Нострадамус не предвидел дека до 2024 година „небото ќе му пресуди на човештвото“

Пост на „Фејсбук“ сензационалистички тврди дека „небото ќе му пресуди на човештвото“, ќе дојде до трета светска војна и дека тоа ќе се случи до 2024 година, што е за три години отсега. Овие тврдења се базираат на извесен Трифко Гузина, но во текстот нема никаква потврда дека овој човек навистина погодил, односно точно протолкувал некое од пророштвата на Нострадамус. Според него, заклучокот дека „небото ќе му пресуди на човештвото“ се однесува на воздушни вооружени дејства. Не е јасно во кој дел од творештвото на Нострадамус го видел ова, односно кои се катрените што тој ги дешифрирал

На секои неколку месеци, кога нема други вести и информации што може да донесат голем број кликови, некои медиуми се фаќаат за Нострадамус. Познатиот пророк секогаш привлекува многу внимание. Тоа најверојатно се должи на желбата и љубопитноста на јавноста да дознае што ја чека во иднина.

И овој, како и претходните текстови поврзани со предвидувањата на Нострадамус, е неточен, односно произволно протолкуван, а шири страв и паника во јавноста. Притоа, текстот со наслов: „Предвидувањата на Нострадамус: Небото ќе му пресуди на човештвото, до 2024 се ќе се промени“, на социјалната мрежа „Фејсбук“ има над 50 споделувања.

Освен тоа, овој текст е и рециклиран. Ваков идентичен напис на македонските портали бил објавен и во јуни и декември минатата година, а на српските и во мај.

Написот почнува ударно. Сензационалистички тврди дека „небото ќе му пресуди на човештвото“, ќе дојде до трета светска војна и тоа ќе се случи до 2024 година, што е за три години отсега.

Овие тврдења се базираат на извесен Трифко Гузина, кој е претставен како човек што дешифрирал најмногу мисли на Нострадамус. Но, во текстот нема никаква потврда дека овој или кој било друг човек навистина погодил, односно точно протолкувал некое од пророштвата на Нострадамус.

Според него заклучокот дека „небото ќе му пресуди на човештвото“ се однесува на воздушни вооружени дејства. Не е јасно, во кој дел од творештвото на Нострадамус го видел ова, односно кои се катрените што тој ги дешифрирал.

Неколкупати досега тимовите на „Вистиномер“ и „Критинк“, пишуваа дека пророштвата на Нострадамус се нејасно напишани, па невозможно е директно да се поврзат со конкретен настан.

Творештвото на Нострадамус е изразено во катрени, односно строфи од по четири реда во вид на стихови и загатки, кои не се хронолошки наредени. Всушност, повеќето од пророштвата на Нострадамус се слабо преведени, неодредени и нејасно формулирани, со што се отворени за разни читателски толкувања и интерпретации, што, пак, остава доволно простор да се поттикнат еден куп шпекулации.

Постојат многу толкувачи на Нострадамус, а повеќето од нив различно толкуваат дури и еден ист стих што се однесува на иднината токму поради нејаснотијата на неговото пишување.

Па така, нелогично е да се тврди дека Нострадамус ги поврзувал воздушните напади со крај на човештвото. Воздушни напади има од кога се измислени летала и ќе има и во иднина. Не е нешто што е потребно да се дешифрира, ниту да се бара во пророштва. Уште помалку тоа значи крај за човештвото во следните три години.

Неодговорно е медиумите е да објавуваат заплашувачки бајати заклучоци и да цитираат разни изјави кои се шпекулативни само за да постигнат поголема читаност на текстовите и поголема видливост на социјалните мрежи.

 

 

Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „Критинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс–наведи извор-без изведени дела.