Проектот е финансиран од Европската Унија
Со критично мислење до граѓани со медиумска умешност - КриТинк
Mendim kritik për qytetarë me shkathësi mediatike - CriThink
Critical Thinking for Mediawise Citizens - CriThink
Home Blog Page 268

Линк – алатка за транспарентно онлајн-новинарство

Фото: pixabay.com

Новинарската теорија создала голем број правила за пишување на новинарските текстови. Едно од тие правила е за секоја изјава, цитат од документ да биде посочен изворот. Со тоа се обезбедува контекст и поддршка за тврдењата изнесени во написот.

 

Пишува: Рада Исовска-Маневска

 

Тоа не секогаш е случај и со интернет-новинарствотo, иако на новинарот во овој вид медиум му се дадени на располагање голем број интернет-алатки. Една од нив е линкот (врската), што му овозможува на новинарот да го направи изворот на информацијата достапен до читателот и тој самиот да процени како е интерпертиран изворот.

 

 

ШТО Е ЛИНК

Врската што на читателот му овозможува да се движи од една до друга веб-страница се нарекува хиперлинк (hyperlink) или само линк (link). Линк може да води до текст, слика или некој друг објект на веб-страницата. Обично се означува со друга боја (сина) од остатокот на текстот и може да бидет подвлечен или и едното и другото. Се активира со кликнување со глувчето при што се отвора нов прозорец, односно изворот на кој новинарот сакал да го однесе читателот.

 

ВИДОВИ ЛИНКОВИ ВО ВЕБ-НОВИНАРСТВОТО

Во својот текст „Линковање у веб новинарству“, Брајан Барловиќ ги дели линковите според своето место, според тоа каде се наоѓаат, дали се реципрочни и дали се функционални. Оваа поделба со оглед на употребата на линкот во новинарството се чини е најсоодветна.

Според местото и адресата на која читателот се насочува, се разликуваат надворешни и внатрешни линкови.

  • Надворешен линк се препознава по тоа што кога ќе се кликне на обоениот или подвлечен збор се отвора нова страница. Најчесто се користи за поврзување со текст од друга веб-страница кога информацијата е ексклузивна или за да се одбегне проверката на вистинитоста на информацијата со тоа што одговорноста за нејзината вистинитост се префрла на веб-страницата што прва ја објавила.

 

  • Внатрешениот линк, пак, служи за поврзување со текст од истата веб-страница, кој бил претходно напишан на иста тема и служи за појаснување на текстот на кој е ставен линкот. Со ваков линк се поврзува и информација што служи да потсети за сличен настан во кој се споменуваат исти личности. Се препознава по тоа што кога ќе се кликне на означениот збор го води читателот до друга страница, но во рамките на истата веб-страница на која веќе се наоѓа.

 

СПОРЕД ТОА КАДЕ Е ПОСТАВЕН ЛИНКОТ НА ВЕБ-СТРАНИЦАТА ПОСТОЈАТ:

  • Инлајн-линкови, кои се користат за наведување текст објавен во друг медиум (на пример: SDK mk. thetimes.co.uk). Притоа линкот се става на името на медиумот од кој се презема текстот;
  • Листа со линкови што претставуваат збир од повеќе линкови на едно место кои се издвоени од новинарскиот текст, но се однесѕваат на неговата содржина (на пример: листа со линкови што упатуваат на дополнителни информации за текстот што е напишан);

 

  • Комбинација од двата модела. Вакви линкови се поставуваат внатре во новинарскиот текстот и како збир од линкови што служат како извор за дообјаснување на некое тврдење во текстот или водат до изјава земена од друг медиум;

 

  • Реципрочни линкови и еднонасочни линкови. Првите се линкови што се користат за меѓусебна размена на линкови (врски) помеѓу две веб-страници. Ова поврзување може да биде: двонасочно (размена на линкови) меѓу две веб-страници и тројно поврзување, односно поврзување меѓу три страници. А вторите линкови (еднонасочни) упатуваат на одредена веб-страница, но не постои повратен линк.

