Проектот е финансиран од Европската Унија
Со критично мислење до граѓани со медиумска умешност - КриТинк
Mendim kritik për qytetarë me shkathësi mediatike - CriThink
Critical Thinking for Mediawise Citizens - CriThink
Home Blog Page 271

Медиуми, заштитете нè од лагите на политичарите!

Foto nga: Medium.com
Foto nga:

Фотографија од: Medium.com

Анализа за изигрувањето на изјавите на функционерите по референдумот и немоќта на медиумите да кажат кој лаже, а кој ја кажува вистината. Aларм, граѓанинот е незаштитен!

Од: Aгрон Врангала

Политичките претставници во Македонија не се конзистенти во своите изјави. Преземаат огромен ризик да го променат тоа што го рекле на почеток. Каде се медиумите во оваа приказна? Како дозволуваат секој политичар на кој ќе му текне да ги изигра своите изјави, да се појави во медиумите без никој да се спротивстави? Пазете, во овој случај единствените жртви се граѓаните.

Граѓанинот денес не е заштитен од насилството на политичкиот дискурс. Наместо медиумите да бидат коректор, селектор, она што се нарекува чувари на јавниот интерес (watchdog), тие се здружуваат со политиката, пренесувајќи ги нивните изјави без анализа и без проверка на фактите, оставајќи го граѓанинот сам, незаштитен. Медиумите, покрај информирањето, имаат задача „да направат разлика меѓу доброто и лошото“ и да ѝ покажат на јавноста каде лежи проблемот со овие изјави.

Новинарството е повеќе од буквално пренесување изјави. Граѓанинот има право да ја разбере „тајната“ на заматениот став на политичарот и тоа новинарот може да го стори преку новинарски жанрови како што се: анализата, коментарот, проширената вест, интервјуто.

Пример за овој феномен е начинот како медиумите известија за оценката на резултатите од референдумот од страна на политичките партии или, поточно, од владејачката коалиција на СДСМ-ДУИ.

Откако беа објавени резултатите од страна на Државната изборна комисија, се појавија лидерите и им честитаа на граѓаните за постигнатиот резултат. Премиерот Заев го прогласи референдумот за успешен. Веднаш по него, истото го изјавија и министерот за надворешни работи, Никола Димитров, а потоа и двајцата вицепремиери, Бујар Османи и Радмила Шекеринска, изјавувајќи дека референдумот бил успешен. За волја на вистината, лидерот на ДУИ, лично, никогаш не изјави дека референдумот бил успешен, туку само го пофали ангажманот на граѓаните што гласале на овој референдум. Образложението на гореспоменатите функционери дека референдумот бил успешен се базира на фактот дека во претходната неделата „за“ гласале над 600.000 граѓани.

И, како што е вообичаено, сите медиуми ги објавија изјавите на највисоките државни функционери. Но, што навистина се случи? Овие функционери, во овој случај, среде бел ден ја излажаа јавноста. Излажаа бидејќи референдумот не беше успешен поради тоа што не успеа да добие најмалку 50 отсто гласови од вкупниот број гласачи во земјата, како што е предвидено со закон, дури и за консултативен референдум. Како што објави ДИК, гласале вкупно 666.743 гласачи или 36,91 отсто од вкупниот број избирачи. Од нив, 609.813 или 91.46 проценти, одговориле со „за“, додека 37.700 или 5,65 отсто одговориле со „против“.

Референдумот не беше успешен. Прашањето што се поставува е: Дали тој ден имаше некој новинарски прилог што ќе им кажеше на граѓаните дека властите лажат кога велат дека референдумот бил успешен? Одговорот е не! Значи, тука секој може да каже што ќе посака, а медиумите пренесуваат сѐ. Во ред, медиумите треба да го пренесат тоа што го кажуваат политичарите, но треба да додадат дека тие лажат среде бел ден.

