На 10 јануари е објавен пост на социјалната мрежа „Фејсбук“ во кој што е изнесено тврдење дека папата во Ватикан е уапсен поради 80 обвиненија за трговија со деца. Оваа информација не е вистинита. Сепак, постот предизвика над 200 интеракции на денот на објавување на оваа рецензија.
Истиот ден кога во постот се известува за наводното апсење, Папата ја водеше молитвата од библиотеката во палатата во Ватикан. Исто така, истиот ден тој беше активен на „Твитер“.
На 11 јануари тој најави промена на католичкиот закон со цел да им се дозволи на жените да читаат на литургии, служби и да можат да делат причест.
Неговиот распоред на обврски за 11 јануари, ден кога доколку тој бил уапсен не би можел да ги извршува работните задачи може да се погледне на следниот линк.
Во постот се тврди и дека за да се спроведе наводното апсење на папата, се случил таканаречен блекаут, односно била исклучена електричната енергија.
Но, спротивно на ова, освен тоа што немаше никакви официјални соопштенија за никакво апсење и гаснење на електричната енергија, човек чијшто стан гледа право на Ватикан, сведочи дека струја имало, немало полиција и немало истрели.
Погледнав низ прозорецот, можам да го видам Ватикан од мојот стан. Светлата беа запалени. Немаше истрели од огнено оружје. Возилата доаѓаа и си одеа како и вообичаено, како и секое вообичаено зимско неделно утро, пишува тој.
Своето тврдење го илустрира и со видеоматеријал од ноќта кога се случило наводното и непостоечко апсење, каде што се гледа дека светлата се запалени. Во дел од видеото се гледа дека возило влегува во кадарот. Некои тврделе дека е амбулантно возило, но станува збор за служба што чисти улици, додава жителот чијшто стан гледа на Ватикан.
Ниту еден релевантен медиум не извести за ова апсење на Папата Франциск, затоа што тоа не се случило и затоа што немало прекин на електричната енергија во Ватикан со цел да се спроведе ова непостоечко апсење. Откако беше објавена информацијата како и таа во невистинитиот пост што го рецензираме, Папата се појави во јавност, и тоа во живо, водејќи молитва, факти кои, исто така, потврдуваат дека не е уапсен. Постот го оценуваме како невистинит.
Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „Критинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс–наведи извор-без изведени дела.