Проектот е финансиран од Европската Унија
Со критично мислење до граѓани со медиумска умешност - КриТинк
Mendim kritik për qytetarë me shkathësi mediatike - CriThink
Critical Thinking for Mediawise Citizens - CriThink
Home Blog Page 267

Потпишан текст – сигнал за поголема професионалност

Ставајќи ги своето име и презиме или само иницијалите – во случај на помали по обем новинарски производи, новинарот пред читателот, слушателот или гледачот презема одговорност со својот професионален интегритет дека ќе го информира и едуцира според новинарските стандарди, односно дава своевидна гаранција дека ги почитува етичките норми на новинарството, сублимирани и во Етичкиот кодекс на новинарите на Македонија.

 

 

Слично како претставувањето при запознавање, претставувањето на новинарот што создал одредена медиумска содржина, без разлика дали станува збор за статија, радио или телевиски прилог, претставува и професионална обврска, но и легитимирање на авторот и заложување на сопствениот професионален интегритет во обид да го увери читателот дека пред него стои професионален труд, подготвен според новинарските стандарди.

Според новинарските норми, потписот всушност е наведување на името и презимето на авторот на почетокот или на крајот на статијата, или пак, на почетокот или крајот на телевизискиот или радио прилогот. Во случај на весниците и онлајн медиумите, кога станува збор за жанровите како коментар или анализа, честопати потписот е придружен и со портрет на авторот или авторите. Во одредени случаи пак, кога станува збор за став на редакцијата, потписот е со името на медиумот.

А ако е во прашање пренесена агенциска вест, неизоставно треба да се наведе името на агенцијата, односно таа „да се потпише“. Така  на пример, кога се презема статија, од друг медиум, задолжително е да се наведе името и презимето или иницијалите на авторот,  заедно со името на медиумот чија содржина се презема.

Во времето на експлозија на онлајн медиумите на македонски, албански и некои од другите јазици што се употребуваат на територијата на Македонија, кое е одбележано со многубројни дезинформации и „препишување“, потпишувањето на новинарските творби објавени на интернет е реткост. Секако, има одредени исклучоци што мора да се одбележат, како “Порталб.мк” „СДК“, „Плусинфо“, „МКД“ и неколку други, каде најголемиот дел од статиите од различните жанрови имаат потпис. Тоа, кај овие новински сајтови, е придружено со објавениот импресум, кој, како што веќе пишувавме, ги дава податоците за издавачот, адресата на медиумот, уредничкиот и новинарскиот состав, како и уредникот на фотографија и лекторот.

Ставајќи ги своето име и презиме или само иницијалите – во случај на помали по обем новинарски производи, новинарот пред читателот, слушателот или гледачот презема одговорност со својот професионален интегритет дека ќе го информира и едуцира според новинарските стандарди, односно дава своевидна гаранција дека ги почитува етичките норми на новинарството, сублимирани и во Етичкиот кодекс на новинарите на Македонија.

Истовремено, потписот недвосмислено назначува и дека станува збор за авторски труд, а не за „препишана“ содржина, односно содржина украдена од друг медиум.

 

Како новинарите да се заштитат од клевета?

Фото: pxhere.com

 

Во македонските медиуми, особено онлајн-изданијата, многу често може да се прочитаат информации со кои се клеветат одредени личности, јавни функционери или други личности од јавната сфера, без притоа да се води сметка за вистинитоста на информациите што се објавуваат. Има новинари што затскривајќи се зад терминот „шпекулации“, си дозволуваат да објават сè и сешто, па оттука и не се трудат да ги проверат. А не се свесни дека таквите шпекулации може да им донесат тужба за клевета.

 

Пишува: Ана Анастасовска

 

Клеветата и навредата во Република Македонија се декриминализирани. По предлог на Владата, Собранието на РМ, кон крајот на 2012 година го усвои Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета. Законот беше донесен во договор со Здружението на новинарите на Македонија. Донесувањето на Законот значеше дека за нарушување на честа и угледот на кој било македонски граѓанин не може да се изрекува казна затвор, туку оштетената странка може да поведе постапка пред граѓански суд за надоместување евентуална нематеријална штета.

