Проектот е финансиран од Европската Унија
Со критично мислење до граѓани со медиумска умешност - КриТинк
Mendim kritik për qytetarë me shkathësi mediatike - CriThink
Critical Thinking for Mediawise Citizens - CriThink
Home Blog Page 273

Политички памфлет за замајување на јавноста

 

[Рецензија: (Видео) ЗА МАЛКУ ИЗБЕГНАТ ИНЦИДЕНТ НА МАРШОТ НА СДСМ: Малиот одѕив на маршот во Скопје за малку не предизвикал поголем инцидент меѓу Шекеринска и Зечевиќ!)

 

Текстот што е предмет на оваа рецензија повеќе служи за манипулација, а помалку за информирање на јавноста. Написот не содржи цврсти и проверени информации, односно целиот текст се потпира на чаршиски муабети.

Линк до оригиналниот напис: (Видео)ЗА МАЛКУ ИЗБЕГНАТ ИНЦИДЕНТ НА МАРШОТ НА СДСМ: Малиот одѕив на маршот во Скопје, за малку не предизвикал поголем инцидент меѓу Шекеринска и Зечевиќ!

Датум и време на објавување: 19.9.2018

Датум на рецензирање: 24.9.2018

Рецензент: Ана Анастасовска

Според информации до кои дојде Инфомакс, слабиот одѕив на граѓаните на митингот во неделата ги зоврел страстите во СДСМ. Зоран Заев барал одговорност за милионите што се истрошени во кампањата, а на тоа се надоврзал и Никола Димитров, кој странската поддршка ја припишал како своја заслуга.

Уште на самиот почеток на текстот имаме наведување на читателот и обид за манипулирање. Имено, се нагласува дека имало слаб одѕив на митингот на СДСМ. Прво, не станува збор за партиски митинг, туку за марш за европска Македонија. Понатаму се наведува дека Заев барал одговорност за милионите потрошени во кампањата. Кои се тие милиони, за колку милиони станува збор, недостига прецизна информација за тоа колку пари се потрошени за кампањата досега. Не е побаран одговор од Владата.

Причините за дебаклот Шекеринска му ги префрлила исклучиво на организацискиот секретар Миле Зечевиќ, кој, според нашите информации, ја посочил како најдиректно одговорна за тоа што ја изгубиле поддршката во Скопје, а скопјани решиле да останат во своите домови.

Тука веќе акцентот се става на фокусот на текстот. Имено, се посочува дека дошло до судир меѓу Шекеринска и Зечевиќ поради слабиот одѕив на скопјани на маршот. Не е јасно дали авторот на написот ги броел скопјаните што излегле да го поддржат маршот. Што конкретно значи слаб одѕив на скопјани? Не е прецизно објаснето, туку само е нафрлено, што е јасен доказ за обид за манипулација на читателот.

Целата кавга околу гласините во јавноста за корумпираноста и заткулисните игри на Шекеринска кулминирале со директна пресметка зад сцената. Како што ни посочи нашиот извор, Шекеринска физички се пресметувала со Зечевиќ зад бината на митингот на Коалицијата Заедно за европска Македонија.

Тука веќе се наведува дека дошло и до физичка пресметкка меѓу Шекеринска и Зечевиќ, што е сериозно обвинение. За ваква информација не е доволно да се посочи само „нашиот извор“. Потребно е да се побараат изјави од засегнатите страни, во случајов од Шекеринска и Зечевиќ и да се провери информацијата. И не само од нив, информацијата може да се провери и од други страни, од други луѓе кои биле присутни зад бината. Да се побара нивна изјава и на читателот да му се пренесе и другата страна од приказната.

Во неделата на митингот во Скопје, на СДСМ и коалициските партнери „Заедно за европска Македонија”, се случувала вистинска драма. Имено, според очевидците што биле позади бината, поставена пред седиштето на Делегацијата на ЕУ, од непознати причини Миле Зечевиќ ѝ се нафрлил на вицепремиерката, а во еден момент тргнал кон Шекеринска, најверојатно, и физички да се пресмета. Во драмата се вмешал и нејзиниот шофер, кој на крајот успеал да ја отргне од Зечевиќ.