Доколку некој мисли дека Кодексот на новинарите на Македонија го забранува тоа, греши. Како пример ќе наведеме потточки од првата точка на овој кодекс:

„Новинарот може да објави нешто за кое нема баш докази, ама за кое има доволно индикатори дека е вистина, односно нешто за што постои основано сомневање. Основано сомневање подразбира презентирање аргументи кои се разумни и кои се индикатор дека нешто е вистина, без да имаме конкретен доказ за вистинитоста“.
„Објавување информации што имаат статус на ’доверливи‘ е можно тогаш кога ќе се утврди дека правото на јавноста да биде информирана е поголемо отколку правото на почитување на причините за доверливост
на информациите“.

Нашите медиуми сѐ уште не стигнале до тој стадиум. Тие не се осмелуваат да навлезат во толкувања, туку вршат просто известување. Притоа, забораваат дека не се тука само да ги кажаат боите и имињата на боите, туку и да кажат што е бело, а што е црно, и што значи белото, а што црното. Ова е многу важно.

Во светот е познат моделот за кој зборувам. На пример, познатиот новинар на Си-ен-ен, Андерсон Купер, одделува неколку минути за да ги протолкува изјавите на службените лица и начинот како тие лажат кога изјавуваат нешто или, со други зборови, се обидуваат да пренесуваат лажни вести. Погледнете ја тука анализата на новинарот.

Медиумите се сметаат за многу моќен филтер за обработка на суровиот материјал, кој доаѓа од секаде. На граѓаните им е потребна помош. Медиуми, заштитете нѐ од лагите на политичарите!

Затворете уши, голема врева за време на изборниот молк

Screenshot nga lajmi qe recensohet
Screenshot nga lajmi qe recensohet

На гласањето за референдумот од 30 септември, како и на секој друг изборен процес, му претходеше изборниот молк, овој пат од 78 часа. Молкот почна на полноќ, меѓу 27 и 28 септември, што значи дека на 28, 29 и 30 септември до 19 часот, важеле прописите за изборен молк, кои не беа почитувани од сите медиуми. Оваa рецензија ги разгледува причините зошто треба да се почитува изборниот молк и зошто читателите треба на критички да гледаат кон тие прекршувања.

Ina Online - 5 minutat e tuaЛинк до оригиналниот напис: „Твоите 5 минути…“
Датум и време на објавување: 30.9.2018
Датум на рецензија: 5.10.2018
Рецензент: Фатлуме Дервиши

Написот започнува со зборовите:

„Пратеникот Артан Груби повикал да се излезе на референдум, при што на својот профил на „Фејсбук“ напишал:
„Твоите денешни 5 минути ја одредуваат заедничката иднина на цели генерации!“

Авторот пренел јавен повик на политички функционер да се излезе на гласање. Функционерот беше дел од коалицијата што ја водеше кампањата „За“ и затоа неговата порака за излегување на гласање автоматски е повик за гласање „За“. Тоа, според прописите на Изборниот законик, претставува прекршување (воопшто, од еден медиум), бидејќи текстот е објавен на денот на гласањето, во време кога гласањето сè уште беше во тек.

Според Изборниот законик, член 76-б:

1. За време на изборниот молк престануваат сите облици на изборно медиумско претставување на учесниците во изборна кампања.
(2) Радиодифузерите и во текот на изборниот молк продолжуваат да известуваат за изборниот процес на денот на гласањето.
(3) При известувањето во деновите на изборниот молк ќе се смета дека медиумите го прекршиле изборниот молк доколку емитуваат, односно објават: какви било информации, фотографии, аудио и аудиовизуелни материјали поврзани со или во кои учествуваат учесници во изборите; какви било облици на медиумско известување што се отворено или прикриено во функција на нечија изборна кампања и можат да влијаат врз одлуката на избирачите; податоци со кои го откриваат идентитетот на политичките субјекти и/или на поединци вклучени во инциденти или други неправилности на денот на гласањето како и изјави од кандидати во изборниот процес, од учесниците во изборна кампања, од претставници на политички партии и од носители на функции во органите на власта.

