[Рецензија: Сестрата на Борјан Јовановски: Срамота, само најтешките криминалци се амнестираат!]
Во текстот што е предмет на оваа рецензија е направена грешка, така што лицето што се цитира е погрешно роднински поврзано со новинарот Борјан Јовановски. Тоа, очигледно, се должи на недоволната информираност.
Линк до оригиналниот напис: Сестрата на Борјан Јовановски: Срамота, само најтешките криминалци се амнестираат!
Датум и време на објавување: 15.10.2018
Датум на рецензирање: 16.10.2018
Рецензент: Ана Анастасовска
Овој напис е инспириран од повикот на премиерот Зоран Заев за помирување меѓу власта и опозицијата, кој дел од јавноста и медиумите го протолкуваа како понуда за амнестија за настаните од 27 април, со цел опозицијата да даде поддршка за уставните измени и за прифаќање на Договорот со Грција.
По ваквиот повик на Заев на социјалните мрежи имаше многубројни коментари, меѓу кои и од посоченото лице во текстот, Слободанка Јовановска. Но, тука е направена грешка – Јовановска е посочена како сестра на „режимскиот новинар“ Борјан Јовановски и нејзиниот коментар е земен со цел напад врз власта и врз премиерот Заев.
Сега е повеќе од очигледно дека Заев и СДСМ е страната што упорно нуди амнестија во замена на гласовите на опозицијата за промена на уставното име. Имено на ваквиот непристоен предлог реагира и сестрата на режимскиот новинар Борјан Јовановски, која на „Фејсбук“ коментираше дека е „срамота, само најтешките криминалци се амнестираат“.
Неколку часа подоцна медиумот ја увиде својата грешка и изврши измени, наведувајќи дека Слободанка Јовановска е главен и одговорен уредник на весникот „Независен“.
Исто така, веќе е избришано и името на новинарот Борјан Јовановски и спомнувањето на неговата сестра. Но, она што недостига се извинувања упатени до сите спомнати во написот, и за направената грешка и за искористувањето погрешно име.
Исправка: во првичната верзија од написот беше погрешно наведено дека цитираната колешка Слободанка Јовановска има исто име со сестрата на Борјан Јовановски. Тоа не е точно и е поправено. Се извинуваме.