Од „штелувањето“ на вистината не се гледаат фактите

             

     [Рецензија: Зошто ДОМ стави малолетни деца „фронтмени“ на протестите]

 

Рецензираме текст што на необјективен и непрофесионален начин се занимава со неодамна одржаниот граѓански протест против отворањето на рудникот за бакар и злато Иловица-Штука. Маскиран во новинарски извештај од настан, овој пропагандистички текст дезинформира, пресудува и застапува страна, давајќи искривена слика за еден настан за кој добиваме сосема поинакви информации од другите медиуми што го покривале. Од него читателот може многу малку да дознае за самиот протест, но затоа, пак, детаљно е информиран што за протестот и неговите организатори мисли концесионерот на рудникот, компанијата „Еуромакс рисорсис“, па легитимно е да се прашаме во чија функција ако не на објективното информирање, било објавувањето на овој текст? Особено манипулативен е насловот, кој прашува зошто ДОМ става малолетни деца за фронтмени на протестите, иако во самиот текст стои како факт дека протестот има друг организатор, а дека претставници на ДОМ биле само гости.

Линк до оригиналниот напис: Зошто ДОМ стави малолетни деца „фронтмени“ на протестите

Датум и време на објавување: 24.3.2019

Датум на рецензирање: 3.4.2019

Рецензент: Југослава Дуковска 

 

Ова е вкупната бројка на присутни на денешниот протестен марш во Босилово. Денешниот протестен марш против рудникот Иловица–Штука беше предводен од малолетни деца и поддржан од политичката партија ДОМ.

Веќе првите две воведни реченици, кои треба да ја носат веста во овој извештај, речито зборуваат со каква намера е пишуван текстот, бидејќи дезинформираат во поглед на тоа КОЈ го организирал, манипулираат со тоа КОЈ го предводел протестот и не информираат колкава била вкупната бројка на присутни. „Ова е вкупната бројка…“ не може да биде информација за бројноста на протестот, туку коментар, иако фотографијата на која упатува реченицава, рака на срце, сепак, покажува респектабилна бројка на учесници на протестниот марш.

Но, написот упорно инсистира на тоа дека:

Малата бројка на учесници на денешниот протест покажува дека поголемиот број од населението го поддржува проектот на „Еуромакс“,

илустрирајќи го ова тврдење со уште една фотографија направена од воздух пред да тргне поворката по улиците на Босилево, на која се гледа помала група демонстранти. Сепак, и оваа фотографија како и насловната не го потврдуваат кажаното. Како што веќе рековме, фотографиите и видеоматеријалите, објавени од другите медиуми што известуваа од протестот, како и од самиот организатор, го говорат токму спротивното во однос на масовноста на протестот.

Истата фотографија послужи и како основа за манипулација во врска со малолетниците на протестот, кои де факто биле присутни, но, како што може да се види од другите јавно достапни фотографии, не биле предводници, туку учесници на граѓанскиот еколошки протест против потенцијален загадувач во нивната средина. Спомнувањето, пак, на партијата ДОМ во контекст на малолетниците е, во најмала рака, непрофесионално алудирање, бидејќи организаторот на протестот, „Младите на Штука-Иловица против рудникот“ непосредно пред настанот соопшти преку својот ФБ-профил:

Ги известуваме жителите на струмичките општини и јавноста дека нашиот Протестен марш во недела, на 24 март 2019, во Босилово, е целосно независен од какви било политичко-партиски и други влијанија. Нашата иницијатива „Младите од Штука-Иловица против рудникот на смртта“ е организатор и одговорен субјект за настанот и нема да дозволиме никакви обиди за политичко или друг вид профитирање на сметка на Протестниот марш. 

Факт е дека на протестот имало претставници на ДОМ и легитимно е да се покрене прашањето дали во таа поддршка има обид за собирање политички поени? Но, исто така, треба да се има предвид дека токму оваа партија успеа во парламентот да ги излобира и истурка измените на Законот за минералните суровини, со кои се забранува употребата на цијанид и сулфурна киселина во технолошкиот процес на рудниците за злато и бакар. Па поради тоа, споменатиот Закон и залагањата на ДОМ имаат тесна врска токму со борбата против отворањето на рудникот Иловица-Штука.

Во написот стои дека организаторот ниту еднаш не се појавил во јавноста, што не е точно.

Повикот за протест се појави на социјалните медиуми во почетокот на месецов, повикувајќи ги жителите од Струмичкиот Регион, но ниту еднаш во јавноста не се појави организаторот на настанот.

Неточноста на ова тврдење е лесно проверлива со мало пребарување на интернетот. Иако, немале многу дадени изјави за медиумите, меѓу другото и поради тоа што се неодамна оформени како група, организаторите на овој протест и тоа како се појавиле во јавноста комуницирајќи со неа преку соопштенија, објавени на нивната фејсбук-страница, а кои потоа ги пренесоа неколку медиуми.

Написот во продолжение се занимава со „организаторот“, без ниту еднаш да му го спомне името, поставувајќи дилеми од типот: имаат ли поддршка кај месното население, имаат ли политичка заднина, кој ли ги финансира? Но, од необјаснети причини овие прашања не им се поставени на организаторите. Ама затоа тука е концесионерот, кој очигледно бил „расположен“ да дава одговори:

Исто така, останува дилемата како се финансираат овие граѓански организации, кои, очигледно, постојат само да водат „нечија“ битка против рудникот? Група жители неодамна излезе и со изјави за поддршка на отворање на рудникот, а, според концесионерот, на повеќето средби што ги организирал со локалното население, имале висок одѕив на присуство и поддршка и голем интерес за вработување.

Организаторите на протестот во Босилово, здружението „Младите на Штука-Иловица против рудникот“, пак, се огласија со соопштение по повод објавувањето на написот што го рецензираме, критикувајќи ја пристрасноста со која тој медиум известуваше за протестот:

Весникот „Вечер“ е познат уште од почетокот на отпорот против рудниците на смртта како ревносен поддржувач на истите, и продолжува да манипулира со цел да наштети на нашата борба, ставајќи се во „служба“на компанијата „Еуромакс рисорсис“.
Денес објавија еден срамен текст, во кој практично сè е манипулација, вклучително и снимките од дрон од моментите кога сè уште не беа присутни сите учесници на Маршот. 

Сè на сè, останува несоборливиот впечаток за пристрасен и непрофесионален третман на настан, кој поради спецификата на проблемот – судирот на интереси околу отворањето на рудник во струмичкиот крај – требаше да се третира со посебно внимание и балансираност во известувањето.