Причините за овој инцидент сè уште не се познати. Се шпекулира дека можеби причината била слабиот одѕив на луѓе на митингот, па вината си ја префрлале еден на друг.

Зошто нема изјава од ниту еден од очевидците? Се случувала драма зад бината, а, всушност, самиот текст е драма и ништо повеќе. Напис што не содржи цврсти докази и информации, туку само шпекулации за замајување на јавноста.

Текстот е политички мотивиран и има цел да го урне угледот на владејачката партија по секоја цена. Написот не содржи информации што можат да му дадат на читателот јасна слика за што било, ниту за парите потрошени во кампањата, ниту за одѕивот на маршот за европска Македонија, ниту за излезеноста на скопјани, а уште помалку за физичката пресметка меѓу Шекеринска и Зечевиќ. Текстот, сè на сè, е обичен политички памфлет, а не новинарски напис.

 

Ексклузивни шпекулации за манипулирање на јавноста

 

(Рецензија: (ЕКСКЛУЗИВНО ФОТО) Шилегов плочките од градот си ги ставил во вилата на Маврово?)

 

Текстот изнесува сериозни обвинувања, а притоа за доказ не нуди ништо. Иако во насловот стои прашалник, сепак во текстот никаде не е потенцирано дека станува збор за непотврдени информации.

Порталот, под превезот „Ексклузивно фото“, тврди дека одредена викендичка во Маврово е сопственост на градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов. Фразата „Ексклузивно фото“ во насловот служи само за собирање кликови, а не и за потврда на тоа што го нуди текстот.

Линк до текстот: (ЕКСКЛУЗИВНО ФОТО) Шилегов плочките од градот си ги ставил во вилата на Маврово?

Датум на објавување: 19.9.2018

Датум на рецензирање: 24.9.2018

Рецензент: Симона Атанасова

Освен оваа една непроверена информација, текстот е збогатен и со шпекулација дека гранитната коцка што се реди на викендичката е истата што била извадена, ни помалку ни повеќе, од плоштадот и улицата Македонија и оти Шилегов си ја зел од депоата на Град Скопје.

Во склоп на написот има неколку фотографии, кои би требало да го потврдат напишаното, но ништо од тоа. На фотографиите навистина се гледа викендичка и навистина се гледаат коцки. И толку. Нема никакви докази дека викендичката е сопственост на Шилегов, според сликите, таа може да му припаѓа на  кого било. Во текстот пишува дека е луксузна вила, но и за тоа нема видлива потврда, туку е само нафрлено како точен податок, кој читателот треба да го прифати. Ниту, пак, има доказ дека се наоѓа во Маврово.

А, уште помалку има доказ или каква било потврда дека гранитната коцка е буквално истата што порано била на улица Македонија и на централниот градски плоштад. За ова обвинување, јавноста е оставена да верува на фразата „според информациите што дојдоа до нас“. Изостанува податокот како информациите дошле до медиумот, кој е изворот, каде е потврдата за тоа. Не значи дека секоја информација што пристигнува до медиумите, по автоматизам, е точна. Работа на новинарот е да ја провери и да ја објави само доколку со докази се увери дека е точна.

За ова веднаш стигна демант од Шилегов, кој рече дека се работи за лажни написи и оти објектот нема гранитни плочки.

Информацијата што ја шири тој портал е обична лага, класична дезинформација со цел да се дефокусира јавноста од процесите на европеизација на Македонија, бидејќи јас сум еден од фронтмените на СДСМ и сметам дека таквите напади не се ништо друго, туку обид да се изедначиме сите во политиката.

Згора на сè, во написот има коментаторски и на моменти иронични забелешки, чие место не е во информативен текст, а особено не во текст што „глуми“ истражувачко новинарство.

На Шилегов очигледно му недостасува старо Скопје, но наместо да го гради Скопје, тој гради во Маврово, во дворот на својата луксузна викендица.