За новинарското изразување што се потпира и на линкот како дополнување на она што се тврди е важно линкот да ја исполни својата функција, односно да го одведе читателот до точната информација. Често се случува поради грешка при поврзувањето или како последица на бришење на информацијата кон која води линкот, тој да не биде во функција и да не му биде од корист на читателот.

Правилото е дека од контекстот или зборовите од кои е сочинет линкот да биде јасно каде води тој и што може да очекува читателот кога ќе кликне на него.

 

КОГА ЛИНКОВИТЕ НЕ ЈА ИСПОЛНУВААТ СВОЈАТА ФУНКЦИЈА?

  • Кога е нејасно што се посакува да се постигне со линкот. Кога ќе кликнете на ваков линк имате чувство дека сте на погрешна врска.
  • Вакви се и врските за кои може да се рече дека се премногу општи. Кога се кликнува на нив тие водат до почетната страница на посочената веб-страница. За да се дојде до информацијата што е дообјаснување на текстот, ќе треба да се бара нова локација. Тоа дополнително го отежнува пристапот на читателот до содржината. Пример за таква врска е кога се бара документ или закон за кој расправало, на пример Собранието, но кој не посочува директно на документот туку води само до првата страница на собраниската веб-страница.
  • Некои врски може да имаат многу информации, но тие да не се во директна врска со конкретен текст. Ваквите врски се несоодветни.
  • Непостоен – линк што води до текст што не постои или е избришан.
  • Линкот не ја исполнил функцијата и ако води кон комерцијален текст – реклама, што во основа не е цел на новинарскиот текст. Такви линкви се, на пример, тие што водат до страницата на grouper.mk, кој е комерцијален и не му дава дополнителна информација на читателот за тоа што се прикажува во текстот.

 

ПРАВИЛО ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ ТЕКСТ

Одделни веб-страници го имаат регулирано прашањето кога и како може да се постави линк при преземање одреден новинарски текст.
Правилото што  најчесто се применува е да се користи една третина од текстот со обврска да се постави линк до оиргиналниот текст. Некои веб-страници забрануваат користење на нивните информации и притоа користат други алатки за да оневозможат копирање на текстот.

 

 

Манипулации со емоции не се дел од професионалното новинарство

Autor i karrikaturës: Alfred Garzon
Autor i karrikaturës: Alfred Garzon

Автор на карикатурата: Aлфред Гарзон

 

Зошто читателот не треба да стане „жртва“ на информациите што имаат цел преку манипулација со нивните емоции да се продаваат како „вести“? Како може читателот да ги препознае написите што се базираат на лични напади и имаат тенденција да го докажат само тоа што авторот сака да го прикаже, но не и објективната реалност?

 

Пишува: Ферикан Илјази

 

Повикувањето на емоциите на читателот го замаглува правичното судење за темата за која се пишува

„Повикувањето на емоции“ е една од техниките за манипулација што ја користат авторите, кои обично се непознати и речиси секогаш ги среќаваме на онлајн-платформите, кога ги подготвуваат и пишуваат нивните текстови. Според истата, во текстот се користат аргументи што не се темелат на објективни факти, туку на убедувања, понекогаш лични на авторот, понекогаш и на одредени други кругови. Јазикот што се користи е симболичен, моќен и има цел да ги нападне емоциите на читателот за тој да верува во она што е напишано и да се убеди. Речиси секогаш, таквите текстови имаат и „шокантни“ фотографии или фотографии што ги будат основните човечки емоции: бес, радост, горчина, симпатија и други. Со оглед на моќта на убедувањето што ја имаат емоциите, авторот намерно ги активира во текстот, мајсторски прикривајќи дека нема докази за логично и рационално аргументирање.

 

Напад против одредено лице, а не против одредено прашање

Кога авторот сака читателот да биде убеден и да верува во она што го напишал, но за кое нема докази, за да ја докаже веродостојноста на написот, ја користи техниката „Личен напад“. Таквата тенденција е намерна за да се дискредитира и да се навреди лично некое лице, но не и појавата за која се пишува. Ако авторот нема факти за да го убеди читателот дека одредена теза што е пласирана од некој е штетна, посегнува кон убедување на читателот „зошто” лицето што стои зад идејата или тезата е „лошо” и ја погазува неговата личност.

