Проектот е финансиран од Европската Унија
Со критично мислење до граѓани со медиумска умешност - КриТинк
Mendim kritik për qytetarë me shkathësi mediatike - CriThink
Critical Thinking for Mediawise Citizens - CriThink
Home Blog Page 266

Каков е процесот на откривање на вистината во медиумските производи

Фото: pixabay

 

МЕТОДОЛОГИЈАТА НА СЕРВИСОТ ЗА ПРОВЕРКА НА ФАКТИ ВО МЕДИУМИТЕ – (I дел)

– утврдување, структура, цели и ограничувања –

Утврдената методологија за анализа на објавените прилози во македонските медиуми кај рецензентите имаше цел да ги направи поостроумни читателите, гледачите или слушателите и да ги направи почувствителни на лагата или искривената вистина! И, секако, да ги направи повнимателни. Методолошкиот избор на Сервисот за проверка на факти се базираше на искуства на одредени искусни новинари, на искуства на странски набљудувачи, како и на предлози на трети лица (читатели или гледачи) од кај нас. Секако, се користеше и Кодексот на честа на Здружението на новинарите на Македонија

 

[Вториот дел од овој напис со наслов „Вистинитост, извори, содржајност, коментирање“ можете да го најдете овде, а третиот дел со наслов „Плагијати, наслови, фотографии и говор на омраза“ можете да го прочитате овде.]

 

Пишува: Љубомир Костовски

 

Чинот на проверката на фактите во новинарството во една организирана и секојдневна активност кај нас како пионерски потфат ја имаше Сервисот за проверка на факти во медиумите (СПФМ) при Фондацијата „Метаморфозис“. Таквата активност е позната во либералните општества со демократски уредувања и станува сопатник на производството и дистрибуцијата на вестите. Тој чин претставува низа активности на проверка на фактичките тврдења во одреден текст со цел да се утврди вистинитоста или точноста на фактичките содржини во текстот. Генерално, таа активност на рецензентот се однесува на вестите објавени на кој било медиум, на репортажи, изјави, интервјуа и други жанрови во новинарството. Вообичаено е да се исклучуваат само коментарите (колумните) како авторски поглед на некои појави или личности. Во рамките на СПФМ, правени се соодветни анализи дури и на цели телевизиски дневници, што како активност на рецензентот вклучуваше и дополнителни оценки, пред сѐ, кај структурата на овие програми.

 

Проверка на фактите како реакциска активност

Чинот на проверка на фактите, инаку, во поновата историја на новинарството, постоеше во рамките на активностите на редакциите. Тоа се правеше пред текстот да биде објавен (ante-hoc) за да не се доведе читателот, гледачот или слушателот (со еден збор консументот) во некој вид заблуда или содржината да биде погрешно разбрана, па на консументот да му биде нешто сугерирано без за тоа да постои основа. Ова го прават редакциите кои се опремени за такви проверки и кои имаат традиција до која држат, а сакаат да бидат докрај информативно коректни пред дистрибуцијата на текстот.

Постои нешто што вообичаено се работи и по објавување на еден текст (post hoc), обично на следните редакциски состаноци, особено ако некоја содржина предизвикала реакција во јавноста или кај дел од редакцијата има сомнение дека медиумот едноставно со изнесените тврдења (факти) направил повреда на професионалноста, односно ги довел консументите во заблуда.

Во развиениот свет, во современите американски списанија вообичаено е, на пример, една третина од вработените да работат на проверка на факти – на барање на авторот или на уредниците – а тоа е обично бројка на ангажирани лица еднаква со тие што пишуваат стории. (Третата третина се административците).

Post hoc проверката на фактите најчесто е проследена со писмен извештај за неточности, која ја вршат опремени оддели (обично се наведува Factchecker од „Вашингтон пост“, кој секоја година избира најголема „лажна вест“, т,нр Pinocchios). Во последно време има и специјализирани проекти посветени на post-hoc проверка на фактите, како што се FactCheck.org и PolitiFact.

 

Опсервација на вистинитоста на вестите во Македонија

Истражување на влијанието на проверката на фактите како практика кај нас е релативно нова. Настана во еден миг на проценка на стручниот дел од јавноста дека на глобално информативно ниво е загрозено правото на јавноста да добива точни и релевантни информции и оти политичките структури, во борбата за власт и влијание, едноставно, ги злоупотребуваат производителите на вести. Оттаму, аналитичката проценка на она што кај нас се извршува на овој план имаше цел да исправи некои погрешни перцепции кај граѓаните или да ги обесхрабри политичарите од ширење дезинформации. И Сервисот за проверка на факти во медиумите (СПФМ) во рамките на Фондацијата „Метаморфозис“ се појави токму по овие мотиви во услови кога медиумските слободи во земјава беа на најниско можно ниво и кога медиумите главно служеа за објавување дезинформации или кога едноставно беа само пренос на партиски интереси.