Низ целиот текст преовладува епитетот „ексклузивно“, а, всушност, треба да преовладува „непроверено“. Написот манипулира, наведува читателот да донесе погрешни заклучоци и обвинува без докази, а со цел да наруши нечиј углед.

 

Злоупотребена фотографија

 

(Рецензија: ФОТО: Доделува ли владата македонски државјанства на косовски државјани за да може да гласаат на претстојниот референдум?)

 

Текстот што го рецензираме е невистинит и тенденциозен, при што има намера да прикаже дека се издаваат лажни државјанства со цел референдумот на 30 септември да успее. Фотографијата во текстот, исто така, е злоупотребена. Таа е од друг настан и не прикажува, како што се вели во текстот, „чекање ред за државјанства“.

Линк до оригиналниот напис: ФОТО: Доделува ли владата македонски државјанства на косовски државјани за да може да гласаат на претстојниот референдум?

Датум и време на објавување: 21.9.2019

Датум на рецензирање: 24.9.2018

Рецензент: Силвана Жежова

Првиот дел од текстот содржи две невистини. Најпрвин, во текстот нема факти дека граѓаните што чекаат пред Владата се Албанци. Тоа не може да се заклучи само врз основа на фотографија. И, второ, за оваа група граѓани (Албанци како што се вели во текстот) се вели дека се внесуваат во Владата за да добијат државјанство, што е неточно.

Владата испрати демант и во него се вели дека „фотографијата објавена на порталите е преземена од одбележувањето на Меѓународниот ден на мирот, настан кој во дворот на Владата го организира Сојузот на борци на Република Македонија, и на неа НЕ се лица што чекаат ред за државјанство“.

Во моментов пред Владата на Република Македонија чекаат околу 100 Албанци од Косово, кои се внесуваат во Владата за да добијат државјанства, се вели во коментарите на социјалните мрежи.

Во однос на вториот дел од текстот, од Владата ја објаснија постапката за доделување државјанства, во која, меѓу другото, се вели дека „интервјуата на Комисијата за утврдување на условот владеење со македонскиот јазик за стекнување државјанство на Република Македонија се само еден од критериумите во постапката и тие не се последната фаза во процесот“. Или, во превод, Владата не е последната и пресудна дестинација, каде што, ако влезете, со сигурност ќе добиете државјанство.

Таму се врши полагање за тоа дали го знаат македонскиот јазик и да им дадат фермани од МВР за да им издадат државјанства, вели нашиот извор, кој додава дека никој не знае македонски и има преведувачи што им помагаат на луѓето.

Заклучокот на текстот е дека Владата ова го прави со цел претстојниот референдум да биде успешен. Ова дезинформирање на јавноста има цел таа да стекне впечаток дека власта не избира средства (носење сосила гласачи) за да ја оствари целта (успешен референдум). И во демантот на Владата испратен до јавноста се вели дека „ваквиот начин на информирање на јавноста е тенденциозно пренесување на информациите и целосно е во спротивност со етиката на професионалното новинарство“.

И во минатото, во неколку наврати, лажни вести за нелегално доделување државјанства на граѓани на Косово беа користени за поттикнување нетрпеливост кон Албанците. Ваквите никогаш докажани наводи се рециклираат одвреме-навреме уште од самостојноста, неретко во важни и критични моменти за Македонија како што е овој, со оглед на фактот што оваа невитстинита вест се објавува во текот на кампањата за референдумот за името.

Секој човек има право на слобода на мислите, совеста и верата

Слободата на вероисповед и уверување и одвоеноста на верските заедници од државата се предмет на интерес на медиумите, меѓутоа, во медиумскиот опфат на оваа проблематика често не се воочуваат проблематичните ситуациии и најчесто изостанува критичкиот и едукативен пристап.

 

Пишува: проф. д-р Мирјана Најчевскаексперт за човекови права

 

Според член 19 од Уставот на Република Македонија:

Се гарантира слободата на вероисповед.

