Проектот е финансиран од Европската Унија
Со критично мислење до граѓани со медиумска умешност - КриТинк
Mendim kritik për qytetarë me shkathësi mediatike - CriThink
Critical Thinking for Mediawise Citizens - CriThink
Home Blog Page 265

Нарачано новинарство: Нема факти, само чаршиски муабети

Recension Visar Ganiu
Recension Visar Ganiu

Скриншот од веста што се рецензира

Текстот што го рецензираме е пример за тоа како не треба да изгледа еден новинарски производ, особено кога станува збор за политичарите. Медиумите треба да бараат одговорност од носителите на политичките функции и институциите користејќи аргументи, а притоа треба да докажат користејќи видеа и документирани фотографии. Во овој текст нема аргументи. Во него нема факти, а целиот пристап е сосема погрешен и воопшто не е објективен.

Линк до оригиналниот напис: Граѓанин: Чаир продолжува да биде како Кандахар иако помина 1 година од „Договорот“ на Висар Ганиу

Датум и време на објавување: 11.10.2018

Датум на рецензија: 24.10.2018

Рецензент: Џенис Сулимани

 

Кога веста нема аргументи, на медиумот не може да му се верува

Текстот почнува со „Помина 1 година од нереализираниот ’Договор‘ на Висар Ганиу, Чаир како Кандахар!”. Освен фактот дека во првата реченица има јазични грешки, авторот не ја поддржува својата теза со ниту еден аргумент. Не постои документирана слика што би ја убедила јавноста и би ја прикажала реалната ситуација во однос на инфраструктурата. Читателот може да увиди дека во овој напис нема точни и целосни информации. Авторот не пишува подолго и суштински за ситуацијата во општината.

Јавноста има право да знае од каде доаѓа тврдењето дека општината наликува на град во Авганистан и оти сегашниот градоначалник не реализирал ниту една точка од своите изборни ветувања.

 

Проверете дали во текстот недостасува втората страна

Наместо да го искористи текстот за да ги наброи фактите со кои сака да нѐ убеди, авторот цитира граѓани што остануваат анонимни и кои зборуваат за работата на градоначалникот Висар Ганиу.

„Како што беше пред 365 дена, така останува и денес, срам за овие луѓе на власт“ – вели еден граѓанин од Чаир.

Ова, за нас, кои ја рецензираме веста, е аргумент дека авторот користи селективен пристап кога ги прикажува работите што не ги направил градоначалникот. Селективниот пристап е техника на манипулација, која обично се користи за да се издвои само еден аспект, кој му одговара на авторот.

Ситуацијата е уште полоша во ова писание, бидејќи жителите се анонимни. Во печатените медиуми не може да има анонимни жители, освен ако авторот не нагласи во текстот дека лицето тоа го побарало од него. На телевизија, каде што има слика, жителите можат да не се именуваат, но во печатените медиуми тоа е неприфатливо, бидејќи има можност изјавите да се измислат!

Дали има аргументи за да се истакнат жалбите на граѓаните?!  На пример, слика од неисчистен парк, фотографија од лоша инфраструктура, видеа од ветувањата за кои се заложил градоначалникот дека ќе се исполнат за една година од владеењето итн.

Од друга страна, кога се известува за вакви случаи, новинарот е должен да ѝ даде можност да се искаже и на втората страна опфатена во написот. Во текстот не треба да недостасува ниту изјава од Висар Ганиу за обвиненијата, а уште помалку „Договорот“ – политичката програма на градоначалникот.

 

Доколку забележите вакви текстови, знајте дека не се вистински новинарски производ

Јавноста има право да биде информирано точно и објективно. Во овој текст нема аргументација, недостасува втората страна, недостасува „Договорот“… Читателот треба да има целосна информација за настаните и политичките збиднувања за да може да формира критичко мислење. За читателот да биде праведен гласач, потребни му се проверени и неселективни аргументи, кои не се користат за пропагандни цели. Медиумите треба да му помогнат на читателот. Буквите во новинарскиот производ треба да бидат придружени со факти, извори… Особено кога се разгледува одговорноста на политичарите и фаќањето за јавно кажаниот збор.