Целта на екипата, која работеше врз прашањето на утврдување на методологијата, беше да се подобри севкупната атмосфера во информативната дејност, како при начинот на правење на вестите или во пристапот кон изнесување на сознанијата од македонските новинари, што севкупно требаше да резултира со промени во однесувањето на редакциите. Бидејќи, оправдано се очекува дека доколку новинарот или уредникот знае отиследува одржлива post-hoc рецензија од страна на СПФМ, може да добие и негативен одек во јавноста и да се намали неговата уверливост, а со тоа да биде девалвирана и неговата позиција на пазарот. Доколку таа рецензентска улога би била аналитичка и искажана на јазик што би бил приемлив за консументите на медиумските содржини, би се чувствувала таа непристрасност во приодот, би требало да создаде ситуација во која редакциите би биле повнимателни.

Авторите на методолгоијата целат кон тоа написите да се анализираат според неколку главни критериуми во чии рамки се поставуваат истражувачки прашања, со чии одговори се идентификуваат различни параметри, кои, всушност, ја дефинираат „оценката“ на рецензентот за анализираниот напис. Избраните параметри понатаму текстуално се елаборираат, со што се добива една конечна форма на рецензијата, составена од лесно воочливи (графички претставени) квалитативни оценки и текстуален дел кој го образложува изборот на рецензентот на конкретните параметри. Изборот на параметрите не значи нужно давање негативна или позитивна оценка. Работата на рецензентот е преку јасен текст да ги стави таквите оценки во контекст на анализираниот медиумски напис и на тој начин да ја дефинира сликата за неговиот квалитет.

 

Содржински компоненти на методологијата

При изборот на елементите што требаше да ги содржи методологијата, се поаѓаше од искуства на домашни новинари, искуства на странски опсервери, како и на предлози на трети лица (читатели или гледачи) од кај нас. Секако, се користи и Кодексот на Здружението на новинарите на Македонија. Искуствата на странските оценувачи се доминантни, бидејќи таму оваа активност постои доста долго, користените елементи го издржале тестот на времето и се земаат како сигурна база за аналитичка проценка. И токму затоа методологијата е универзална, односно важечка за сите медиумски производи од опфатените новинарски жанрови. Па, така, кога рецензентот анализира каков било новинарски производ, тоа му овозможува да го пополни секој сегмент, односно да одговори на секое прашање поставено во методологијата.

Ова значи дека авторот на рецензиите кај дневните вести, како и кај другите содржини, најчесто пред себе користи точно одредени прашања (или може да ги наречеме и точки за опсервација), кои се идентични во однос на секој поединечен наслов што се анализира. Ова, пак, значи дека позицијата на рецензентот е секогаш иста во однос на предметот на анализа и тоа е мерило дека секој наслов се гледа низ фер плеј тест, односно дека не може да се смета оти методот има елементи на релативизација или на субјективен приод.

Затоа, прашањата и одговорите што се дел од содржината на методологијата дури имаат свој јасно видлив графички приказ, хронолошки и логички поставен, па и самите кај читателот доведуваат до заклучок за вредноста на текстот, кон еден вид на сумирање „плусови“ и „минуси“ по многу сегменти. Впрочем, ова не значеше дека текстот неминовно мора да добие лоша или добра оценка, туку треба само да се постават основите за дефиниција на квалитетот.

 

Кои написи се анализираат?

Јасно е дека во еден шаренолик простор исполнет со многу медиуми, каков што е македонскиот, не може да се рецензираат ни приближно сите или, да речеме, главни медиуми и написи во нив. Тука е неопходна селекција, која ја врши уредништвото на Сервисот или, пак, самите рецензенти по свој избор. И едните и другите мора притоа да се водат од некои критериуми.

Обично појдовен критериум за рецензија е избраниот новинарки производ да содржи група специфики што го прават атрактивен. Или поинаку – новинарскиот производ да е јасно дефиниран како информативен, почнувајќи од содржината и формата. Според ова, рецензентите го препознаваат како информативно новинарско изразување со вредносен минимум на информацијата.

