Проектот е финансиран од Европската Унија
Со критично мислење до граѓани со медиумска умешност - КриТинк
Mendim kritik për qytetarë me shkathësi mediatike - CriThink
Critical Thinking for Mediawise Citizens - CriThink
Home Blog Page 2

„Новиот светски поредок“ на австралиската министерка за здравство ги разбуди теоретичарите на заговор

Фразата нов светски поредок, употребена од здравствен функционер во Австралија, искористена на „Фејсбук“ за пласирање дезинформација дека тоа е основата на целата пандемија со ковид 19

 

Објава на „Фејсбук“, пренесувајќи ја изјавата на шефицата на јавното здравство во Австралија, ја шири добро познатата теорија на заговор за нов светски поредок, која се актуализираше со појавата на пандемијата на корона-вирусот.

Во објавата се наведува, меѓу другото, следново:

Новиот светски поредок беше само теорија на заговор и во главите на забеганите, а сега е реалност што почнуваме сите да ја живееме. Прашање за сите оние што се смееја изминативе години на тие „теории на заговор”, сега кога повеќе не се кријат и јавно кажуваат што реализираат, знаете која е крајната цел на тие „теории на заговор” и што се треба да се реализира? Или повторно е само во нашите глави? Веќе јавно ви кажуваат што прават, а вие упорно тврдите дека се „теории на заговор”. Дефинитивно заслужен ви е ужасот што ви следи.

Што кажа докторката?

Д-р Кери Чант, главен здравствен директор на Нов Јужен Велс, ги „запали“ социјалните мрежи, откако се осврна на „новиот светски поредок“ за време на прес-конференцијата по повод новото заклучување на земјата поради ковид-19.

Двете страни на повторно отворените бизниси ќе мора целосно да се вакцинираат против ковид-19, објави д-р Чант, а на работните места „ќе има некаков систем за проверка на тоа“. Но, нејзиниот следен коментар предизвика бура.

Ќе разгледаме како изгледа следењето контакти во новиот светски поредок – да, тоа ќе бидат пабови и клубови и други работи, ако имаме позитивен случај таму [но] нашиот одговор може да биде различен ако знаеме дека луѓето се целосно вакцинирани, рече таа.

Фразата „нов светски поредок“ е термин што редовно се користи за да се опише времето на промени. Иако терминот „нов светски поредок“ децении наназад го користеле политичарите, меѓу кои и поранешниот американски претседател Џорџ Х. Буш, поранешниот американски државен секретар Хенри Кисинџер и поранешниот британски премиер Тони Блер, тој, исто така, беше предмет на голема теорија на заговор, според која зад сцената се врши формирање угнетувачка светска влада, која ќе ја ограничи слободата на граѓаните управувана од сили како илуминатите или масоните. Теоријата често носи антисемитски поттонови.

По изјавата на д-р Чант, терминот „нов светски поредок“ масовно почна да се објавува на „Твитер“ во Австралија, а потоа и низ целиот свет. Една верзија на видеото, објавено од корисник на „Твитер“, има повеќе од 2,5 милиони прегледи. Пребарувањата на „новиот светски поредок“ на „Гугл“ рапидно се зголемија, објави порталот „Крики“ од Австралија.

Се разбира, употребата на фразата не беше најава од главниот здравствен службеник на државата дека се поставува како глобален монарх. (Ако тоа беше целта, би било лошо да се објави на прес-конференција додека власта веќе не е преземена.) Идејата е смешна за секој што не е веќе подготвен да верува, пишува Крики.

Широко употребуван термин

„Нов светски поредок“ е прилично широк поим и има длабоки корени во историјата, но, во 20 век почнува употребата на такви термини од страна на антинацистичките и антифашистичките политичари од типот на Винстон Черчил, па има друга конотација и употреба за време на блоковската поделба на светот, па трета во посткомунизмот, четврта денес итн.

Иако за новиот светски поредок се врзуваат десетина теории на заговор, основното е дека, до денес, ниту една не е докажана, ни потврдена, а на следниот линк на Метабанк може да се видат повеќето разобличувања на теориите на заговор за „новиот светски поредок“, објавувани редоследно и хронолошки.

