Новинарот не смее да се крие зад „партиските“ извори

Илустрација

Анализите со непостојни експерти и употребата на тајни извори станаа секојдневна рутина за некои медиуми. Новинарот е должен да ги презентира фактите, дури може и да коментира, но тоа не е интегрален дел од вестите, а тој никако не смее да се претстави себеси како експерт за сите прашања и да ја злоупотребува фразата „анонимни извори“ 

 

Фотографија од веста што се разгледува

Линк до оригиналниот напис: „Дали Беса беше потценета од понудата на Алијансата на Албанците?“ A u nënvlerësua Besa me ofertën e Aleancës për Shqiptarët

Датум на објавување: 6.2.2020

Датум на рецензија: 12.2.2019

Рецензира: Наиле Даути

 

 

Анонимните извори не треба да се злоупотребуваат

За текстот што зафаќа медиумски простор треба да биде јасно дали е мислење или вест. Наведената статија што ја разгледувавме нема никакви информации, туку само неосновани наводи. Множењето на анонимни извори, како што е направено во овој напис, го зголемува растојанието и недовербата за изворот на информации. Формулациите „нашите извори“, „внатрепартиските извори“…, користени во текстот, оставаат простор за маневрирање и создаваат чувство на сомнеж кај читателот.

„Очекуваната трилатерална коалиција не беше постигната затоа што Движењето Беса, предводено од Билал Касами, процени дека понудата на АА за коалиција не била еднаква, пишува „Експрес“. Ова го дознава „Газета Експрес“ во рамките на своите партиски извори во Движењето Беса. Според аналитичарите и познавачите на политиката во земјата, понудата била навредлива за Беса и нејзиниот електорат“, се вели во написот.

Мислењата маскирани зад нејасните формулации „според аналитичарите и познавачите на политичките околности“, кога, всушност, не се споменува ниту едно име, укажува на големата можност дека авторот на написот, всушност, го кажал своето мислење, а го припишал на анонимни аналитичари!

Концепт на манипулација „повик на традиција“

„Врз основа на резултатите од претходните избори, ваквата понуда на Села би ја оставила Беса на Билал Касами со само еден пратеник, и тоа во Шестата изборна единица“, се наведува во написот што го разгледуваме. Авторот на написот ја направил математиката на изборните резултати, кој колку пратеници ќе освои, засновано врз тоа што се случило во минатото. Ваквите калкулации не докажуваат што може да се случи. Може да се случи и спротивното, затоа не може да се извлечат заклучоци и новинарот да ја преземе истовремено и улогата на аналитичар. Всушност, тука станува збор за манипулација што во Прирачникот на „Критинк“ е опишана како „повикување на традицијата“.

Развијте ја критиката за да добиете вистинска вест

Бидејќи интернетот е простор во кој читателот наидува на река од информации, вистинити и лажни, треба да ја развиваме нашата будност за тоа што добиваме и од каде. Како што сугерира Прирачникот на „Критинк“, за читателите да бидат вистински информирани, тие мора да ги поседуваат најважните вештини за користење на медиумите и да разберат дали станува збор за манипулација или за вистински вести. Читателот мора да прави разлика помеѓу ваквите написи и вистинските новинарски информации.