуваат плеврит како „целосна глупост“.

Едноставно нема индикации дека маската за лице носи каков било ризик за здравјето, изјавил ван ден Тоорн.

Не постои ниту еден релевантен медицински доказ дека носењето маски може да предизвика плеврит, односно воспаление на белодробната мембрана. Плевритот, како што посочуваат лекарите, може да биде предизвикан од респираторни инфекции, наследни генетски состојби или одредени лекови. Тврдењето дека децата, доколку носат маска подолго од 3 часа ќе добијат плеврит е лажно, манипулативно и штетно по јавното здравје. (vistinomer.mk)

 


Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „Критинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени
од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонснаведи извор-без изведени дела.