„Би-би си“, во една опширна анализа за теориите на заговор за новиот светски поредок, појаснува дека тие се секогаш силни кога властите од која било причина не даваат повеќе информации, што резултира со масовна недоверба, што значи поврзани се и со транспарентноста при владеењето. А, колку се опасни овие теории на заговор, зборува и фактот што Европската Унија има посебна страна посветена на теориите на заговор, каде што може да се види како тие да се препознаат и како да се спречи нивното ширење, како дел од општата борба против дезинформациите.

Според ова, можеме да заклучиме дека постот што го анализираме е дел од овие светски теории на заговор според кои пандемијата против корона-вирусот се користи за воспоставување некаков нов светски поредок. Разни теории за новиот светски поредок почнаа да се појавуваат од самиот почеток на пандемијата, а „Вистиномер“ голем дел од нив ги има веќе дебанкирано.

Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „Критинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс–наведи извор-без изведени дела.

 

Аргентински лекар не се вакцинирал со две дози во ист ден

Фотографиите се вистински и се направени во Аргентина, но човекот не зел две дози од вакцината. Фотографиите се направени во болницата „Енрике Вера Барос“ во аргентинскиот град Ла Риоха, а мажот облечен во жолто е лекарот Рафаел Фернандез. Тој на својт фејсбук-профил самиот објасни дека не ја примил вакцината двапати: „Се случи да има група од повеќе луѓе што сакаа да учествуваат во оваа прва вакцинација. И за погодноста на медиумите, се одлучи да се сменат местата и да се сменат рацете. Медицинската сестра продолжи да вакцинира други луѓе, па се смени и медицинскиот персонал. Не бидете злобни со толкувањата“.

 

 

Рецензираме пост на „Фејсбук“ во кој е споделена фотографија на која е претставен медицински работник како во истата облека се вакцинира, како што лажно наведува авторот, „со две дози вакцина во ист ден“.

Навали народе! Прими две плати само една! Еве како доктор прима вакцина, прво во лева, потоа во десна рака и тоа во ист ден. По се изгледа дека првата слика е излегла добро, се вели во постот.

Но што, всушност, се случило?

Овие фотографии, иако се најдоа на социјалните мрежи во земјава во септември 2021 година, потекнуваат од Аргентина и се снимени на крајот на 2020 година. Доказ за тоа е што и на други страници на „Фејсбук“ во декември 2020 година (на пример тука и тука) се споделени во истиот контекст и со истиот наратив: дека наводно лекарот бил вакциниран двапати во ист ден и тоа пред камери.

Меѓутоа, дали е тоа навистина така?

Краткиот одговор е не, а подолгиот следува во продолжение.

Фотографиите се вистински и се направени во Аргентина, но човекот не зел две дози од вакцината. Фотографиите се направени во болницата „Енрике Вера Барос“ во аргентинскиот град Ла Риоха, а мажот облечен во жолто е лекарот Рафаел Фернандез. Доктор Фернандез е претседател на болничкиот кризен комитет и тој беше првиот од тој центар што ја прими руската вакцина против ковид „Спутник В“. Конфузијата настана откако министерот за здравство на Ла Риоха, Хуан Карлос Вергара објави неколку фотографии каде „човекот облечен во жолта боја“ се појавува во една поза, а прес-службата на владата во Ла Риоха објави други фотографии од истиот настан со д-р Фернандез во друга поза.

Објаснувањето е едноставно. На првата фотографија, лекарот бил вакциниран, а втората била само симулација за да може во кадарот на фотографите и камерманите да влезат и политичките претставници. Докторот не примил две дози. Весникот „Ла Насион“ објасни дека вторите фотографии се направени за да може во кадарот да влезат и заменик-гувернерот на градот и другите присутни власти.

А, на следниот видеозапис, може и самите да погледнете дека навистина било така, односно дека лаборантот само позира, а вакцината не е аплицирана.

И конечно, лекарот Фернандез на својт фејсбук-профил самиот објасни дека не ја примил вакцината двапати.