 

Авторот упорно ве убедува дека е во право

Во напис што не може да се нарече вест, може да ја увидиме и тенденцијата на авторот да го потврди тоа што го мисли, а не тоа што, всушност, е вистинито. Оваа техника на манипулација се нарекува „Тенденција да се потврди личното гледиште“. Во тој случај авторот на написот ја презема задачата да ги најде сите елементи што ќе му помогнат да докаже дека е во право. Тој ги избира информациите, фотографиите, зборовите, па дури и фактите што му се потребни за да оформи целосна „вест“, која целосно е наклонета кон една идеја, која обично е идеја на самиот автор.

Примерот што најдобро ги одразува овие техники е овој текст, кој се однесува на многуте реакции за филмот „Ругање на Христос”. Бидејќи има сцени што упатуваат на искривување и извртување на борбата што ја водеше УЧК, авторот на текстот ја користел оваа „слабост“ и направил вест за наводната „среќа“на поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков, на премиерата на филмот.

 

Да дешифрираме за читателите зошто овој напис не е вест.

Во овој текст се прават обиди за манипулирање со чувствата на читателите, особено албанските, бидејќи тие се поврзани со ликот на УЧК.

  1. Прикажувајќи го Чавков како „среќен”, авторот сакал на читателите да им создаде чувства на омраза и негативни емоции, бидејќи „еден поранешен македонски функционер се смее и потсмева“ со организацијата на војната. Она што е уште поинтересно е фактот дека фотографијата не докажува оти тој има емоции на среќа.
  1. Но, овој гаф не го спречил авторот да го објави текстот во кој припишувајќи му го атрибутот дека бил среќен „со филм што е несреќен за тие што го ценат симболот на албанската војна”, тој jа напаѓа личностa на поранешниот функционер, прикажувајќи го како лош човек, кој се радува на несреќата на другиот.
  2. Со овој напис авторот ги изоставил сите други факти и избрал да го прикаже неговото гледиште дека Чавков бил среќен.

Да не заборавиме, Етичкиот кодекс на новинарите на Македонија во врска со оваа ситуација вели:

„Новинарот нема свесно да создава, ниту преработува информации што ги загрозуваат човековите права или слободи, нема да говори со јазикот на омразата и нема да поттикнува на насилство и дискриминација по која било основа (национална, верска, расна, полова, социјална, јазична, сексуална ориентација, политичка…)“.

Читателот треба да внимава на написи што потпалуваат емоции

Во идеалниот свет на новинарството ваквите написи не би ни се појавиле на медиумскиот хоризонт. Фотографиите од една премиера би биле дел од напис што би претставувал вест за премиерата и не би се концентрирал на толкување на лицата на учесниците, без разлика дали се среќни. Кога читателот гледа таков текст, кој не претставува никаков јавен интерес, а кој се повикува на емоции, треба веднаш да бара објективни факти, да се сомнева во мотивите на авторот и ако авторот е непознат, треба веднаш да знае дека написот не е стандардна новинарска вест.

Седницата на ЦК нa ВМРО-ДПМНЕ изнедри смени и – дезинформации

 

[Рецензија: Вратен пасошот на Мијалков со „помош“ на СЈО?]

 

Во текот на празничното претпладне на 23 октомври на социјалните мрежи се појавија вести дека наводно власта му го вратила пасошот на повеќекратно обвинетиот од Специјалното јавно обвинителство, Сашо Мијалков, кој дури веројатно и побегнал од земјава.

Линк до оргиналниот напис: Вратен пасошот на Мијалков со „помош“ на СЈО?