Се гарантира слободно и јавно, поединечно или во заедница со други, изразување на верата.

Македонската православна црква, како и Исламската верска заедница во Македонија, Католичката црква, Евангелско – Методистичката црква, Еврејската заедница и другите верски заедници и религиозни групи се одвоени од државата и се еднакви пред закон.

Во овој член се содржани две различни содржини: слободата на верување и одвоеноста на верските заедници од државата.

Слободата на вероисповед претставува индивидуална слобода на секој човек да верува во што сака и најслободно да го манифестира своето верување. Слободата за изразување на својата вера или своите убедувања, Според Европската конвенција за човековите права:

…може да биде предмет само на оние ограничувања што се предвидени со закон и кои претставуваат мерки во интерес на јавната безбедност, поредокот, здравјето и моралот или заштитата на правата и слободите на други, неопходни во едно демократско општество.

Гаранцијата за слободно и јавно изразување на верата, дадена во Уставот, не е условена од постоење или регистрирање верска заедница. Тоа значи дека за да веруваат и да ја практикуваат својата вера (индивидуално и заедно со други) на граѓаните не им е потребно постоење на верски заедници. Според Европската конвенција за човековите права:

Ова право ја вклучува слободата за промена на верата и убедувањето, како и слободата за изразување на својата вера или убедување, сам или заедно со другите, јавно или приватно, преку богослужба, поука, проповеди, верски обреди и ритуали.

Верските заедници се доброволни здружувања на луѓето со истоветна вероисповед. Овие здруженија имаат правен субјективитет и како правни лица тие се одвоени од државата. Одвојувањето од државата значи дека:

  1. Државата не треба да се меша во внатрешната организација на верската заедница и во содржините кои таа ги промовира (сѐ додека тие не се во спротивност со законите и со правата и слободите на граѓаните гарантирани со националното и меѓународно право).
  2. Верските заедници не треба да се мешаат во работата на законодавната, извршната и судската власт, да вршат било какви влијанија врз нив, да бидат перцепирани како дел од било која од овие власти, да добиваат посебни бенефиции од државата или да бидат третирани на поповолен начин од останатите здруженија на граѓани.

Слободата на вероисповед и уверување и одвоеноста на верските заедници од државата се предмет на интерес на медиумите, меѓутоа, во медиумскиот опфат на оваа проблематика често не се воочуваат проблематичните ситуациии и најчесто изостанува критичкиот и едукативен пристап.

Само како пример, може да се анализира случајот на нерегистрираната верска заедница  ПОА и на Јован/Зоран Вранишковски. Во конкретниот случај станува збор за две паралелни линии на прекршување на Уставот и меѓународните документи.

 

1. Прва линија на прекршување

Првата линија на прекршување на Уставот и меѓународните договори се однесува на регистрацијата на верската заедница.

Полициските акции, судските процеси поврзани со (не)регистрацијата на ПОА, решението на Уставниот суд за одбивање на иницијативата поднесена од страна на Давид Нинов, и последното, мислењето од Комисијата за заштита од дискриминација, требаше да го предизвикаат интересот на медиумите од аспект на слободата на вероисповед.

Во отсуство на анализа, идентификување на проблемот и негово презентирање, а во ситуација на едноставна дисеминација на информации и изјави, медиумите стануваат дел од ограничувањето на слободата на вероисповед (на пример во Утрински “Битолчани бараат Синодот да расчисти со расколникот Јован – по слугувањето на Зоран Вранишковски на туѓа црква и создавањето свои „манастири“; ИнПресс „Народното движење за Македонија бара сузбивање на дејноста на Вранишковски“).

Ниту инциденти, како оној кој медиумите го забележаа на гробиштата во Кавадарци, не ги поттикнаа медиумите да го анализираат проблемот на слободата на уверување во контекстот на меѓународните документи кои Македонија ги има ратификувано, и Уставот на државата.