Одењето пеш на обвинителката на СЈО, Фатиме Фетаи, не е вест oд јавен интерес

Скриншот од веста што се рецензира

Несомнено, некои информации што медиумите ги претвораат во вести немаат јавен интерес, безвредни се, и колку повеќе ја интересира јавноста. Таков е примерот со веста за одењето пеш на обвинителката на Специјалното обвинителство, Фатиме Фетаи. Овој текст дури и ја навредува интелигенцијата на читателот – дека ако некој изврши човечка функција, одење, тоа требало да биде вест!

Линк до оригиналниот напис: И Фатиме Фетаи оди пеш (ФОТО/ВИДЕО)

Датум и време на објавување: 29.10.2018

Датум на рецензија: 8.11.2018

Рецензент: Ферикан Илјази

 

Тука нема ни вест ни јавен интерес, туку само „жолт“ текст!

Краток текст полн со прашалници. Како може да биде интересно кога една обвинителка оди пеш од судот до блиските кафетерии, неколку метри подалеку. На прв поглед, од насловот, авторот го тера читателот да мисли дека е научна фантастика ако една обвинителка, граѓанин како и секој друг, се шета слободно низ улиците на Скопје.

Дури и ако не е невообичаено обвинителката Фатиме Фетаи да оди пеш низ улица, со овој напис, авторот направил тоа да изгледа како нешто необично, и тоа им го продал на читателите како вредна вест или вест од јавен интерес. Но, каде е тука јавниот интерес за тоа што јаде, што пие, кога оди пеш Фатиме Фетаи?

 

Критериумите за вести се јасни

Јавен интерес би бил кога Фатиме Фетаи би се видела за време на некоја истрага, за време на некоја средба со лице што би можело да биде инкриминирано или, едноставно, ако се известува за нејзината работа како обвинителка. Јавен интерес, исто така, може да биде и нејзиниот приватен живот ако е во судир со професијата што ја работи, но не и фактот дека таа „одела пеш“, наместо да оди со автомобил неколку метри.

Новинарот има должност „да му ги отвори очите на читателот“ за разни општествени појави што го засегаат директно, а оваа вест нема шанси директно да го засега читателот.

Според критериумите за пишување вест, таа треба да е од јавен интерес, да открива некаква злоупотреба на власта или слично, а овој текст не исполнува ниту еден од елементарните критериуми за да биде вест.

Кодексот на новинарите на Македонија е јасен за тоа која е улогата на новинарот и дека медиумите не треба да се злоупотребуваат за сензационални вести или слични вести.

„Новинарот не смее да го користи медиумот за објавување или прикривање информации за стекнување лична корист. Митото, корупцијата и изнудувањето се неспојливи со новинарската професија. Не смее да се дозволи рекламирањето и другите комерцијални мотиви да влијаат врз слободата на информирањето. Треба да постои разграничување меѓу рекламирањето и новинарскиот текст со илустрацијата.“

„Новинарот ќе ја почитува приватноста на личноста, освен кога тоа е во спротивност со јавниот интерес. Новинарот е должен да ги почитува личната болка и жалост.“

„Новинарот треба да прави разлика меѓу фактите и мислењата, меѓу веста и коментарот.“

 

Зошто овој текст не треба да стои во информативната рубрика?

Идеално би било да не се објавуваат вакви работи, бидејќи тие се навистина губење време. Сепак, најмалку што можел да направи авторот на веста е да го ставел написот во рубриката за трачеви или шоу-биз, бидејќи сега така го сметаат и приватниот живот на обвинителите на СЈО. Така и на граѓаните ќе им беше јасно дека не читаат информација или вест, туку едноставно чаршиски муабет.

„Не биди медиумска мета“ – студентите пренесуваат пораки како да се заштитиме од дезинформации

Фото: Критинк, 2018

 

 

„Секој ден сè повеќе се зголемува бројот на медиумите кај нас, а секој ден сè повеќе се намалува бројот на новинарите во вистинската смисла на зборот. Оваа несериозност и недостатокот на регулација на медиумите ќе влијаат за уште поголемо ширење дезинформации во општеството“, беше пораката на студентот Филип Ѓоршовски од отсекот за новинарство на Правниот факултетот „Јустинијан Први“ на говорот на студентскиот настан со мотото „Не биди медиумска мета“

 

Студентите по новинарство од Правниот факултет „Јустинијан Први“ денес одржаа собир под мотото „Не биди медиумска мета“ на платото на универзитетот „Светите Кирил и Методиј“ во Скопје. Оваа активност се реализира во рамките на проектот „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – КриТинк“, спроведуван од Фондацијата „Метаморфозис“ и невладината организација „Евротинк“  – Центар за европски стратегии.