Датум на рецензирање: 23.10.2018

Датум на објавување: 23.10.2018

Рецензент: Љубомир Костовски

Иако во насловот има прашалник, во текстот не стои никаква форма на дилема или сомнеж од страна на авторот. Туку, со доза на убеденост, стои „дека по барање на СЈО, Кривичниот Суд Скопје му ја одзеде патната исправа – пасош како мерка за безбедност“. Потоа се продолжува со дескрипцијата дека „вчера низ т.н. независна, законска и проевропска, ЕУ-интегративна процедура со одобрение на СЈО и Јанева, судот му го вратил пасошот на Сашо Мијалков“, па, за да се убеди читателот, се додава оти наводно се поседува оригиналот на документот, кој треба да биде клучен факт во вистинитоста на објавеното, кое гласело „во образложението стои дека патната исправа му треба за да комуницира со странство како стопанственик и оти тоа нема да влијае врз редовното присуство на рочиштата“. Наводно судот по консултации со СЈО и специјалната обвинителка Катица Јанева ја прифатил „променетата” позиција кон обвинетиот. Освен што има еден зајадлив коментар во себе, содржината се реди во некаков логичен ред, кој треба да нè направи чувствителни кон суштината: на што објективно се потпира авторот? Има ли тој навистина документ пред себе, изјава на актер во таа процедура, дури и сведок на дејството кое е така хронолошки поставено?

Но, затоа оваа сензационална вест во свеста на читателот се поврзува со изјавата што раководството на партијата ВМРО-ДПМНЕ ја објави по чистката во своите редови во вторникот рано наутро и со која се потврдува дека ЦК го исклучил од партијата Сашо Мијалков, поранешен прв човек на УДБ и братучед на експремиерот Никола Груевски. Ова сознание особено се поклопува со наводната причина за исклучувањето на клучниот човек во партијата во изминатите 11 години – наводниот „дил“ на претседателот на Владата, Зоран Заев, и споменатиот Мијалков околу обезбедувањето мнозинство во Собранието на РМ по повод стартот на уставните измени. Обидот да се пласира тезата за ваквата „врска“ се покрива со „вест“ дека, ете, Мијалков е веќе награден со враќање на патната исправа.

Веста веднаш беше демантирана од страна на СЈО, при што се објаснува дека „СЈО досега не донело ниту една позитивна одлука по барањата за враќање на патните исправи поднесени од лица на кои им се одземени, а против кои СЈО покрена кривични пријави. Со еден ислучок, кога станува збор за Драган Павловиќ-Латас на кој СЈО му ја врати патната исправа поради лекување на член на потесното семејство во странство“.

Самиот Мијалков на 23 октомври даде и кусо интервју, со што се демантира и приказната за бегство на спомнатиот, пласирана на социјалните мрежи.

Пласирањето на очевидната дезинформација мириса на некаков „пакет аранжман“ во функција на последната драматична седница на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ. Целта која, од аспект на актерите на една драматична ноќ, секако би се постигнала е да се најде наводно оправдување за смените во партијата. Без оглед што се работи за фаул врз вистинитоста и за атак врз неколку институции (Владата, судот, СЈО).

Воведна средба со грантистите од програмата за мали грантови на проектот „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – КриТинк“

Во склоп на програмата за мали грантови од проектот „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – КриТинк“, на 19.10.2018 (петок) во Граѓанскиот ресурсен центар, Скопје, се одржа воведна средба за грантистите. Во рамките на средбата шесте грантисти од  шест различни плански региони во Македонија ги презентираа своите проекти со што имаа прилика да ја запознаат јавноста со своите проекти, меѓусебно да се запознаат како и да разменат идеи за понатамошното спроведување на активностите. Исто така, беше оставена можноста да ги истражат идните потенцијали за евентуално нивно вмрежување и заедничка работа во унапредување на медиумската писменост во земјата.

Како што истакна Филип Стојановски, програмски директор во „Метаморфозис“, целта на проектот, со финансиска поддршка на Европската Унија преку ИПА-Програмата за граѓанско општество и медиуми, е да се работи повеќе со граѓаните, наместо со новинарите, за да се крене нивото на критичко размислување кај граѓаните, оти дезинформациите и другите негативни појави се насочени кон нив, а не толку кон новинарите.

– Младите се авангардата и нивната едукација за критичко размислување е нешто што, се надеваме, ќе има долгорочни ефекти, и овие проекти и нивниот ефект ќе имаат еден свој живот, кој ќе трае долго – порача Стојановски.

