„Метаморфозис“ и „Евротинк“ издадоа практичен прирачник за медиумска писменост и критичко мислење

Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“ и „Евротинк“ – Центар за европски стратегии го објавија прирачникот за неформално образование со наслов „Со критичко мислење до разобличување на дезинформации, изработен во рамки на проектот „КриТинк“ со поддршка на Европската Унија.

Прирачникот (PDF) претставува алатка за неформално образование во областите на медиумската писменост и критичкото мислење и се појавува во период кога е крајно неопходен за да послужи како средство за медиумска едукација и алатка за борба против напливот на дезинформации и манипулации во јавниот дискурс.

Првичната идеја за неговата изработка е тој да се користи како дидактичко средство при спроведување обуки/работилници на учесници што спроведуваат мали проекти од овие области, но и како појдовна литература и практичен водич во образовниот процес во формалното и неформалното образование за ученици, студенти, претставници на граѓанското општество, медиумски работници и за сите за кои едукацијата во областите на медиумската писменост и развивање на критичкото мислење претставува дел од нивната професионална работа.

Сепак, тој има и многу поширока примена со оглед на фактот што содржи примери од современата медиумска пракса, односно актуелни примери на новинарски производи како подлошка при развивањето на вештините на критичкото мислење и е погоден за самостојно учење. Ова значи дека прирачникот може да им послужи на сите заинтересирани граѓани за лична едукација и да им помогне во разоткривањето и разобличувањето на различните видови дезинформации и манипулации во медиумите и на социјалните мрежи.

Мултидисциплинарен тим составен од претставници на невладиниот сектор, медиумската и академската сцена работеше во период од две години на неговата изработка и тој е издаден во рамките на поширокиот проект „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – КриТинк”, кој двете организации го спроведуваат со финансиска поддршка на Европската Унија. За изработката на прирачникот финансиски средства беа обезбедени и од Владата на Обединетото Кралство, со поддршка на британската амбасада од Скопје.

Оваа корисна алатка е наменета за слободно користење за сите заинтересирани и може да се преземе и прочита на следниот линк.