Опасни теории на заговори

Фото: pixabay.com

Во основата на секој заговор е вградена опасноста од некаква закана, но и реалната можност од нејзино остварување. Во штетните теории на заговори оваа закана може да послужи како појдовен импулс за почеток на мобилизација и масовна организација, кој би водел до разорен след на настани со штетни и несогледливи последици

 

Пишува:Д-р Билјана Ѓонеска, научна соработничка, МАНУ

 

Опасноста од еден „заговор“ е директно зависна од слабоста на неговите „господари“.

Овој исказ важи еднакво и за планираните (т.е. практичните), но и за претпоставените (т.е. теоретските) заговори. Имено, во основата на секој заговор се вградени два елементи: злокобно навестување и реална можност за негово остварување. Вистинските заговори стануваат потентни кога нивните господари се морално-етички „импотентни“ т.е. кога заговарачите се неспособни за транспарентни и консензуални договори. Теориите на заговори, пак, добиваат разорна моќ кога се поддржувани и придвижувани од „слаби“ карактери т.е. кога заговарачите бараат прибежиште во едноставни и „црно-бели“ наративи, за комплексни и нијансирани настани со многу нејаснотии и „сиви зони“.

Сепак, почетните групирања мотивирани од наративи за туѓо заговарање заради наштетување, можат да бидат наивни и во извесна мера полезни за поединецот, па дури и општествено конструктивни. На пример, тие можат да обезбедат чувство на припадност и заедништво за оние кои се чувствуваат обесправени и маргинализирани. Здруженоста, пак, може да им даде глас на обезгласените и да поттикне на политички дебати и дијалози. Во најдобар случај, некои здружувања за разобличување на претпоставени заговори, можат навистина да придонесат за зголемена отчетност на властите и претставниците на системот. Во други случаи, теориите на заговори остануваат неутрални т.е. немаат придвижувачка моќ кон општествени промени. Наспроти нив, постои група на опасни теории на заговори, бидејќи служат како појдовен импулс за мобилизација за штетни дејства со несогледливи последици. Во продолжение е даден преглед на несаканите ефекти од теориите на заговори врз меѓучовечките односи, политичките прилики и здравјето на граѓаните. 

Општество

Изложеноста на опасни теории на заговор може да го поттикне чувството на несигурност и разочараност од системот, но и недоверба и отворено непријателство кон неговите претставници. Ова може да се преслика и на блиските меѓучовечки релации, и на односите со пријатели и членови на фамилијата (посебно оние кои не се поддржувачи на истиот наратив). Врските со најблиските можат да страдаат и цели семејства може да се распаднат под товарот на различните ставови. Ова доаѓа од фактот што вербата во некои опасни теории на заговор може да биде тешко искоренлива, посебно кога ги надоместуваат емотивните потреби или се тесно врзани со религиските и идеолошките убедувања на верувачот. 

Политика

Оние теории на заговор кои служат како „прибежиште“ на обесправените, или како „оправдување“ за изгубеното општествено влијание можат да доведат до политичка апатија. Пример, безволието и резигнираноста во редовите на приврзаниците од партии кои изгубиле политички избори, би можеле да резултираат со намалена излезност на следните избори. Во прилог на ова се и резултати од домашно истражување кое покажа дека излезноста на референдумот во 2018 г. беше намалена (а поддршката за анти-ЕУ теории на заговори напоредно зголемена), кај приврзаниците на политичката опција која ги изгуби претходните парламентарни избори во 2017 година.

Од друга страна, пак, некои непријателски теории на заговори можат да ги радикализираат своите поддржувачи и верувачи, да ги закрват односите со трагетираните групи и поединци, па да придонесат за поларизација на општеството. Навистина, истражувањата покажуваат дека приврзаниците на крајно-леви и крајно-десни политички опции имаат поизразена склоност за верување во теории на заговори, каде во улога на заговарачи се јавуваат различни групи (пример, кај крајно-левите тоа се претставниците на капиталистичките елити, а кај крајно-десните тоа можат да бидат припадници на други вери и етникуми). Во таа смисла, теориите на заговори служат како „умножувачи на радикализацијата“ и потсилувачи на екстремистичките формации.

Во краен случај, верувањето во опасни теории на заговори може да претставува директен ризик-фактор за зголемен криминал, насилство и вооружени судири. Причините можат да бидат најразлични како: разрешување од работна и морална одговорност (заради разочараност во системот и неговите претставници) или нетрпеливост и отворено непријателство кон луѓе (кои се жртви на теории на заговори).

Наука

Посебно внимание заслужуваат оние теории на заговори кои ги негираат непобитните научни факти врзани со здравјето на луѓето. Опасноста од климатските нарушувања и од инфективното заболување со новиот корона вирус се најважни проблеми, а теориите на заговори кои нив ги негираат водат до зголемена сомничавост, несигурност, колебливост, двоумење, негирање, отпор, па дури и директно спротивставување кон мерките за нивно ублажување или решавање. Пандемијата со ковид-19 претставува најгорливиот проблем за човештвото, а масовното поведение на луѓето е клучот за успехот. Во услови на пронајдена вакцина и постојни третмани за поддршка на болните, судбината на човештвото сепак зависи од поединечниот капацитет на секој од нас, со критичко око да ја согледа лагата, но и да ѝ погледне право во око на вистината. И воопшто, способноста за препознавање на опасни конспиративни наративи како и за предвидување на несакани далекусежни последици, е моќ која треба да настојуваме и да ја јакнеме, бидејќи таа е одбранбен штит од секојдневните замки, стресови и несакани прилики.

 

Авторката  е национална претставничка во европскиот проект за „Компаративна анализа на теории на заговори“ (conspiracytheories.eu).

Овој едукативен текст е подготвен во рамки на проектот „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – КриТинк“ кој го спроведуваат Фондацијата Метаморфозис и Евротинк со финансиска поддршка на Европската Унија. Содржините од КриТинк се слободни за целосно преземање согласно условите на лиценцата Криејтив комонс, под услов да се наведе изворот и да се постави линк кон онлајн ресурсниот центар crithink.mk. Содржините не секогаш ги изразуваат ставовите на Европската Унија.