 

ШТО Е КЛЕВЕТА?

Клеветата во македонското законодавство се смета за потешко дело со кое се нарушуваат честа и угледот на граѓанинот. Членот 8, став 1 од Законот за граѓанска одговорност пропишува:

За клевета одговара тој што за друго лице со утврден или очевиден идентитет, со намера да наштети на неговата чест и углед, пред трето лице изнесува или пренесува невистинити факти штетни за неговата чест и углед, а знае или бил должен и може да знае дека се невистинити.

Според оваа дефиниција, за клевета се одговара исклучиво за објавување невистинити факти, а излегува дека вистинитите факти не можат да се сметаат како клевета, иако може да ги нарушат честа и угледот на личноста. Втор елемент што треба да се исполни за да се оквалификува едно дело како клевета, е намерата да се наштети на честа и угледот, што е клучен приницип изграден од Европскиот суд за човекови прави и слободи. Во спротивно, нема да се смета за клевета некоја клеветничка изјава ако авторот на изјавата покаже дека со неа немал намера да им нанесе штета на честа и угледот на засегнатата страна. И трет принцип што го опфаќа оваа дефинција е дека оној што ја објавил изјавата бил должен или можел да знае дека содржината на изјавата содржи невистинити факти. Во овој дел на дефиницијата се потенцира принципот дека авторот на изјавата, како професионален новинар, бил должен да знае за фактичката состојба од областа за која пишува и се повикува на неговата професионална обврска да ги провери фактите во изјавата пред да ги обајви.

 

ЗАШТИТА НА ИНФОРМАЦИИТЕ

Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета гарантира заштита на тајноста на информациите. Во членот 12 е предвидена можност судот да може да побара од новинарот да открие релевантни информации за утврдување на вистинитоста на информацијата без да го идентификува изворот.

Од тужениот новинар или друго физичко лице кое професионално врши дејност на информирање на јавноста, во постапката за граѓанска одговорност за навреда или клевета, според овој закон, не може да се бара да го открие својот таен извор на информации за фактите што е должен да ги докажува.

Во ставот 3 од истиот член се вели дека „одбивањето на тужениот да го открие тајниот извор на информации не може да се земе како негово признание на вината или да го заснова заклучокот дека не ја докажал вистинитоста на фактите или основаноста на верувањето во нивната вистинитост“.

 

 

КАКО НОВИНАРИТЕ ДА СЕ ЗАШТИТАТ ОД КЛЕВЕТА?

Постојат неколку основи и правила во новинарството кои новинарите мора да ги почитуваат за да бидат професионални во својата работа и, секако, за да можат себеси да се заштитат од тужби. Тие правила ги содржи Кодексот за новинари, како и други прирачници за работата на новинарите и доволно е тие да се следат.

Основната обврска на секој професионален новинар е да ги провери фактите со кои располага пред што било да напише или да објави во медиумот каде што работи. Тоа значи дека новинарите треба да водат сметка за јавно кажаниот збор, бидејќи, во спротивно, тоа може да повлече одговорност. Новинарите особено треба да бидат внимателни кога пренесуваат туѓи изјави во кои се говори за факти и тие не треба да се земаат здраво за готово. Во тој случај, новинарот најмалку што може да направи е да ја запознае засегнатата страна со обвинувањата од трето лице и да побара коментар. Најдобра заштита за новинарите е да пишуваат за работи што може да ги докажуваат на суд ако евентуално бидат тужени.

Приказната никогаш не треба да се заснова само врз еден извор на информации без разлика колку фактите што се изнесуваат се очигледни. Барајте одговор на сите факти, не е доволно само да напиштете „побаравме одговор и не добивме“. Гледајте да имате доказ дека сте побарале коментар, односно гледајте вашето барање за коментар да биде написмено. Испратете СМС или електронска пошта. Исто така одговор може да побарате и преку социјалните медиуми. Немојте да пишувате без да бидете сигурни дека лицето од кое барате коментар за наводи против него ги видел повиците, ја видел пораката или го читал мејлот или ја видел пораката на социјалните мрежи.