Горан Лазаров од „Евротинк“, кој е еден од координаторите на проектот, рече оти денешниот координативен настан има цел да создаде мрежа на соработка меѓу организациите добитници на грантови, која на локално ниво ќе ги спроведува целите на главниот проект.

– Целта е темата околу критичкото мислење и медиумската писменост да ја спуштиме и на локално ниво. Голем дел од активностите на субгрантистите е поврзан со создавање медиумски производи, одржување јавни настани и целта е да се направи некакво вмрежување на сите активности и на тој начин да се влијае по овие прашања на национално ниво – вели Лазаров. 

Проектите ќе ги реализираат „Диверзити медиа“ со „Алсат-М“, ДРОМ од Куманово со телевизијата „Плус“, Фондацијата „Фокус“ од Велес со „Дума“ и телевизијата КТВ, „Ганимед“ од Битола со ТВ „21“, Македонскиот институт за европски студии (МИЕС) со „Студентско радио“, како и „Медиа плус“ од Штип со „Канал 77“.  

Дополнително, средбата беше искористена за обука на која на грантистите им беа дадени насоки за: финансиско и административно водење на проектите; за планот за мониторинг и евалуација на имплементираните активности, како и за начинот на кој ќе ги направат своите проекти видливи за пошироката јавност и начините со кои ќе комуницираат со неа. 

На средбата, покрај претставниците на граѓанските организации и медиумите, присуствуваа и претставници на Мрежата за медиумска писменост, од каде што посочија дека активностите што субгрантистите планираат да ги спроведат во наредните шест месеци можат да бидат од огромна помош за нејзино  понатамошно ширење и развивање.

 

 

 

Стартуваат шест проекти за медиумска писменост и критичко мислење

Во организација на Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“ и „Евротинк – центар за европски стратегии“, шест граѓански организации денеска во Граѓанскиот ресурсен центар во Скопје ги презентираа своите замисли со кои во рамките на проектот „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – КриТинк“ во неколку градови во земјава ќе работат на развојот на критичкото мислење и зголемување на медиумската писменост и сузбивање на дезинформациите кои се шират и преку социјалните мрежи и преку медиуми.

Како што истакна Филип Стојановски, програмски директор во „Метаморфозис“, целта на проектот, со финансиска поддршка на Европската Унија преку ИПА Програмата за граѓанско општество и медиуми, е да се работи повеќе со граѓаните, наместо со новинарите, за да се крене нивото на критичко размислување кај граѓаните, оти дезинформациите и другите негативни појави се насочени кон нив, а не толку кон новинарите.

– Младите се авангардата и нивната едукација за критичко размислување е нешто што, се надеваме, ќе има долгорочни ефекти, и овие проекти и нивниот ефект ќе имаат еден свој живот кој ќе продолжи долго – порача Стојановски.

Горан Лазаров од „Евротинк“, кој е еден од координаторите на проектот, рече оти денешниот координативен настан е со цел да се создаде мрежа на соработка меѓу организациите-добитници на грантови, која на локално ниво ќе ги спроведува целите на главниот проект.

– Целта е темата околу критичкото мислење, медиумската писменост да ја спуштиме и на локално ниво. Голем дел од активностите на суб-грантистите се поврзани со создавање на медиумски производи, одржување јавни настани, и целта е да се направи некакво вмрежување на сите активности и преку тоа на национално ниво да се влијае околу целата работа. Секако, очекуваме да се создаде мрежа што ќе се гради и понатаму и ќе ги реализира целите – вели Лазаров.

Проектите, кои ќе наскоро ќе почнат да ги реализираат „Диверзити Медиа“ заедно со „Алсат-М“, ДРОМ од Куманово со телевизијата „Плус“, Фондацијата „Фокус“ од Велес со „Дума“ и телевизијата КТВ, „Ганимед“ од Битола со ТВ „21“, потоа Македонскиот институт за европски студии заедно со „Студентско радио“, но и „Медиа плус“ од Штип заедно со „Канал 77“, ќе бидат насочени претежно кон младите, односно средношколците и бруцоши на факултетите од областа на општествените науки на скопскиот универзитет „Свети Кирил и Методиј“.