Од непроверен фејсбук-статус не бива вест

[Рецензија: НЕВЕРОЈАТНО: Операцијата за рушење на Заев оди како по рецепт, сега се креира нова НСДП, која го сруши Бучко и го доведе Грујо на власт во 2006-та, Геро и Милчин ќе формираат нова политичка партија за да му украдат 50-100 илјади гласови на СДСМ!]

Имајќи ги предвид неколкуте основни правила за тоа што е вест и како еден наслов треба да изгледа, може да се каже дека оваа објава нема никаква врска со новинарството.

Линк до оригиналниот напис: НЕВЕРОЈАТНО: Операцијата за рушење на Заев оди како по рецепт, сега се креира нова НСДП која го сруши Бучко и го доведе Грујо на власт во 2006-та, Геро и Милчин ќе формираат нова политичка партија за да му украдат 50-100 илјади гласови на СДСМ!

Датум и време на објавување: 16.8.2019

Датум на рецензирање: 16.8.2019

Рецензент: Ана Анастасовска

Пред нас имаме еден невообичаен наслов од пет реда во кој со големи букви: „НЕВЕРОЈАТНО“ се најавува:

Операцијата за рушење на Заев оди како по рецепт, сега се креира нова НСДП која го сруши Бучко и го доведе Грујо на власт во 2006-та, Геро и Милчин ќе формираат нова политичка партија за да му украдат 50-100 илјади гласови на СДСМ!

Во оваа бомбастична насловна конструкција се изнесуваат сериозни тврдење за кои се очекува во текстот да бидат изнесени сериозни факти и докази. Но, наместо текст, на читателот му е понуден единствено скриншот од фејсбук-статус на Билјана Бејкова, директорка на НВО Инфоцентар, која порачува:

Овој статус на Бејкова го споделил новинарот Бранко Героски и тоа за авторот на оваа таканаречена вест е „доказ“ дека „Геро и Милчин ќе формираат партија за да го срушат Заев“. Ова негово тврдење ниту е проверено ниту е поткрепено со факти, само е истресено од ракав. Нема ниту изјави од засегнатите страни, нема ништо. Всушност, оваа објава воопшто и не е новинарски производ, не е вест.

Да потсетиме на некои од основните работи во новинарството и како се пишува вест. Прво и основно, кога се пишува некоја вест, таа мора да содржи новост, да биде јасна, разбирлива и балансирана. Најважното во веста мора да биде во првата реченица, односно во лидот.

Редоследот на зборовите во лидот се утврдува според нивната важност за тоа што е новото. Веста мора да одговори на 5+1 најважни прашања: Кој?, Што?, Каде?, Кога?, Како? и Зошто?. Овие правила важат за сите медиуми (печат, радио, телевизија, интернет-портали). Особено важат за агенциските вести на кои се потпираат широк круг корисници.

Секоја вест мора да има извор. Може да биде официјален, неофицијален, анонимен, но мора да е сигурен и неговите тврдења да можат да се проверат. Веста мора да се провери од што е можно повеќе извори за да биде веродостојна.

Насловот е оној што прв го привлекува или го одбива вниманието. Поради тоа, насловот мора да информира, а не да дезинформира. Бомбастични наслови од типот како овој погоре, имаат цел само да привлечат кликови и ништо повеќе.