Треба да знаете зошто изборниот молк е важен

Изборниот молк се применува ве неколку земји, вклучувајќи ја и Македонија, за да им се даде простор на гласачите да размислат за сè што е кажано во кампањата, пред да го дадат својот глас. Гласот е сечие право и опцијата што тој ја избира врз основа на своите лични проценки. Затоа, „бучната“ кампања се прекинува неколку часа пред гласањето за да можат граѓаните да го направат својот избор без надворешни влијанија и медиумски „притисоци“. Граѓаните имаат на располагање неколку часа да размислат за сите пренесени пораки од политичките експоненти за време на кампањата и да ја изберат алтернативата што одговара на нивните интереси и на нивната идеја за иднината на земјата во која живеат.

Читателот треба да биде внимателен и да чита меѓу редови кога се работи за објавени написи со кои се прекршува изборниот молк. Во тој случај, читателот пред да ја прими пренесената порака треба да ги има предвид интересите на медиумот, било финансиски или од друга природа, поради кои го направил прекршокот. Читателот треба да биде претпазлив и да ги анализира со критичко око таквите информации кои се продаваат како „вести“, но зад кои, всушност, се крие политичка пропаганда, при што се прекршуваат прописите за разни придобивки.

ДИК и ААВМУ не ја извршуваат својата работа, но тоа не значи дека медиумите треба да го прекршуваат законот

Во Македонија постои правилник на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, кој ги регулира рекламните активности на политичките партии и медиумскиот простор за време на кампањата. Количината и содржината на овие пораки се мерат во секунди од набљудувачите. Набљудувањето продолжува и за време на изборниот молк и секое прекршување медиумите ги чини и финансиски.

Со последните законски измени се направи обид на ДИК да ѝ се даде и една друга обврска – набљудување на работата на порталите за време на референдумот и дејствување во случај на прекршување. Сепак од ова институција рекоа дека немаат ниту технички ниту практични можности за такво нешто. Од друга страна, ниту ААВМУ не ја мониторира работата на порталите, туку само на телевизиите и радијата. Сите утврдени неправилности од ова институција се однесуваат само на оваа категорија на медиуми, затоа што во Македониај не постои регистар на портали.

Изборен законик, член 76-в:

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги е должна да ги следи изборното медиумско претставување и програмскиот сервис на радиодифузерите и електронски медиуми (интернет-порталите) во Република Македонија од денот на распишувањето на изборите до завршувањето на гласањето на денот на одржувањето на изборите.

Порталот што го објавил овој напис, нема да одговара за кршење на законот, но секако го прекршил изборниот молк пренесувајќи повик за излегување на гласање. Сепак читателот е тој што пренесените пораки треба да ги прифати со резерва и да размисли ЗОШТО и КОЈ го објавува написот, како и каков интерес има да се објави за време на изборниот молк.

Повик за насилство од новинар кон новинар е срам за професијата, но и кривично дело

 

Кога новинар посакува да ѝ се случи насилство на друга новинарка, тоа е силеџиско однесување, типичен пример за говор на омраза и дискредитација на целата новинарска заедница. Претставниците на оваа професија, чија задача освен да информираат им е и да едуцираат, никако не смеат да имаат непримерна комуникација со јавноста.

Новинарот Цветин Чилиманов, кој долги години работи во државната новинска агенција МИА, со примитивен и вулгарен речник, полн со говор на омраза ѝ се обрати на новинарката на „Фајненшел тајмс“, Валери Хопкинс.

Тој на социјалната мрежа, од нигде никаде, само затоа што не му се допаѓа тоа што го пишува Хопкинс, инаку гостинка во Македонија, повика да ѝ се случи сцена од филмот „Самоуништување“,која е во најмала рака безвкусна, навредлива, понижувачка, но и опасна.

Новинарскиот збор има голема тежина, па затоа за неговиот твит треба да има повеќе одговорност. Се поставува прашањето што ќе се случеше доколку на новинарката Хопкинс навистина ѝ се случеше таков немил настан за кој повика Чилиманов? Кој ќе преземеше одговорност за неговата „шега“?