Не брзајте со заклучоци кога ги пишувате вашите приказни, туку користете внимателен речник. Немојте да сугерирате дека некој сторил некакво кривично дело или се огрешил пред законот. Тоа, сепак, е тешко обвинување. Новинарите  мора да бидат особено внимателни со секој извор на информација.

Во отсуство на официјални информации, новинарите некогаш мора да користат и неофицијални информации. Тие некогаш се многу корисна алатка да стигнете до битни информации, меѓутоаж не секогаш овие извори може да бидат веродостојни. Во вакви ситуации најдобро е новинарот да ги праша лицат дали ако биде потребно би биле подготвени да сведочат на суд и таму да го повторат она што го имаат изјавено за новинарот. Ако овие извори на инфромации не се подготвени да сведочат на суд по потреба, новинарот мора да ја „замрзне“ извесен период целата евиденција од контактите и разговорите со изворот.

Во случај уредникот да инсистира да објавите приказна, да пишувате текстови со клеветнички изјави, ако сте уверен дека приказната што треба да ја пишувате е лажна, одбијте да пишувате. Во спротивно, ризикувате не само да ве тужат и да бидете казнет за клевета, туку свесно да го изгубите и вашиот професионален кредибилитет како новинар, кому професијата му наложува да трага по вистината.

Начинот и тонот на известување во многу околности можат да ви помогнат да немате главоболки со судски тужби за клевета. Тоа значи дека вашето известување треба да биде избалансирано, со еднаков и фер третман на сите инволвирани страни во приказната. Таа цел ќе ја постигнете ако се обидувате да не заземете страна, вашите чувства и мислења да ги држите настрана од приказната, без разлика што тоа не е цел што секогаш лесно се постигнува.

Новинарите никогаш не треба да заборават да направат разлика меѓу сомневања и факти. Не треба да се рече дека некој е корумпиран само затоа што во јавноста се шпекулира дека е коруптивен или ако за него има само покренато обвинение за корупција. Новинарите мора да ја почитуваат пресумпцијата на невиност. Секој е невин сè додека не се докаже спротивното.

Кога известувате од јавни настани гледајте веродостојно да ја пренесете атмосферата од настанот, точно да ги пренесете изјавите од учесниците и да не заземете страна, односно, вашето известување треба да биде неутрално.

 

Нострадамус „предвидел“ дека текстот е чиста измислица

 

(Рецензија: Нострадамус – еден човек кратко ќе владее со Македонија и ќе проба да ја уништи, народот ќе ја спаси)

 

Текстот е целосна измислица, напишано е нешто што воопшто не е вистина и не постои, а со тоа се манипулира јавноста, давајќи ѝ погрешна слика за одредени случувања од сегашноста.

Во написот се споменува „цар што сака да го смени името на Македонија“ и иако не е напишано името на премиерот Зоран Заев, целосно е провидно дека се работи за него.

Линк до текстот: Нострадамус – еден човек кратко ќе владее со Македонија и ќе проба да ја уништи, народот ќе ја спаси

Датум на објавување: 18.10.2018

Датум на рецензирање: 25.10.2018

Рецензент: Симона Атанасова

Во текстот се вели „во модерното време“, што е првата сопка за вистинитоста на текстот. Нострадамус никогаш не пишувал конкретно време и неговите стихови можат различно да се толкуваат. Тој, исто така, многу ретко пишувал имиња на земји, а локациите најчесто ги опишувал преку географската местоположба.

Нема никаков доказ дека во своите книги тој многупати ја споменува и Македонија.

Доколку навистина постои ваков дел за Македонија, нејасно е зошто тој не во стихови. Неговите пророштва биле пишувани како катрени, односно строфи од четири реда во вид на стихови и загатки. Во написот каде што се тврди дека Нострадамус пишувал за Македонија, текстот што навидум го напишал Нострадамус не е во стихови, туку е прозен текст, што не било случај со творештвото на јасновидецот.

Освен тоа, катрените на Нострадамус не се хронолошки наредени, па често е невозможно некое пророштво да се поврзе со конкретен историски настан. Всушност, повеќето од пророштвата на Нострадамус се слабо преведени, неодредени и нејасно формулирани, со што се отворени за разни читателски толкувања и интерпретации што остава доволно простор да се поттикнат еден куп шпекулации.