Универзитетската професорка Јасна Бачовска вели дека овој собир се одржа со цел да се подгне свеста за медиумската писменост кај студентите. Според неа, ова прашање треба да се разгледа посериозно од Министерството за образование и наука и треба да се воведе посебен предмет за учениците да научат за медиумската писменост.

Целта на настанот е да ја запознаеме јавноста, да имаме што повеќе информирани луѓе за истите да знаат што значи медиумска писменост, за подоцна како граѓанско општество да можеме да вршиме притисок кон надлежните за развој на решенијата за овој проблем – изјави Јасна Бачовска, професор на Правниот Факултет и дел од организаторите на овој настан.

Филип Стојановски од Фондацијата „Метаморфозис“ вели дека преку овој проект ќе се зголеми медиумската писменост на граѓаните, како еден од основните предуслови за развој на едно демократско општетсво.

Со цел да им помогнеме на граѓаните од различни заедници, од различни возрасти и социјални групи да се зближат преку едукативни написи поврзани со медиумската писменост и критичкото мислење како предуслов за развој на едно демократско општество, бидејќи граѓаните во минатото немале можност да добијат такво знаење, особено во однос на тоа што неодамна се појави како нов вид медиуми – рече Стојановски.

На овој собир беа пренесени неколку пораки како „Не биди медиумска мета“, „Јас имам идентитет“, „Доста со дезинформации“, „Доста со манипулации“, „Јас не сум вмрежен“, „Студентите се авангарда“.

Во рамките на овој проект ќе се одржат четири работилници во текот на ноември и декември наменети за студентите. Овој проект се очекува да се прошири и во основните училишта со цел учениците да стекнат знаења за медиумите.

 

Квиз за одбележување на Неделата за медиумска писменост во Битола

Од 5 до 9 ноември оваа година за првпат во Битола со голем број на настани се одбележува Неделата за медиумската писменост. Главен акцент е ставен на слободата на медиумите, слободата на изразување и медиумската умешност и критичко мислење кај младите.Здружението Ганимед од Битола во рамки на проектот „Тема за дилема“, а како дел од проектот „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – КриТинк“ во соработка со ТВ 21 денес, на 7 ноември, реализираше квиз во кој учествуваа сите средни училишта од Битола со свои претставници.Стекнатото знаење од седумте работилници кои претходно беа одржани им помогна на учениците да одговорат на 36-те прашања, за кои имаа 4 понудени одговори. Реализацијата на квизот одеше по електронски пат, употребувајќи ги најновите технички решенија.

Од седумте средни училишта кои учествуваа на овој квиз, најдобри беа учениците од гимназијата „Јосип Броз Тито“ кои дадоа најголем број на точни одговори на поставените прашања.

Здружението Ганимед од Битола во рамки на одбележувањето на Неделата за медиумската писменост распиша и конкурс на тема Медиумска писменост и критичко размислување и тоа во две категории: постер со најдобар слоган и постер со најдобар цитат. Конкурсот е веќе затворен, а како што велат организаторите, интересот од страна на средношколците бил голем. Нè уверуваат дека пристигнале голем број на креативни и оригинални постери.

За победниците на овој конкурс ќе одлучува стручна комисија, а најдобрите 10 постери со цитати и слогани ќе бидат изложени на изложбата со која ќе биде заокружено одбележувањето на  Неделата за медиумската писменост. Овој настан е закажан за 9 ноември 2018 година во Porta Jazz со почеток од 12 часот. За најуспешните ученици следуваат симболични награди.

Медиумската недела се одбележува во светски рамки од 5 до 9 ноември, а најмногу активности се реализираат во Канада, САД и некои европски земји. Членовите од здружението Ганимед велат дека ваквите иницијативи и активности треба да се прават и во нашата земја, за истите да станат традиционални настани кои ќе ја промовираат и афирмираат медиумската писменост, слободата на говор и критичкото мислење кај најмладите.