Новинарите, освен со креирањето на своите новинарски дела, треба да се особено внимателни што објавуваат на социјалните мрежи и што изјавуваат во јавноста затоа што тие ја информираат публиката.

Членот 10 од Кодексот на новинарите е кристално јасен по ова прашање:

Новинарот нема свесно да создава ниту преработува информации што ги загрозуваат човековите права или слободи, нема да говори со јазикот на омразата и нема да поттикнува на насилство и дискриминација по која било основа (национална, верска, расна, полова, социјална, јазична, сексуална ориентација, политичка…).

На овој згрозувачки потег на Чилиманов реагираа ЗНМ, ССНМ и СЕММ, Владата, американскиот амбасадор Џес Бејли, претставникот на ОБСЕ за слобода на медиумите Харлем Дезир. Реакција стигна и од МИА, која прво се огради од твитот, а потоа и го суспендира Чилиманов.

Единствената осуда што изостана е таа од другото новинарско здружение, МАН – Македонската асоцијација на медиуми, чиј потпретседател е токму Чилиманов. Оттаму, наместо новинарот што повика на насилство, го осудија директорот на МИА за суспензијата на Чилиманов и го обвинуваат за мобинг, притисок и дискриминација. За написот на Чилиманов велат дека е „личен став“.

Ставовите на Цветин Чилиманов изразени преку негови постови на социјалните мрежи „Твитер“ и „Фејсбук“ се негови ставови изразени на личен профил, а не на платформа на МИА или профилите на Агенцијата на социјалните мрежи. Чилиманов не го прекршил ниту Законот за работни односи, ниту систематизацијата за работа на МИА, па оттука, незаконска е одлуката за негова суспензија.

Реакција недостасува и од Јавното обвинителство, кое по допрен глас може да покрене постапка, бидејќи говорот на омраза е кривично дело.

Чилиманов не се извини за напишаното ниту изрази каење, туку, напротив, тој се расправаше и објаснуваше на социјалните мрежи со сите што кои го осудија неговиот потег. Такво однесување, без разлика што е на приватни профили на социјалните мрежи, е недолично, неетичко, неприфатливо и во целост ја дискредитира и омаловажува новинарската професија.

 

Како се манипулира со фотографија, посебно во политиката

 

Политичари со добра политичка програма, можат да доживеат потполн неуспех заради една несреќно или површно одбрана фотографија, која покажува сосем друг имиџ од оној кој кандидатот го имаили би сакал да го има.

 

Пишува: Владо Ѓорчев

 

Досега секако дека сте ја слушнале народната „една слика вреди повеќе од илјада зборови“. Иако во минатото овој аксиом го прифаќаа мнозинството на луѓето, политичарите беа некако скептични. Сепак по многу години политичките партии и кандидатите сфатија дека изборот на фотографијата која ќе се појавува на нивниот пропаганден материјал, или во медиумите е од примарно значење.

Но со развојот на технологијата и со појавата на телевизијата како сеопфатен медиум (слика и тон), како и со развојот на социјалните мрежи, дури и компетентни и сериозни кандидати, политичари со добра политичка програма, можат да доживеат потполн неуспех заради една несреќно или површно одбрана фотографија, која покажува сосем друг имиџ од оној кој кандидатот го има, или би сакал да го има.

Фотографијата со помош на која кандидатот ја соопштува својата непосредност, компетентност, самодоверба, интелигенција, не смее да биде импровизација  пред објектив на некој пријател или фотограф аматер. Напротив, треба да биде резултат на работата на екипа, составена од професионален фотограф, кој се специјализирал за снимање на портрети, како и уметнички директор, кој му помага на политичкиот советник и шминкер.

Самиот поим имиџ (кој е увезен кај нас од САД) подразбира ставови, воглавно општествено прифатени, која една личност ги изградила за другите луѓе и широкоприфатените општествени ставови.

Кога зборуваме за имиџот на определена личносттие ставови се условени и се формираат врз основа на сигналите кои конкретната личност ги емитува кон надворешниот свет со својот изглед и однесување.