Што се подразбира под оваа дефиниција?

Во основа се работи за атрактивност на написот. Или, тоа е оној новинарски производ кој во даден момент многу веројатно би предизвикал поголем интерес кај консументите во однос на дневната понуда на наслови, бидејќи одговара на актуелноста во времето на објавувањето, се однесува на важни личности, групи луѓе или настани, врши некакво влијание врз сознајниот круг на теми кај читателите или гледачите и слично. Од ова произлегува дека тука селекција од тоа дали односот на рецензентот кон тој напис би бил како кон негативни примери од новинарската практика. Напротив, треба да се издвојуваат и оние написи со позитивен предзнак во анализата, како патоказ за авторите, но и за читателите. Дополнително, на изборот за рецензирање свое место има влијателноста на медиумот.

Какви беа првите реакции на работата на СПФМ, а со тоа и на методологијата?

Рецензентот веднаш се соочува со тоа дека кај нас не постојат навики пишувачите на информации да се држат до правилата на професијата, па појавата на методологијата секако предизвикува изненаденост или збунетост во редакциите.  Таа методологија впрочем е во спротивност со основната цел на постоењето на многу медиуми, а тоа е дека тие немаат задача да ја прикажат вистината, туку некого да убеати во тоа што е вистина, а што не! Имаше и доста бурни реакции, па и разни видови закани, обиди за интервенции и слично, но тоа само покажува дека Сервисот разбива една атмосфера на некритичко правење и примање на вестите и другите жанрови кај нас.

 

(продолжува)

 

Вистинитост, извори, содржајност, коментирање

Фото: pixabay

 

МЕТОДОЛОГИЈАТА НА СЕРВИСОТ ЗА ПРОВЕРКА НА ФАКТИ ВО МЕДИУМИТЕ – (II дел)

– утврдување, структура, цели и ограничувања –

 

Утврдената методологија за анализа на објавените прилози во македонските медиуми кај рецензентите имаше за цел да ги направи поостроумни читателите, гледачите или слушателите и да ги направи почувствителни на лагата или искривената вистина! И секако, да ги направи повнимателни. Методолошкиот избор на Сервисот за проверка на факти се базираше на искуства на одредени искусни новинари, потоа на искуства на странски опсервери, како и на предлози на трети лица (читатели или гледачи) од кај нас. Секако, се користеше и Кодексот на честа на Здружението на новинарите на Македонија

 

[Првиот дел од овој напис со наслов „Каков е процесот на откривање на вистината во медиумските производи“ можете да го најдете овде, а третиот дел со наслов „Плагијати, наслови, фотографии и говор на омраза“ можете да го прочитате овде.]

 

Пишува: Љубомир Костовски

 

Во пристапот кон анализа на текстовите СПФМ ја бара вредноста која често во професијата се губеше од вид – вистинитоста. Во тие рамки се бараше да се утврди на кои факти се базира веста (текстот) и дали тие факти се точни и веродостојни.

Основна намена на пишувањето вест во новинарството е да ги информира консументите за одредени настани, релевантни за нив, кои се пренесени низ вистинити и веродостојни факти. Ова, многу често, од страна на рецензентите беше придружено со сопствено истражување на точноста на наводите или веродостојноста! Тоа се правеше со директно истражување на рецензентот или со пребарување по достапни ресурси за некој факт или прашање! Напросто, како самите да треба да пишуваат текст, ама според правилата.

Основни точки кај испитување на вистинитоста се:

  • присуство на факти;
  • точност на наводи;
  • веродостојност на наводи.

Рецензентот најнапред гледа дали авторот во текстот навел одредени факти, врз основа на кои ја гради вистинитоста. Авторот може да наведе или да не наведе извори. Ова, секако, се бележи на стартот на рецензијата.

Вториот чекор е да се проверат тие извори – постојат ли и дали се точно наведени (вообичаено се вели – цитирани).

Потоа се оди кон тоа дали тие наводи се веродостојни, бидејќи и кога има извор, кога истиот е точно наведен, тој не мора да е прецизно или верно пренесен или да не е едноставно релевантен.

При овие три први чекори во рецензијата на една вест многу е значајно авторот на рецензијата јасно да ги одреди и изворите, нивниот број и да се види зошто тие би биле релевантни.