Во 2014 година повеќе медиуми ја пласираа сторијата за можната одлука на Европскиот суд за човекови права во полза на ПОА и обврската која што би произегла за Македонија од една ваква одлука, за регистрација на ПОА (“Македонија ќе мора да ја регистрира ПОА?“, ). Меѓутоа, дури ни ова не е искористено за пошироко објаснување на проблемот токму од аспект на заштитата на правото на слобода на верата и уверувањето и поставување на прашањето за соодветноста на постоечката законска регулатива која не само што не ја штити оваа слобода, туку, напротив, придонесува за нејзино непотребно и недемократско ограничување.

Што пропуштија да прашаат новинарите?

  • Зошто некој може да практикува верски обреди единствено во рамките на регистрирана верска заедница и со кое право се спречуваат луѓето слободно и јавно, поединечно или во заедница со други да ја изразуваат верата?
  • Зошто државата одбива да регистрира верска заедница која очигледно не ги нарушува: јавната безбедност, поредокот, здравјето и моралот или заштитата на правата и слободите на другите?
  • Што значи терминот „туѓа црква“, „расколник“ , „свој манастир“ во контекстот на слободата на вероисповед така како што е дефинирана во Европската конвенција за човековите права и како можат овие квалификации да имаат важност за судовите и утврдувањето на правниот субјективитет на една верска заедница?

 

(продолжува)


Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

 

Овој едукативен напис е првобитно објавен од Сервисот за проверка на факти од медиумите и КриТинк го реобјавува во функција на информирање на јавноста за теми поврзани со медиумската писменост и критичкото мислење

Неверојатно лесно премолчена вистина

 

Рецензија: Неверојатно: Бан Ки-Мун ѝ порача на Македонија да не прави компромис за името со Грција!

 

Неверојатно: Бан Ки-mун ѝ порача на Македонија да не прави компромис за името со Грција!“ Ова го тврди во својот наслов текстот што го рецензираме. Во поларизираната атмосфера пред референдумот, на кој граѓаните на Република Македонија ќе треба да се изјаснат дали ја прифаќаат преспанската спогодба со Република Грција, која предвидува промена на името на државата во Република Северна Македонија, а една гласна групација на граѓани бара бојкот токму за да ја спречи промената, ваква изјава од првиот човек на Обединетите нации е вистинска бомба, бидејќи им оди во прилог на заговорниците на бојкотот. Секако, не станува збор зошто некој медиум објавил изјава на видна личност чиишто ставови се косат со генералниот став на власта во државата, работа на медиумите е да објавуваат релевантни информации, проблемот е што таа изјава е дадена пред шест години, а се објавува со актуелен датум и се тврди дека е дадена – денес!

Линк до оригиналниот напис: Неверојатно: Бан Ки-Мун ѝ порача на Македонија да не прави компромис за името со Грција!

Датум и време на објавување: 9.92018

Датум на рецензирање: 20.9.2018

Рецензент: Југослава Дуковска 

Бан Ки-мун, генералниот секретар на Обединетите нации, кој вечерва пристигна во Охрид, даде шокантна изјава со која индиректно ја повика Македонија никако да не прави компромис со Грција за прашања како што се самоопределувањето и самоименувањето, а кои ОН ги сметаат за загарантирани универзални права.

Ова, според сите критериуми, е исклучително важна изјава на првиот човек на Обединетите нации, најважната меѓународна инстанца кога е во прашање долгогодишниот спор што Грција ѝ го наметна на Македонија за името на државата, и несомнено ја има потребната тежина за да биде третирана како сензација, а доказ за тоа се и повеќето споделувања на овој напис на социјалните мрежи. Проблемот е во тоа што информацијата дека Бан Ки-мун го кажал ова во септември 2018 година, спроти референдумот, е – лага! Високиот функционер на ООН ова го кажал во јули 2012 година, а во текстот се тврди дека го изјавил на 8 септември 2018 година. Овој напис за веродостојноста на информацијата се повикува на „Канал 5“, телевизијата чија вест 6 години подоцна веќе не постои во архивите, но посета на висок меѓународен функционер е лесно проверлива работа!