 

Вербална и невербална комуникација

Комуникацијата може да биде вербална или невербална. Во случај на политички кандидат, двата начини на комуникација имаат исто значење. Од него се очекува и надворешен изглед, кој треба да одговара на стереотипот на личност која претендира за некоја јавна функција, како и комуникација со зборови, на чијашто основа може да се заклучи дека конкретниот кандидат е во можност да елаборира сложени содржини и дека може вербално да се изрази со термини кои одговараат на неговата моментална улога, односно улогата која тој сака да ја преземе кога ќе ја добие поддршката на избирачите.

Невербалната комуникација најмногу придонесува за дефинирањето на имиџот на една личност, а посебно за кандидатот за некоја јавна функција, така што, на неа треба да ѝ се посвети посебно внимание и да се мисли на секој, наизглед безначаен детал. Овој вид комуникација подразбира емитување на сигнали кои влијаат на она што се зборува и она што се прави, а тие (сигнали) ја условуваат реакцијата на оној кој слуша и набљудува.

Во фазите од испраќањето на пораката до нејзиното разбирање, може да се интервенира така што примателот ја добие токму онаа порака која испраќачот сака да ја пренесе. Оваа интервенција воглавно се однесува на испраќачот, па, така, тој самиот станува порака.

Формирањето на победничкиот имиџ на еден политичар значи интервенирање на неговата комуникација, вербална или невербална, така што гласачкото тело би го перцепирала (би го доживеала) како победник и квалитетен политичар.

 

Што убав почеток на фотографијата!

 

najprva fotografija

Првата фотографија

 

Првата фотографија била патентирана во Франција во 1839 година од Луис Дагер, од чии идеи настана познатиот процес дагеротипија, а кој подоцна од државата доби доживотна пензија за изумот. Интересно е дека сите наоди, неопходни за фотографијата, претходно биле познати, но морало да се почека зрелоста на некоја компанија да го прифати ризикот.

Фотографијата, пак, уште од првиот ден со себе го понесе и моментот на интрига и политичка манипулација. Што убав почеток!

За фотографиите да се појават во весниците и да се користат како средство за информации требаше да помине долго време. Дотогаш весниците беа илустрирани со цртежи.

 

prvi vesnici so crtezi

Весник со цртеж (Daily Illustraded)

 

Со појавата на фотографиите во медиумите тие веднаш добија примат на вистинитост, бидејќи (барем тогаш така се размислувало) таа не е манипулирана од страна на човекот, за разлика од цртежите кои секогаш содржат нешто субјективно.

Манипулација со фотографијата почнала да се применува и на едно повисоко ниво. Еден од првите примери на манипулација може да се види во Првата Светска Војна на фотографија од Роџер Фентон, направена по наредба на кралицата Викторија. Таа трагала по фотограф кој бил испратен да ја фотографира Кримската војна (1853-1856), но не за да ги документира ужасите на војната, туку војната да се покаже на „убав начин“. Така настанале и портретите на Фентон кога офицери и војници позирале пред камера, а на нив немало ниту една борбена сцена или, пак, повредени војници. Интересен пример за оваа манипулација е дека Фентон бил првиот фотограф кој бил испратен во Кримската војна.

Фотографија од Кримската војна

Фотографија од Кримската војна, Роџер Фентон

 

Фото: манипулација без фото монтажа - крвавата Кримска војна (1853-1856) без ужас, Роџер Фентон.

Фото: манипулација без фото монтажа – крвавата Кримска војна (1853-1856) без ужас, Роџер Фентон.

Во првите дваесет години од своето постоење, фотографијата брзо се развива. Фотографите се натпреварувале кој ќе измисли подобар начин на фотографирање. Желбата да се подобри брзината на снимање и квалитетот на деталите, како и можноста за репродукција на високо квалитетни фотографии, доведе до разни пронајдоци, како што е техниката на восок хартија, албумен хартија и влажни слики. Со процесот на влажни слики се дојде до одличен квалитет на деталите.