Плагијати, наслови, фотографии и говор на омраза

Фото: pixabay

 

МЕТОДОЛОГИЈАТА НА СЕРВИСОТ ЗА ПРОВЕРКА НА ФАКТИ ВО МЕДИУМИТЕ – (III дел)

– утврдување, структура, цели и ограничувања –

 

Утврдената методологија за анализа на објавените прилози во македонските медиуми кај рецензентите имаше цел да ги направи поостроумни читателите, гледачите или слушателите и да ги направи почувствителни на лагата или искривената вистина! И, секако, да ги направи повнимателни. Методолошкиот избор на Сервисот за проверка на факти се базираше на искуства на одредени искусни новинари, на искуства на странски набљудувачи, како и на предлози на трети лица (читатели или гледачи) од кај нас. Секако, се користеше и Кодексот на честа на Здружението на новинарите на Македонија

 

[Првиот дел од овој напис со наслов „Каков е процесот на откривање на вистината во медиумските производи“можете да го најдете овде, а вториот дел со наслов „Вистинитост, извори, содржајност, коментирање“ можете да го прочитате овде.]

 

Пишува: Љубомир Костовски

 

Утврдената методологија за анализа на објавените прилози во македонските медиуми кај рецензентите имаше цел да ги направи поостроумни читателите, гледачите или слушателите и да ги направи почувствителни на лагата или искривената вистина! И, секако, да ги направи повнимателни. Методолошкиот избор на Сервисот за проверка на факти се базираше на искуства на одредени искусни новинари, на искуства на странски набљудувачи, како и на предлози на трети лица (читатели или гледачи) од кај нас. Секако, се користеше и Кодексот на честа на Здружението на новинарите на Македонија

 

Петта задача: има ли плагијат или внесување етичка компонента во рецензијата

Методологијата содржи и други елементи, повеќе врзани за она што значи новинарска етика. Појавата на плагијаторство е една од нив. Во рамките на СПФМ е изработена посебна програма (Времеплов), која може да провери дали некој текст презел делови од друг постоен текст и во кој обем.

Рецензентот тука треба да пристапи на проверка и тоа по две основи:

– има ли делумно или целосно копирање;

– дали, ако има преземање, е нагласен изворот, односно авторот;

Под плагијат во рамките на оваа методологија се подразбира дело настанато со повреда на авторското право на трето физичко или правно лице преку пренесување цели или делови од туѓи медиумски содржини и тоа: без дозвола на нивните автори, односно носители на авторското право; без наведување податоци за авторството или со изменети податоци за авторство.

Во новинарството, плагијатот претставува кршење на новинарската етика. Според член 12 од Кодексот на новинарите на Македонија: „Плагијаторството е неприфатливо. Цитатите не смеат да се користат без да се нагласи изворот или авторот“.

Рецензентите го проверуваат сомневањето за плагијат на едно дело врз основа на следните критериуми:

– Содржината изгледа како целосна или делумна копија;

– Не е нагласен изворот или авторот или, пак, тие елементи се пренесени различно од првобитната форма;

– Постои директна жалба од оригиналниот автор/издавач искажана јавно или директно до Сервисот во форма што може да се документира;

– Постои непочитувања на условите зададени во некоја од слободните лиценци Криејтив комонс.

Рецензентот определува кога еден оригинален напис е објавен (датум, час и минута) врз основа на јавно достапните информации на веб-страницата на медиумот и прави споредба на тоа време со времето на објавување на написот за кој постои сомневање дека е плагијат.

 

Шеста задача: одредување на квалитетот на насловот

Следниот елемент што го оценува рецензентот е квалитет на насловот на текстот. Тој треба да задоволи неколку елементи:

– да биде јасен, односно преку насловот да ја откриете содржината на веста и така да се одлучите да го прочитате или следите;

– дали насловот е креативен и досетлив – насловите се сметаат за посебна вештина во новинарството и рецензијата го вреднува тоа;

– има ли сензационалност во насловот – ова не мора да има негативен контекст, бидејќи авторот преку насловот го бара својот консумент, но притоа не смее да се премине на нешто што не извира од содржината на веста!

– насловот мора да биде одраз на содржината на веста, значи дека не може само да привлекува внимание, а внатре, во веста, да нема никаква основаност;

– дали насловот е јасен, што значи не смее да биде двосмислен или да го доведува во заблуда читателот.