Постојат многу толкувачи на Нострадамус, а повеќето од нив различно толкуваат дури и еден ист стих што се однесува на иднината токму поради нејаснотијата на неговото пишување.

Наводниот текст од Нострадамус за Македонија е полн со конкретни случувања, кои се поврзуваат со сегашната ситуација во државата. Но, ова воопшто не е стилот на пишувањето на овој филозоф.

Сосема надвор од сите новинарски правила е измислувањето текстови со цел влијание на јавното мислење. Особено е неетички ваквото пишување и поврзување со дневнополитички настани, што има цел да го наведе читателот на погрешен заклучок и став.

 

Текст што „плаче“ за тужба

[Рецензија: ШИЛЕГОВ ПРИЧИНА ЗА ЗАТВОРАЊЕТО НА „МАКЕДОНСКО СЕЛО“? Барал ли Шилегов „фифти-фифти“ од прометот на комплексот?]

 

Текстот што го рецензираме, „плаче“ за тужба поради клевета. Се изнесуваат тешки обвинувања за градоначалникот Петре Шилегов, а информациите не се ниту проверени ниту потврдени. Во написот не се наведени извори, туку сè се сведува на шпекулации.

Линк до оригиналниот напис: ШИЛЕГОВ ПРИЧИНА ЗА ЗАТВАРАЊЕТО НА „МАКЕДОНСКО СЕЛО“? Барал ли Шилегов „фифти-фифти“ од прометот на комплексот?

Датум и време на објавување: 17.10.2018

Датум на рецензирање: 24.10.2018

Рецензент: Ана Анастасовска

 

Текстот на почетокот информира за одлуката на менаџментот на комплексот „Македонско село“  да го затвор комплексот. Одлуката беше објавена на официјалната фејсбук-страница на „Македонско село“.

Затварањето на комплексот „Македонско село“ за многумина беше изненадување, особено поради големината на инвестицијата и нејзиното значење во однос на туристичко-културната понуда на главниот град. Утринава менаџментот на комплексот, со кој стопанисува компанијата „Тинекс“, на социјалните мрежи ги информира граѓаните дека од 18 октомври комплексот нема да работи.

Пренесен е ставот на Владата, која е издавач на концесијата за „Македонско село“.

Од СОЗР на Влада, која е издавач на концесијата за „Македонско село“, информираа дека тие немаат информација за ваквата одлука на менаџментот и најавија дека ќе остварат состанок со претпоставените.

И дотука сè е во ред. Нагласено е дека „она што останува неразјаснето се причините зошто менаџментот се одлучил на ваков потег“.

И токму поради нејасните причини за потегот на менаџментот, во текстот почнуваат да се плетат шпекулации и рекла-кажала информации, што за еден професионален новинарски напис е недозволиво.

Во јавноста веќе кружат информации дека сопствениците на концесијата се соочувале со уцени од првиот човек на градот Скопје, кој, наводно, барал дел од прометот на комплексот ресторани и хотел. Според некои информации, сумата се движела и до 50% од дневниот промет на комплексот.

Како закана, пак, сопствениците биле предупредени дека ако не ја прифатат понудата од првиот човек на Скопје, ќе се соочат со инспекции, затворање, а како прва мерка за намалување на посетеноста на комплексот била воведувањето висока цена за паркинг, односно 100 денари за час.

Во јавноста ако кружат информации, треба да се проверат пред да се објават. Во спротивно, без наведен извор на информациите и без нивна проверка, текстот „плаче“ за тужба.

Во случајов не е побаран став од концесионерот на комплексот, а тоа е поранешниот градоначалник на Центар, Владимир Тодоровиќ. Не е побаран став ниту од градоначалникот Шилегов, иако тој директно се обвинува за рекетарство.

Она што е наведено во текстот е дека „за овие информации нема потврда ниту од менаџментот, ниту од градските власти“. Тоа не е доволно. За јавноста да ја има сликата во целина, мора да бидат претставени и двете страни од приказната. Вака текстот е едностран и е политички мотивиран, односно има цел атак врз градскиот татко, Шилегов.