На крајот на 19-иот и почетокот на 20-иот век фотографиите ја продолжиле својата борба за статусот во ликовната уметност. Сликата се менувала под влијание на фотографијата, како и фотографијата под влијание на сликарството. Во дваесеттите години на 20-иот век, пак, дојде до нивно спојување во колаж.

Во наредните децении, со развојот на технологиите се развиваат и капацитетите за обработка на фотографските слики. Работата на фотографот, исто така, се промени во согласност со барањата на времето и местото каде што живее. Од создавање реални слики од реални техники до повеќе фотошопиран процес во 3D софтвер за да се генерираат фотографии по желба, развојот на фотографијата се движеше со огромна брзина.

 

Политичка фотографија

Политичките фотографии изгледаат на прв поглед многу специфични. Постојат бројни барања кои мора да бидат одговорени, а влоговите се навистина високи. Но, тие во основа не се разликуваат од било кој друг вид на фотографија. Нивната анализа може да биде корисна информација за тоа како се одвиваат политичките кампањи за време на избори.

Ќе земеме за пример фотографија на политичар за плакат. Од една страна, фотографот верува дека неговите вештини и талент треба да бидат во преден план, или, едноставно кажано, да го претстави својот „стил“, но од другата страна ПР стратезите на политичарот имаат „поинакви“ идеи. Оваа борба е една од клучните точки на критика на фотографија.

Во политичките слики, што е лесно забележливо, е дека тие се на многу високо ниво на апстракција. Прво, тоа е едно лице, а ние избираме „едно лице“, иако знаеме дека структурата на демократијата е посложена од тоа. Од друга страна , обичните гласачи се елементи на фотографијата, наспроти едното лице. Ова второво е ниво на апстракција.

 

Поделба на фото манипулацијата

Фото манипулацијата е стара колку и фотографијата. Фото манипулацијата редовно се користи да ги измами или убеди гледачите. Често дури и суптилни и дискретни промени може да има длабоки последици за тоа како ние ја интерпретираме или судиме фотографијата.

Фото манипулацијата е гранка на фотографијата која ја користи фотографијата како основа, а алатките за нејзина манипулација како средства за дефинирање на посебен поджанр кој во дигиталното време комплетно се издвојува од класичната фотографија. Обично, фотоманипулацијата се остварува со монтажа, соединување на повеќе фотографии во една целина, дополнителна обработка со дигитално сликање, цртање врз неа и слично. Фото манипулација може да се оствари со пренагласено користење на одредени ефекти, но тоа се остварува ретко поради тоа што фотографијата го задржува класичниот интегритет.

 

Пикторализмот – почетокот на фотографијата и фото манипулацијата 

Како и да е, фото манипулацијата не е одраз само на дигитализацијата на фотографијата, таа почнува со самата фотографија. Всушност, фотографијата во почетокот се сметала за посебен стил на сликање. Фотографиите најпрвин биле развивани со своите основни контури, со благ фокус, па накнадно боени, доцртувани и слично со цел да се комплетира замислата на фотографот, односно сликарот. Oвој стил се нарекува пикторализам (огранок на романтизмот) и имал краток век откако Алфред Стиглиц, Стивен Стичен, Едвард Вестон и други, ги дефинираат основните начела на фотографијата, па таа продолжува да егзистира како самостоен правец. Меѓутоа, дел од пикторализмот продолжува да егзистира водоцниот 19-ти и почетокот на 20-иот век.

 

linkoln manipulacija

Манипулација на фотографии со Линколн…

stalin manipulacija

… и со Сталин

Во политиката

Најпрвата фото манипулација е извршена врз портретот на Абрахам Линколн во 1860 г., откако неговата глава е ставена врз телото на друга личност и тој портрет е искористен за печатење на Линколн врз банкнотата од 5 долари. Пропагандните постери и фотографии што го промовираа болшевизмот, подоцна комунизмот и култот на Сталиновата личност во Русија се изработени токму со фото манипулацијата преку фотомонтажа. Како што растела моќта на Сталин, така и Троцки, шефови на КГБ и останатите политички фигури исчезнувале од фотографиите на кои се наоѓал Сталин.