Оттука, овој критериум како и проверката дали има плагијат се сметаат за етичките елементи на една рецензија.

 

Седма задача: соодветност на фотографијата

Како и кај утврдување на квалитетот на насловот, што има и своја естетска компонента, присуството и квалитетот на илустрациите на еден текст се, исто така, дел од рецензијата. Една вест или слична новинарска содржина може и не мора да има фотографија (таа не се бара кај телевизиските прилози, се разбира) или друг тип илустрација (карикатура, на пример). Рецензентот, секако, не настојува текст во печатен медиум да биде придружен со таков елемент, иако тој е посакуван.

Оттаму, ако таква апликација постои, се цени дали:

– фотографијата (илустрацијата) е соодветна на содржината на текстот;

– дали е оригинална или копија;

– дали преку фотографијата (илустрацијата) се прави манипулација;

Оваа последната задача треба да оцени дали текстот е коректен по сите основи како вест, репортажа или осврт, но преку фотографијата се прави нешто што може да се смета за коментирање, наклоност кон одредена страна и слично. Оваа навидум небитна проверка е во основа значајна, бидејќи објавувањето фотографии надвор од нивниот оригинален контекст може да биде опасна манипулација со која може да се загрози приватноста на луѓето или да му се нанесе штетана угледот на компаниите и на другите субјекти.

 

Осма задача: утврдување дали постои говор на омраза

Со оваа задача сe навлегува во полето на основните човекови права и слободи, кои новинарите треба да ги заштитуваат. Јасно, задачата доаѓа оттаму што овие права многу често се повредуваат и тоа обично преку непочитување на културните, религиозните и етничките разлики. Нивното воочување секако не е недозволиво, бидејќи е одраз на разноликоста на самите општества. Но, битно е текстовите за тие разлики да не го користат јазикот на омразата и да не поттикнуваат насилство и дискриминација по верска, национална, расна, полова или која било друга основа на омраза.

Во отсуство на дефиниција во македонскиот правен систем, говорот на омраза се смета како говор што промовира или поттикнува насилни дејства или кривични дела сторени од омраза и кој креира клима на омраза и предрасуди, која, пак, на крајот може да поттикне извршување на такви дела.

Овој аспект на активност на рецензентот се потпира на неколку основни истражувачки прашања, но доколку рецензентот идентификува поинакви аспекти на прекршување на основните човекови права и слободи, особено во однос на говорот на омразата, листата може да се прошири.

Овој аспект се осврнува на неколку основни истражувачки прашања:

  • има ли навредлив говор и дискредитација;
  • има ли говор на омраза;
  • има ли поттикнување на насилство;
  • има ли дискриминација и по која основа

Најчести феномени што се анализираат се од областа на човековите права (расизам, ксенофобија, сексизам, хомофобија, говор на омраза, негативно стереотипизирање и профилирање…).

Откако новинарот-рецензент ќе ги одреди параметрите во секој од десетте критериуми, текстуално го образложува таквиот избор за параметрите што имаат влијание врз квалитетот на соопштената информација и ја комплетира рецензијата со воведен и заклучен дел.

 

Задачи на методологијата

Методологијата, од една страна, му помага на рецензентот да се држи до формата и содржината што може да го доведе до објективна оценка. Оневозможено е евентуално коментирање и влегување во дијалог на рецензентот. Од друга страна, таа ја релативизира моќта на евентуалните приговори, бидејќи прашањата и одговорите низ кои рецензентот минува се стандардни, имаат и меѓународно искуство зад себе и го скусуваат просторот за субјективен приод кон оценките.

Рецензентските текстови или, пак, оние аналитички осврти што се однесуваа на поопшти сознанија или позабележливи дефекти во медиумското дејствување треба да ги направат поостроумни читателите, гледачите или слушателите и да ги направат почувствителни на лагата или, да речеме – искривената вистина! Во таков случај консументите самите би станале посензибилни критичари на она што се објавува и би можеле да ги проценуваат медиумите во нивниот однос кон вистинитоста, а оттаму самите потоа да можат да се определат за следење на медиумите што им се посигурни во однос на објективно третирање на фактичката реалност.

 

(крај)