Ако оригиналната вест не постои во датотеките, постојат други написи што се повикуваат на истата вест и тие се објавени кога посетата на тогашниот генерален секретар на ООН, Бан Ки-мун на Македонија навистина се случила, а тоа е 25 јули 2012 година! Веста на „Канал 5“ е парафразирана во текст од порталот мкд.мк, објавен токму на датумот на посетата – 25 јули 2012 година. За веродостојноста не сведочи само тоа што овој напис се повикува на истиот извор, туку ги користи истите фотографии.

Телевизијата ја оценува изјавата на Бан Ки-мун како шокантна и наведува дека таа ќе предизвика сериозни полемики и размислувања и во Скопје и во Атина.

Со своите изјави тој практично го отвори прашањето дали правото на самоопределување и самоименување е политичко или е загарантирано универзално право што се добива со раѓање. Кога се работи за универзални права и принципи, Обединетите нации никогаш не прават компромиси, ги коментира „Канал 5“ изјавите на генералниот секретар на ОН,

се вели во написот што го рецензираме.

На интернет сè уште може да се најде аудиоснимката на прес-конференцијата што при посетата високиот гостин од светската организација ја одржа со својот домаќин, претседателот на државата Ѓорге Иванов. На снимката, како што и би се очекувало, воопшто нема изјава на Бан Ки-мун во која тој експлицитно вели дека Македонија не треба да прави компромис со Грција, така што и во оригиналната информација од „Канал 5“ изјавата на Бан Ки-мун била своеволно интерпретирана. Ваквата интерпретација потоа била искористена и во написот што го рецензираме.

Симптоматично е што веста на мкд.мк е идентична по својата содржина, од збор до збор, со таа на текстот што го рецензираме. Ова го наметнув заклучокот дека се работи за неатрибуирана копија, поточно плагијат на вест од постар датум од мкд.мк, кој е пренесен од збор до збор повеќе од 6 години подоцна! Освен тоа дека се работи за плагијат и антидатирање на вест со намера да се искористи (потенцијалната) неинформираност на читателската публика за тоа кога навистина бил Бан Ки-мун во Скопје и што кажал, може да се заклучи дека веста не случајно е објавена ден по државниот празник 8 Септември и во предвечерието на референдумот на кој граѓаните ќе се изјаснат за договорот со Грција, поврзан со името на државата. Ова непрофесионално постапување и дезинформација на јавноста има конкретна политичка заднина.

Од пребарувањето на интернет-содржините што опфаќаат изјави на поранешниот генерален секретар на ООН, Бан Ки-мун за спорот помеѓу Македонија и Грција, меѓу другото, можеме да го издвоиме неговиот став искажан по потпишувањето на преспанската спогодба. Еве како тој го коментира можното затворање на долгогодишниот спор на Македонија и Грција за името:

Сметам дека е многу охрабрувачки фактот што и двете страни се согласија да го решат долгогодишното прашање за името. Исто така сум загрижен за фактот што постои незадоволство кај граѓаните. Искрено се надевам дека прашањето за името што е можно поскоро дефинитивно ќе се реши,

што е сосем во духот на неговите поранешни изјави дадени за преговарачкиот процес помеѓу Македонија и Грција, кој со години се одвиваше токму под покровителството на организацијата на чие чело беше тој.

Од направената проверка јасно се наметнува заклучокот дека објавениот напис што го рецензираме немал цел да ги информира читателите. Токму спротивното, тој бил објавен за да дезинформира, заведе, изманипулира, злоупотребувајќи ја довербата на консументите на информативната понуда на медиумот, водејќи се од идејата дека просечниот читател нема време да навлегува во проверки на тоа дали сега веќе бившиот генерален секретар на Обединетите нации навистина бил повторно во посета на Македонија како пред шест години и дали некој посакал да го измами. Играњето на картата на неинформираноста на читателот е најлошиот можен пристап, кој можеби ќе донесе повеќе кликови на објавената вест, но ќе ја уништи кредибилноста на медиумот.