Потоа доаѓаме на она што сѐ почесто се бара и од авторите – да се види дали тие извори се повеќестрани, односно дали се дел од плурализмот на изворите, кој оневозможува да не постои пристрасност на авторот кон некоја група, партија или заинтересиран субјект. И тука имавме голема слабост на новинарството, пред сè, на дневното, кое не е навикнато да ги цитира изворите, што се вели со име и презиме, да се внимава кога е потребно зад информациите да стои релевантна институција или компанија. Целта на тој пристап во методологијата беше да се одбегнува она „од извори на редакцијата“ или „според непотврдени информации“ што или ќе биде отфрлено од искусниот консумент или ќе биде примено како објективен факт, иако не е назначен изворот, според максимата „не е вистинито, ама убаво звучи“.

 

Втора задача: одредување на актуелноста на информацијата

Во овој контекст значаен сегмент на една дневна информација е и актуелноста на изворите на вестите. Или, што се велиинформацијата е добиена, но колку е таа вредна за консументот?! Притоа, и покрај слободата на новинарот да актуелизира теми за кои смета дека се важни за граѓаните во даден момент, тој е задолжен да ја проверува временската и просторната рамка на информациите кои планира да ги искористи како основ за соопштување.

Праксата во последно време покажува тенденција дури и на искористување минати информации и случувања, понуда на „бајати“ вести или стории, како и информации кои се однесуваат на одредена географска област и нивно ставање во актуелен, локален или национален контекст. Ова не само што ги дезинформира читателите, туку може да биде и моќно оружје за манипулација и негативно влијание врз јавната свест и јавното мислење.

 

Трета задача: проверување на содржајноста на еден текст

Методологијата, која е користена од СПФМ, потоа преминува од овие основни проверки кон оние од подлабински карактер, односно кон оние што изискуваат поголемо лично искуство на рецензентот.

Тоа се елементите на содржајноста, кои се допираат до прашањето – зошто е напишана една сторија? Со секој текст може или главно се врши некакво влијание на јавното мислење. Затоа, пак, од авторот, заради уверливоста на текстот, се бара да има што повеќе официјални или експертски извори како основ на содржината. Јасно, во реалниот свет не секогаш се отворени официјалните извори или тие се селективно поставени. Дилемата кај рецензентот е – дали авторот на текстот „зачукал на врата“ дури и ако „не му отвориле“. Или, пак, тој само констатирал дека некој извор му бил недостапен или не сака да даде информација (во формална смисла тоа може и да е доволно) или, пак, не бил доволно упорен, што претпоставува увид на рецензентот и во другите написи, во други, па и конкурентски медиуми, што исфрлиле посодржајни стории на иста тема. Во некои околности, во особено сензитивни мигови, значајно е новинарот лесно да не се откажува од зголемување на содржајноста, односно сеопфатноста. Во овој контекст е значајно да се мине условно – границата на минималната содржајност.

Зошто при утврдување на методологија ова се сметало за значајно? Па, заради практиката, кај нас и во светот, на овој терен да се прават многу авторски манипулации! Ова, понатаму може да направи и конкретни штети на одреден политички или економски субјект, но и да загрози нечија личност или нејзиниот семеен мир. Значи, постоеле достапни факти за да се добие вистинска слика, ама целата ситуација се прикажува еднострано, без пристап за консументот до целосната слика за еден случај или ситуација. Тоа се нарекува пристрасност на авторот, извртено прикажување на фактите или нешто уште погрубо – изнесување на лага.

Ова не е само предмет на Методологијата на СПФМ. На овие елементи посебно внимава и медиумскиот регулатор – Агенцијата за аудио-визуелни и медиумски услуги (АВМУ), која за вакви прилози, посебно во важни мигови какви што се предизборните состојби во земјата, може да поднесе и прекршочни пријави до надлежен суд, а за прекршителите се предвидени и парични казни. И методологијата на СПФМ внимава на изборот на настаните кои се покриваат, како и на начинот на кој се покриваат. Притоа, се разликуваат повеќе видови на пристрасност, иако обично станува збор за пристрасност, чија цел е добивање некаков политички профит од таквите информации. Оваа ситуација е несомнено манипулативна и има за цел преку искривено информирање да влијае на политичкото определување на консуматорите на веста. Со оглед дека сме земја со зачестени избори – редовни, вонредни, парламентарни, локални, претседателски или референдуми, на ова мора особено да се внимава.

Придружни ориентири за аналитичарот се:

– дали написот ја прикажува целата вистина;

– дали има извртување (спин);

– како и колку се покажува пристрасност (при што некои практики дозволуваа некоја мерка на пристрасност како провокација на новинарот, за да се овозможи откривање и на спротивно мислење или став).