 

Кога медиумот се претвора во адвокат на еден функционер

Foto ilustrim

Во текстот што го рецензираме, авторот презел задача да биде заштитник на вицепремиерот Бујар Османи, бранејќи секој дел од неговата личност. Можеме да кажеме дека Османи се третира како незаштитено дете, при што одеднаш се појавува големиот спасител (порталот) за да му ја подаде раката на милоста, велејќи: Не грижи се, сега јас сум овде. Текстот не претставува вистински новинарски прилог, туку е напис од автор – навивач на Османи.

Линк до оригиналниот напис: Документите зборуваат поинаку од обвинувањата на СЈО кон Бујар Османи, дали е ова политички „линч„!?

Датум и време на објавување: 11.10.2018

Датум на рецензија: 24.10.2018

Рецензент: Агрон Врангала

 

Мешање на редакцијата во толкувањето на фактите

Јавноста може да забележи дека има директно мешање во толкувањето на фактите од страна на редакцијата. Меѓутоа, тоа требало да го направат извори кои требало да ги консултира редакцијата. Читајќи го текстот, јасно може да видите дека во него нема релевантен извор кој што би го оправдал она што се наведува таму. Напротив, уредништвото врши експертиза на непроверени факти и на крај излегува со некои заклучоци кои што одат во корист на невиноста на г-дин. Османи во врска со тоа за кое што го сомничи Специјалното обвинителство.

Новинарите не треба да напишат нарачани текстови

Има силни индикации дека овој текст е нарачан од страна на групи на интерес. Покрај фактот дека се гледа дека текстот е пристрасен, нивото на прекршување на Кодексот на новинарите оди едно скалило погоре, т.е. се игнорираат изворите и се брани невиноста на Бујар Османи. На пример, ако текстот би бил нарачан (платен), но професионално напишан, тогаш тоа би било пола зло, бидејќи авторот би можел да се потпира на изворите што ги цитирал, кои што„случајно” биле во корист на обвинетиот. Еве како изгледа еден параграф од текстот:

„Како што може да се заклучи од документот, фирмата која добила тендер од страна на Министерството за здравство, во времето кога Бујар Османи бил министер, е компанијата со најевтина понуда, која што е оценувана од соодветната независна комисија, која била водена од експерти од областа и тие ја направиле проценката, а не Бујар Османи“.

Доколку, да речеме, би се користел некој релевантен извор, кој би го кажал истото што е кажано во тексот, тогаш од техничка гледна точка, веста би била коректна. Единствената забелешка која што би можела да се даде во тој случај би била намерата, текстот да биде пристрасен. Во 13-тата точка од Етичкиот кодекс на новинарите, меѓу другото се вели:

„Мора да биде јасно разграничено што се факти и информации, а што коментар, претпоставка или став на авторот за да се одбегне дезинформирање и манипулирање со публиката.„

 

Фактите треба да се разграничат од личните ставови

Значи во овој текст, нема некое разграничување помеѓу фактите и ставовите на авторот. Ова е уште поизразено во следниот пасус каде што се вели:

„Новинската агенција Журнал, за да дојде до вистината и да разбере што навистина се случило во времето кога Бујар Османи бил министер за здравство, успеа да обезбеди официјален документ со кој сите наводи за малверзација се отфрлуваат како неосновани, бидејќи врз основа на објавениот тендер била избрана најдобрата и најевтината понуда”.

Овде имаме заклучок од страна на медиумот, кој што презел задача да ги отфрли „шпекулациите” и да докаже дека именуваното лице е невино. Медиумот се става во улога на обвинител и на судија. Меѓутоа, медиумите не постојат за да ги поддржат или отфрлат обвинувањата кои што се покренати од страна на судството, туку да кажат, доколку има потреба и да објаснат, што значат тие обвинувања.

Заклучок

Важно е да се разбере дека кога се пишуваат вести, тие треба да содржат некои веќе познати стандарди, како што се: користење на извори, проверка на факти, разграничување на личните ставови, објективност прикажана во текстот. Колку повеќе напори се вложуваат за прекршување на овие принципи, толку е поголема веројатноста да се изгуби кредибилитетот и довербата на публиката што ве следи.