 

Во новинарството

Пионер меѓу манипулација на фотографијата во новинарството е Bernarr Macfadden, кој во средината на 1920-ите години, го смисли composograph-от –  процес кој обработува вистински настани, но со различни тела. Се прави шаблон од фотографии на девојки, на кои подоцна од фотографијата им се сече главата и на нивно место се ставаат глави од некои јавни или познати личности. Во 1930-тите години, уметникот John Heartfield користи тип на фото манипулација познат како фотомонтажи за да ја критикува нацистичката пропаганда.

Забележителен случај на контроверзна фото манипулација се случи во 1982 година кога  уредниците на National Geographic фотографски преселиле две од египетските пирамиди за да бидат поблиску. Овој случај предизвика дебата за соодветноста на фото манипулацијата во новинарството. Аргументот против беше дека во списанието е прикажано нешто што не постои, а го презентираат како факт. Имаше уште некои сомнителни фото манипулации како онаа со уредување на слика на Шер на насловната страница на Redbook, кога е променета нејзината насмевка и нејзиниот фустан. Друг пример се случил во почетокот на 2005 година, кога по ослободувањете на Марта Стјуарт од затвор, насловната на Њузвик осамна со фотографија на жена со тенок струк и глава од посочената личност, сакајќи да се укаже дека таа изгубила тежина додека била во затвор.

 

Насловна страница на national Geographic од 1982 година

Насловна страница на national Geographic од 1982 година

 

Во уметноста

Во уметноста фото манипулацијата добива најсилен одзив особено во времето на дигитализацијата. Широката употреба на Фотошоп му дава сосема ново значење на терминот фото манипулација. Всушност,  „фото манипулација“ како термин останува во стручната литература, додега денес сѐ е сведено на „фотошопирање“, „eдитирање“, „гибање“ на фотографијата. Со негова помош, како и со помошта на останатите софтверски програми за обработка, се става акцент на концептуалната вредност на фотографијата, се врши додефинирање на основната фотографија, а со тоа се подобрува и експресијата на фотографот. Тоа што беше надреализмот за останатото сликарство и уметност, тоа е фотоманипулацијата за фотографијата. Се вметнуваат форми, други слики, целосно се видоизменува оригиналната фотографија.

 

Манипулација со политичка фотографија во Македонија

Ова е најголемиот проблем на македонското новинарство и на фотографија, воопшто. Се разбира, Македонија ниту го измислила, ниту го патентирала овој изум, само го презела со идеја да се направи нешто од ништо. Обично се користи во политичка кампања за партиите да покажат поголема масовност на митинзите. А, како се прави?

Според македонските фоторепортери, кои со години ги покриваат политичките кампањи, манипулацијата може да се направи и со камера и со фотоапарат.

 

Сликај одозгора и одзади не оставај празен простор во фотографијата за да не даде комплетна слика : ВМРО-ДПМНЕ

Сликај одозгора и одзади не оставај празен простор одзади за да не се добие вистинска слика: СДСМ

8563760490_4e1fcc8bc3_b

…истиот рецепт и кај ВМРО-ДПМНЕ

 

Роберт Атанасовски (Франс прес):

„Зависи од стручноста на лицето што снима и во принцип се користи телеобјектив (за сликање од подалеку), а не широкоаголен. Се згуснува перспективата, така што се добива слика во која 30 луѓе може да изгледаат како 300. Обично се фотографираат одозгора под одреден агол, ама никако не треба да се остава празен простор однапред и одзади. Сликата е „полна“ и се добива ефект дека има многу повеќе луѓе отколку што има реално. Во секој случај јас не би го нарекол манипулација, туку едноставно занатски и професионално следење на настанот.  Затоа што може да има манипулација (условно кажано ) и обратно. Поголем број на луѓе да се претстават како помалку. Едноставно, едно купче на луѓе се сликаат одозгора, во тој случај се остава од страните празен простор и се добива ефект на помалку луѓе од реалниот број.