 

Четврта задача: има ли во веста елементи на коментирање?

Последната деценија  во новинарството се забележува веќе споменатото мешање на жанровите – вообичаеното внесување на коментаторски елементи во информацијата. Притоа, рецензентот мора да внимава дали се работи за т.н. интегрирано коментирање. Таков е текстот во кој авторот дава свое мислење (коментар, колумна) каде тој пристап е дозволив, тоа е жанр кој и не се анализира од аспект на проверка на фактите.

Но, имаме ситуација каде коментаторскиот сегмент практично заменува одредени недостатоци во информирањето, па се претвора во чиста, гола сугестибилност.

Значи, кај оваа рецензентска задача се поставуваат две прашања:

– дали написот содржи коментаторски елементи;

– дали тие елементи се издвоени од изнесувањето на фактите (од веста);

 

(продолжува)

Обука за критичко мислење со граѓански организации

 Во рамките на проектот „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – КриТинк“ од 2 до 4 ноември, во Скопје се одржа обука за грантистите од првиот циклус, која  ја спроведоа Фондацијата Метаморфозис и Евротинк – Центар за европски стратегии. Претставниците на граѓанските организации имаа можност да се запознаат со основите на пропагандата и начините на извртување на фактите и вистинските состојби. Дополнително, учесниците при средбата во Агенција за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ)  се запознаа со ингеренциите на Агенцијата, нивните права, надлежности и обврски. На темата за медиумската писменост, претставниците на Агенцијата ја презентираа постојната Мрежа за медиумска писменост, членството во Мрежата, активностите, иницијативите и продуктите од неа. Преку претставничката на Бирото за развој на образованието им беа презентирани програмите во образованието кои се однесуваат на медиумската писменост, како и проектите на национално и локално ниво кои се однесуваат на оваа област, но и беа акцентирани новитетите во наставните планови и проекти кои имаат допирни точки со медиумската писменост и со граѓанското образование воопшто.

На обуката за граѓанските организации во трите дена се работеше на специфичните теми што се дел од целокупниот проект како: говор на омраза и ектремистички идеологии; медиумска писменост (историјат, форми и методи на работа со целни групи граѓани) теорија и практични вежби; управување и водење проектен циклус – теорија и практични вежби како и за следење и евалуација на проекти.

 

Конкурс за средношколците во Битола на тема Медиумска писменост и критичко размислување

Здружението ГАНИМЕД од Битола во изминатите две недели успешно ги спроведе седумте работилници, предвидени за 140 битолски средношколци од 7 училишта од Битола. Последната работилница се одржа на 1 ноемрви 2018 година заедно со дваесет ученици од СОЗУ „Кузман Шапкарев“. Главна цел на овие работилници е неформална едукација на младите средношколци за медиумска писменост, преку стимулирање на критичко мислење, плурализам на ставови и ширење на демократски вредности.

Учесниците по завршувањето на предвидените активности покажаа големо задоволство и си заминаа побогати со нови знаења и искуства. Иле Калиновски, ученик од четврта година во СОЗУ „Кузман Шапкарев“ го изјави следново: „Повеќепати сум присуствувал на работилници, но оваа денес посебно ми се допадна поради изборот на темата. Медиумската писменост е многу актуелна, а истовремено и важна тема бидејќи секојдневно сме опкружени со медиуми. Од голема важност е да бидеме правилно информирани. Денес одлично си поминав. Би сакал и во иднина да учествувам на слични настани“.

На оваа негова изјава, се надоврза ученичката Сара Сотировска, исто така ученичка во СОЗУ „Кузман Шапкарев“ велејќи: „Најголем впечаток од денешната работилница ми остави сесијата од која научив како да препознавам и разликувам лажни од вистински вести“.

Следна активност од проектот „Тема за дилема“ е распишаниот конкурс на тема Медиумска писменост и критичко размислување и тоа во две категории, најдобар слоган и најдобар цитат. Битолските средношколци кои сакаат да учествуваат на овој конкурс потребно е да изработат постер со слоган или цитат кој ќе промовира медиумска писменост или ќе поттикнува критичко размислување.Конкурсот ќе трае до 6 ноември 2018 година, а може да се пријави секој средношколец од битолските училишта кои се соработници во проектот „Тема за дилема“. Најдобрите десет постери со слогани и цитати ќе бидат претставени на изложбата организирана по повод Недела на медиумска писменост. Овој настан е закажан за 9 ноември 2018 година во Porta Jazz со почеток од 12 часот. За најуспешните ученици следуваат симболични награди.