Сакам да појаснам дека не бев вакциниран двапати. Се случи да има група од повеќе луѓе што сакаа да учествуваат во оваа прва вакцинација. И за погодноста на медиумите, се одлучи да се сменат местата и да се сменат рацете. Медицинската сестра продолжи да вакцинира други луѓе, па се смени и медицинскиот персонал. Не бидете злобни со толкувањата, напиша докторот од  фотографиите.

Поради сите овие изнесени факти, оценуваме дека е невистина оти аргентинскиот доктор се вакцинирал двапати во две различни раце со две различни дози во ист ден.

Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „Критинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс–наведи извор-без изведени дела.

Во пожарот во тетовската модуларна болница не загинаа 30, туку 14 лица

Откако во Тетово избувна пожар, во кој до темел изгоре ковид-центарот сместен во модуларната болница и откако стана јасно дека во трагичниот настан има и починати граѓани, медиумите почнаа да лицитираат со неточни бројки на починати што предизвика паника кај граѓаните и семејствата

 

Медиумот „Точка“ објави дека меѓу починатите имало и медицински персонал, што не е точно. Истиот медиум во своето првично информирање посочи дека имало 30 жртви на пожарот, иако официјалните бројки на Министерството за здравство вечерта беа 10 лица, а утредента 14 лица, чии тела беа пренесени на обдукција на Институтот за судска медицина во Скопје. Претходно, „Сител“ објави дека неофицијално бројот на починати е 30 лица, при што ваквата информација беше преземена и од други портали.

И телевизијата објави дека меѓу починатите неофицијално, имало медицински персонал, што не е точно.

Потоа и други медиуми се надоврзаа на оваа информација, односно ја пренесоа.

Податокот за 30 починати меѓу кои и медицински персонал се најде и на порталот „Мактел“.

Имаше и медиуми што ја преземаа информацијата, но ја избришаа.

Ваквата дезинформација се прошири и на социјалните мрежи.

Министерството за здравство во соопштение до медиумите информира дека во пожарот загинале вкупно 14 лица. Во ковид-центарот за време на пожарот имало вкупно 26 пациенти, преостанатите 12 се на лекување во тетовската болница и се надвор од животна опасност. Нема настрадани здравствени лица. Неколкумина се со полесни повреди.

Од Министерството, вечерта кога се случи пожарот, апелираа да не се шпекулира со бројките, бидејќи сите потврдени информации навремено ќе бидат споделени со јавноста.

Оценуваме дека не е вистина оти во тетовската болница починале 30 лица во пожарот што избувна во модуларната болница. Починале 14 лица и сите се пренесени на Институтот за судска медицина во Скопје на обдукција и на утврдување на идентитетот.

 

Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „Критинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс–наведи извор-без изведени дела.

Британските лекари не добиваат по 12.58 фунти за вакцина, туку парите се за ординацијата

Невистинито е тврдењето во постот дека лекарите во Велика Британија ќе добијат пари по администрирана доза вакцина. Овие пари се за да се спроведе процесот, да се обучат лекарите и да функционираат приватните амбуланти, како што било случај и со вакцината против грип. Британскиот модел на финансирање на амбулантите функционира како мал бизнис, каде што за секоја дополнителна програма потребни се медицински средства, кадар и простор за да се спроведе вакцинацијата, а овие пари, односно фондови, не одат во џебот на лекарот, туку во самата ординација. Но, најголемата невистина е дека овие пари се за да се мотивираат здравствените работници да вакцинираат деца. Овој финансиски надомест е воведен на почетокот на вакцинацијата во Британија, кога воопшто не беше на повидок дека вакцината на „Фајзер“ ќе се администрира на деца

 

 

Рецензираме пост на „Фејсбук“ во кој се вели дека во Велика Британија се прави притисок да се вакцинираат деца на возраст од 12 до 16 години, а причината за тоа, според авторката на постот, е наводниот финансиски надомест којшто го добивале лекарите по администрирана доза.

Комитетот за безбедност на вакцини реши сепак децата да не ја примат, но владата си тера по свое и реши да не ги слуша научниците. Колку за информација таму докторите ќе добиваат 12.58 фунти по вакцина. Значи денес ако вакцинираат 100 деца тоа се 1258 фунти. Се се врти околу парите. Да ти се згади од однесувањето на одредени здравствени работници, пишува во постот.

