Политичарите како иницијатори на омразата на социјалните мрежи

Фото: Принтскрин колаж

 

„Нашиот денешен Петре заедно со неговиот шеф Зоки не дај боже да им паднат на луѓето во раце во некоја темна уличка…”, напиша Груевски, меѓу другото, во пораката упатена деновиве од Будимпешта. Ова е класичен пример како од позиција на моќ на заведување на масите се злоупотребуваат социјалните мрежи за да се загрозува нечиј живот, па и уставниот поредок

 

Пишува: Љубомир Костовски

 

Ако можат политичарите, зошто не и јас? Вака веројатно размислуваат многу корисници на модерните форми на комуникација кои шират омраза. Повод за размислување на оваа тема, секако, е раширената појава на закани и навреди упатени кон носители на јавни функции. Истовремено имаме активно учество на самите носители на јавни функции, кои ја користат оваа форма на општење со своите политички конкуренти.

Знаеме за примерот со ексцесот со експремиерот Груевски, кој од Будимпешта ја испрати по интернет следната порака до актуелниот премиер, Зоран Заев и до градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов:

Нашиот денешен Петре заедно со неговиот шеф Зоки не дај боже да им паднат на луѓето во раце во некоја темна уличка…

Ова секако некој може да го сфати како повик за пресметка со посочените функционери во некаква „погодна прилика“, па може и да биде прифатен од поединци или од група поддржувачи на бегалецот во Будимпешта.

Впрочем, токму деновиве премиерот Заев веќе поднесе пријава за едно лице, кое му се заканило по „Фејсбук“.

Само куршум за тебе копиле, кој со мерак ќе ти го свирнам без око да ми трепне

Вака гласи пораката што Заев ја прочита од својот мобилен телефон пред пратениците во Собранието, појаснувајќи оти коментарот во порака му го испратила неговата ќерка. Истрагата го пронајде лицето што ја испратило пораката.

Втор пример на злоупотреба на интернетските комуникации е тој со пратеникот Антонијо Милошески, кој на социјалните мрежи објави документ кој не смее ниту да види бела светлина, а камоли да биде предмет на политички „профити“. Се работи за снимка од документ со кој на шефицата (во оставка) на Специјалното јавно обвинителство, Катица Јанева, ѝ се дава право на отсуство од работа врз основа на боледување, каде јасно е наведена дијагнозата на спомената личност. Недозволивоста на постапката секако е позната за оној што го шири во етерот сознанието од што е болна пациентката, кој е лекарот кој го дава документот, времето на кое се издава боледувањето и слично.

Претседателката на Лекарската комора, Калина Гривчева-Старделова, јасно укажа дека она што го прави пратеникот е недозволено.

Има Закон за заштита на правата на пациентите и Закон за заштита на личните податоци. Тоа не смее така да се објави. Никој не смее да мавта јавно со дијагноза туку така, вели Гривчева-Старделова

Таа додава дека една дијагноза не значи оти тоа е слика за целосната здравствена состојба на пациентот.

Општество кое долго е поделено на најмалку две големи групи ги губи мерилата на рационално однесување, самата поларизација прави простор да се губат аргументите. И така предност добива емоционалното однесување кое не е промислено. Така доаѓаме до идејата дека некој треба да се дискредитира до крај, па и да се уништи – вели во една утринска дебата на белградската телевизија Н1 психологот проф.д-р Невена Чаловскa Херцог, инаку дел од екипата на Европскиот институт за психотерапија.

Некои теоретичари велат дека она што го поставуваат политичарите, да речеме на „Твитер“, не е само нивна желба, туку се работи за ПР-стратегија, која има своја добро проценета цел и веќе се знаат следните чекори ако има негативни реакции на објавената содржина.

Она што ќе се појави на „Твитер“ во голема мерка не е генерирано од мобилниот телефон на некој политичар, туку главно се работи за ПР-тим, кој сувопарно пренесува информација и Ѝ става свој графика – вели Тарик Капетановиќ, ПР-стратег и блогер, во текстот „Најопасните болести на општествените мрежи“  

Психологот Невена Чаловска-Херцог смета дека зад разните групи што се јавуваат во кампањи за нешто или против нешто и користат говор на омраза, стојат политичари. Тие знаат дека таквите групи не ги обработуваат своите емоции, затоа и не помислуваат да искажат некаква емпатија или сочувство кон оние што ги напаѓаат.

Погледнете на што личи нашето собрание – укажува во споменатата утринска емисија на Н1 социологот Исидора Јариќ.

Тие навреди што летаат на сите страни од лица што треба да бидат пример на парламентарност, на дебата со високо ценење на противничките аргументи, а која практично знае да се симнува на најниско, пазарџиско ниво, па говорот на омраза на обичните „политички навивачи“, кои ова го доживуваат како да  добиваат дозвола за секаков јазик, особено што знаат да создадат некаква идентитетска брана, па сметаат на секаква неказнивост.

Нашето секојдневие се прелева и на општествените мрежи. Ние и Така голем дел од денот го минуваме на општествените мрежи, каде Што една реалност влегува во друга и обратно. Во новата реалност немаме правила на игра и ни треба конструирање на нов општествен договор што е дозволено, а што не. Ние не сме го регулирале новиот начин на општење, нели, кое е природно за сите луѓе. Но сЀ  уште функционираат во реалноста поделбите на класи, на посебни групи, ама новите технологии го отвораат тој простор и се вметнуваат меѓу вкоренетите простори на емотивни галаксии – вели Јариќ.

Невена Чаловска-Херцог смета дека директната врска меѓу политичарите или дел од нив и јазикот на омраза е во фактот дека преку социјалните мрежи може да се постигне ефектот на „првата проекција“, со оглед дека демантот, негацијата никогаш го нема тој ефект!

А, од каде сега јазикот на омразата добива предност во таквите политички комуникации и калкулации? Па оттаму што, вели Чаловска-Херцог, „во човечката природа е – тоа го покажале и невропсихолошки студии – луѓето да се здружуваат ако се против нешто отколку ако се за нешто“.

И двете соговорнички инаку се согласуваат со тоа дека казнувањето на говорот на омраза на социјалните мрежи мора да постои и наведоа пример од Хрватска, каде што една опозициска политичарка добивала закани по живот од корисник на социјалните мрежи. На забелешка на политичарката дека ќе го тужи, тој се потсмевал, велејќи дека се јавува од Германија и оти не му можат ништо. Но, кога му било објаснето дека таму говорот на омраза се казнува доста остро, заканувачот јавно се извинил!

Од ова секако може да се извлече јасна поука дека не може да постои само инсистирање на свеста на корисниците на социјалните мрежи кога се работи за говорот на омраза. А тоа особено треба да важи за случаите кога иницијативите за такви однесувања доаѓаат од лицата што треба да имаат повисока свест за начинот како се користат социјалните мрежи – политичарите.