 

Манипулација за извртување на вистината

Фото манипулацијата ја менува содржината на настанот. Станува тешко за публиката да разликува помеѓу фотографија која манипулира и реалноста. Манипулирацијата со фотографијата се прави да ја измами публиката и да формира нивно поинакво јавно мислење. Читателот поради сето ова почнува да се сомнева во етиката на објавување што во светот резултира со дебата. За жал, Македонија е многу далеку од дебата на оваа тема, иако за време на избори, барем последните 10 години, манипулцијата со фотографиите и со видеата е огромна.

Прекршувањато на Кодексот на новинарите на Запад се земаа многу сериозно, особено во врска со дигитални измени на објавени фотографии. Таков беше и случајот во кој номинираниот за Пулицеровата награда за фотографија, Алан Детрих , мораше да поднесе оставка и да му биде одземена кандидатурата поради неговите манипулации на фотографиите.

Зголемената популарност на манипулацијата со фотографии покрена загриженост за тоа дали треба нереални фотографии да бидат прикажани во јавноста. Употребата на фото манипулација на веќе субјективни фотографии, создава конструирана реалност за поединецот и со тоа тешко може да се разликува факт од фикција.

Како и да е, факт е дека манипулацијата со фотографијата постои и во Македонија, но сѐ уште сме далеку од дебата на таа тема.


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

 

Овој едукативен напис е првобитно објавен од Сервисот за проверка на факти од медиумите и КриТинк го реобјавува во функција на информирање на јавноста за теми поврзани со медиумската писменост и критичкото мислење

Оставката на Димитров требаше да биде проверена од најмалку два извора

 

Лажната информација за оставката на министерот за надворешни работи, Никола Димитров, одекна како бомба во јавноста, имајќи предвид дека беше објавена еден ден по одржувањето на референдумот, на кој не беше постигнат цензусот и лесно можеше да се поверува во нејзината вистинитост.

Информацијата за оставката на министерот Димитров беше објавена на 1 октомври во 17 часот, во вестите на телевизија „24 вести“, а која се повикуваше на писмен допис, стигнат до редакцијата, за кој подоцна се утврди дека е фалсификат.

Медиумот не смеел да ја објави оваа информација, пред претходно да ја провери веродостојноста на писмениот допис. Писмениот допис до кој дошол медиумот, треба да биде појдовна точка од која потоа треба да следува проверка на напишаното. Односно, потребно е да се провери преку неколку веродостојни извори, како што е Министерство за надворешни работи, на чие чело е посочениот министер и Владата каде што таа оставка треба да биде депонирана.

Тоа во овој случај не е направено и важна информација во сензитивни политички моменти за државата се претставува како „брејкинг њус“.

Телевизија „24 вести“ подоцна објави дека веста е лажна и им се извини на гледачите и на министерот.

На оваа вест на телевизија „24 вести“ се „налепија“ и други медиуми, кои потоа информациите ги избришаа за да не се дезинформира јавноста. А, писмените деманти од Министерство за надворешни работи и од самиот министер Никола Димитров останаа.

„Министерството за надворешни работи најостро ги осудува малициозните обиди за ширење лажни вести и децидно ја демантира дезинформацијата дека министерот за надворешни работи, Никола Димитров, дал оставка. Повикуваме на одговорност за овој груб фалсификат, кој и покрај аматерскиот, крајно очајнички обид за лажно продуцирање на официјалниот акт на министер во Владата на Република Македонија, прави голема штета со тенденциозно пласирање една огромна невистина“, се вели во демантот на МНР.

МНР доставило и пријава до Министерството за внатрешни работи и Основното јавно обвинителство за фалсификат и можна злоупотреба на одредена институција.

„По добиената пријава ќе пристапиме кон работа, важно е да се утврди фактичката состојба. Лажните вести и говорот на омраза станаа нешто на кое се темелат информациите“, рече министерот Оливер Спасовски.