Прво, делумно неточно е дека Комитетот за безбедност на вакцини решил децата да не ја примат вакцината против ковид. Според информацијата објавена на „Ројтерс“, Комитетот за вакцинација на Британија препорачува вакцинација на деца од 12 до 15 години, ама само на тие што имаат коморбидитети. За децата што се комплетно здрави, а се на истата возраст, било кажано дека по апликација на вакцината на „Фајзер“, која е единствената одобрена за деца поради завршени клинички студии, се случувало да има ретки случаи на миокардитис и дека е потребно да се види како на подолг рок тоа би ги имплицирало децата. Но, за имунокомпромитираните деца се препорачува вакцината и во Британија и во други европски земји, како и во САД и во Израел.

Што се однесува, пак, до плаќањето на лекарите што ја администрираат вакцината и тоа по 12,58 фунти за доза, оваа информација не е точна. Прво, не е вистина дека финансискиот надомест е за лекарите. Второ, не е точно дека финансискиот надомест е воведен за тие да се мотивираат финансиски и да вакцинираат повеќе деца. Зошто? Затоа што овој финансиски надомест беше најавен во ноември 2020 година, кога немаше вакцинирање деца, а вакциналниот процес за возрасната популација беше на самиот старт.

 

За каков финансиски надомест се работи?

Станува збор за паричен надомест којшто треба да осигури дека општите лекари можат на пациентите да им понудат услуга – вакцинација против ковид. Лекарските ординации во Британија оперираат како мали бизниси и овој надомест е достапен за да се обезбеди можност да им ја понудат услугата на своите пациенти.

На крајот на 2020 година NHS (National Health Service) и Британската медицинска асоцијација постигнаа договор, според кој амбулантите добиваат по 12.58 фунти за ковид-вакцинација. Многу британски амбуланти се мали бизниси кои имаат договор со National Health Service (NHS). Тие генерално функционираат со партнерство каде двајца или повеќе доктори работат како бизнис-партнери, според независната здравствена организација „The kings fund“.

Финансиските средства коишто амбулантите ги добиваат од NHS се за да се финансираат основни здравствени услуги. Сумата се пресметува според бројот на пациентите што ги има амбулантата и нивните здравствени потреби.

Но, вакцинацијата се смета за „понапредна услуга“ и се плаќа дополнително на амбулантата.

Значи, парите се за амбулантата, а не за индивидуални доктори.

Еден од првите текстови на оваа тема од ноември 2020 година, објаснува дека овие амбуланти се платени 10 фунти за да администрираат вакцина против грип. Оваа сума за ковид-вакцината е зголемена за 25 проценти затоа што лекарите мора дополнително да се тренираат, да се набљудува пациентот поствакцинално и други дополнителни услуги.

Британската медицинска асоцијација на 3 декември 2020 година објави упатство, одговарајќи на прашања како, на пример: „Како можеме да го менаџираме ова без значајни фондови за дополнителен кадар?“ и „Дали можеме да го направиме ова со предложената сума на финансирање?“…

Поради горенаведените факти како невистина го оценуваме изнесеното тврдење дека лекарите ќе добијат пари по администрирана доза. Овие пари се за да може да се спроведе процесот, да се обучат лекарите и да функционираат приватните амбуланти, како што било случај и со вакцината против грип. Британскиот модел на финансирање на амбулантите не е ист како македонскиот и функционира како мал бизнис, каде што за секоја дополнителна програма, потребни се медицински средства, кадар и простор за да се спроведе вакцинацијата, а овие пари односно фондови се токму за да ги покријат тие трошоци и не одат во џебот на лекарот, туку во самата ординација. Но, најголемата невистина е дека овие пари се за да се мотивираат здравствените работници да вакцинираат деца, од причина што овој финансиски надомест е воведен на почетокот на вакцинацијата во Британија, кога воопшто не беше на повидок дека вакцината на „Фајзер“ ќе се администрира на деца. Во поглед на надоместокот, за амбулантата сосема е сеедно дали ќе вакцинира дете или возрасен.

 

Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „Критинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс–наведи извор-без изведени дела.