Овој проект го реализира Здружението ГАНИМЕД од Битола со медиумскиот партнер ТВ21 и е дел од проектот „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – КриТинк“ кој е спроведуван од Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“ и „Евротинк“ – Центар за европски стратегии. Проектот е финансиран од Европска Унија.

СОДРЖИНАТА НА ОВА ИЗВЕСТУВАЊЕ Е ЕДИНСТВЕНО ОДГОВОРНОСТ НА АВТОРИТЕ И НА НИКАКОВ НАЧИН НЕ МОЖЕ ДА СЕ СМЕТА ДЕКА ГИ ОДРАЗУВА ГЛЕДИШТАТА НА ЕВРОПСКАТА УНИЈА.

Новинарот им должи објаснувања на читателите

Screenshot nga lajmi që recensohet
Screenshot nga lajmi që recensohet

Скриншот од веста што се рецензира

Годишнината од изборот на локалната самоуправа, промената на општинските администрации и луѓето што ги водат – пригоден момент за новинарите да направат споредба помеѓу ветувањата и нивното исполнување. Едногодишниот период, како на новинар, ви овозможува да имате список на факти и докази за извршените работи, тие што останале незавршени и тие што сѐ уште не се почнати. Наведувањето на овие факти ги елиминира написите каков што е случајот со написот што е предмет на рецензијата, кој  нема докази, извори и прави генерализирање. Само во таков случај, читателот се информира со реалната ситуација.

Рецензија: Каде е Теута Арифи, Тетово без вода и асфалтирани улици!

Датум и време на објавување: 29.10.2018

Датум на рецензија: 30.10.2018

Рецензент: Фатљуме Дервиши

 

Многу заклучоци од четири празни реченици

Во напис со четири реченици, читателот не добива никакви информации освен тоа дека поминала една година од владеењето на Теута Арифи со градот Тетово во вториот мандат по последните локални избори, дека Тетово нема вода, нема асфалтирани улици и нема канализација. Наведените проблеми, со кои, како што се вели во написот, се соочуваат граѓаните на Тетово, се суштински, некои дури и од витално значење, а вниманието што им го посветува новинарот е многу ниско. Проблемите се на место, но не се обработени како што треба.

Повеќе извори, поголема веродостојност

Известувањето на овој начин е многу генерализирано и се добива впечаток дека сите населби и граѓани на општина Тетово се соочуваат со овие проблеми. Дури и да е така, недостасуваат уверливи податоци, недостасуваат податоци што би го дополниле текстот и би ги поддржале зборовите на авторот. Во текстот дури не се кажува дали се направени обиди да се дојде до некоја конкретна информација, која вреди да им се пренесе на читателите како истражување од страна на авторот пред да ги „напише на хартија“ своите заклучоци.

Етички кодекс на новинарите

Новинарот има право на слободен пристап до сите извори на информирање што се од јавен интерес. Новинарот треба да објавува точни, проверени информации и нема да прикрива суштински податоци и да фалсификува документи. Доколку информацијата не може да се потврди или станува збор за претпоставка, односно шпекулација, тоа треба да се каже и да се објави. Точноста на информацијата треба да се провери колку што може.

Што недостасува за читателот?

Со други зборови, тоа што го пишува авторот ќе беше поубедливо за читателот кога би се цитирале најмалку 2-3 лица што „патат“ од недостигот на вода, 2-3 возачи кои ги оштетиле своите возила поради неасфалтирани улици, слики од калливи улици, 2-3 жители на населба што се жалат на мирисот на отпадни води поради немање канализација.

На тој начин би се отсликала реалната ситуација од теренот, конкретните населби, имињата на селата и улиците што ги набљудувал авторот. За комплетирање на приказната или анализата за едногодишната работа на општинската администрација, авторот треба да го потсети читателот и за ветувањата на градоначалничката Арифи и дека не се почитувани (доколку не се почитувани) конкретните рокови за исполнување на ветувањата. И, најпосле, читателот ќе биде „сит“ кога би се побарала одговорност и објаснување од властите кон кои е насочен прстот.

Вообичаено, ваквите теми допираат побрзо до читателот, бидејќи обработуваат секојдневни прашања што ги засегаат сите. Затоа, како и за сите други теми, неопходно е новинарот до крај да ја заврши својата работа, да прикаже факти, за читателот да има што да чита.