Лага за вакцината и децата во училиштата

Лажна вест е пласирана како објава на „Фејсбук“ дека со самото тоа што сте ги испратиле децата во училиште сте дале и согласност за вакцинација против ковид

„Прочитајте добро родители, ова е буквален фашизам и тиранија”, бомбастично најавува авторот на објавата на „Фејсбук“ што ја рецензираме и кој споделува фотографија во која на македонски јазик пишува:

СЗО сега вели дека присуството на вашето дете во училиште се смета за информирана согласност за вакцинација – родителско присуство не е потребно.

Нема линк до содржината и кога ќе се пребара овој наслов на пребарувачот „Гугл“, нема резултати. Според објавената фотографија, може да се заклучи дека оваа лажна вест не е објавена на ниеден медиум. Постот, сепак, е исклучително вирален, споделен над 100 пати.

Што велат фактите за вакцинацијата на децата?

Прво, да видиме, како е во Северна Македонија во поглед на вакцинација на децата?

На 12 јули 2021 година, Министерството за здравство објави дека секој родител или старател кој сака неговото дете да се вакцинира ќе треба да го пријави на веб-страницата: vakcinacija.mk.

По пријавувањето, се доделуваат термини за вакцинирање на децата.

Родителите или старателите ќе може да ги регистрираат децата и од петок ќе почне апликацијата на вакцините. Потребно е да се закаже термин за вакцинација на децата поради планирање на потребните количини вакцини „Фајзер“, рекоа оттаму.

Вакцината на „Фајзер“ доаѓа спакувана во вијала која содржи шест дози. Кога оваа вијала ќе се отвори (скрши), потребно е во краток временски период од неколку часови да се искористат сите шест дози. За да нема фрлање на дозите, Министерството реши да оди со закажување на вакцинацијата, за да може да ги планира дозите.

Освен ова, во објавата погрешно се опишува како Светската здравствена организација ја дефинира „информираната согласност“.

СЗО – се бара согласност од родителите во секој случај

Најважно е дека СЗО нема никаква правна моќ да одредува здравствени политики во  која било од нејзините земји членки кои се суверени.

Според службата за односи со јавноста на СЗО, организацијата препорачува во земјите членки што спроведуваат вакцинација на децата, да се добие согласност од родител или старател на еден од трите начини: усно, писмено или имплицитно.

Усното и писменото давање согласност се јасни и прецизни. Усна согласност значи дека родителот и старателот го донел детето на вакцинација и лично се согласил со тоа. Пишана согласност значи дека родителот или старателот дал согласност за вакцинација во писмена форма.

Третиот механизам, имплицитна согласност, е она на кое се однесува постот што го рецензираме. Според СЗО, родителот дава имплицитна согласност ако го прати своето дете на вакцинална сесија, откако бил известен од страна на здравствените власти дека вакцинација ќе се случи на одредено место, во одредено време.

Во мејл упатен како одговор на прашањата на странските проверувачи на факти на „Политифакт“, СЗО вели дека, на пример, имплицитна согласност е ако родителот го испрати своето дете на училиште на ден кога е најавено дека ќе се спроведува вакцинација ако претходно родителите биле информирани дека вакцинацијата ќе се случи во тоа училиште и им била дадена можност да одберат да не го вакцинираат детето или да преземат соодветни чекори за да ја изразат нивната желба да не го вакцинираат.

СЗО објави документ во кој објаснува за писмена, усна и имплицитна согласност за вакцинација во 2014 година, што значи дека ова се спроведува со години уште пред пандемијата со корона-вирусот.

И во Македонија вакцинацијата на децата не е задолжителна, како што не е задолжителна ни таа на возрасните. За децата помлади од 12 години не постои можност да се вакцинираат, затоа што компанијата „Фајзер“, на пример, чека да завршат клиничките студии за оваа млада возрасна група. За оние од 12 до 15 години, родителот мора да даде согласност и самиот да го пријави детето на сајтот за вакцинација, по што ќе добие датум и време за аплицирање на дозите.

Поради сите горенаведени факти, постот што го рецензираме го оценуваме како невистинит и дезинформација.

Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „Критинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс–наведи извор-без изведени дела.