Дезинформацијата дека жителите на одредени општини од Северна Македонија добиваат забрана за влез во Грција, која ја демаскира „Критинк“ , едновремено служи и за поттикнување меѓуетнички тензии и нетрпеливост на верска основа.
Пишува: Тимот на „Критинк“
Таквите текстови првобитно беа објавени на 3 јуни од „Вечер“ и ТВ „Сител“ под наслов „Грција забрани влез за општините од Македонија со најмногу заразени – меѓу нив Тетово и Чаир“. Истите дезинформации ги пренесе и „Република“ и уште неколку медиуми што се дел од истата групација поврзани со политички центар на моќ.
Во нив се наведува дека се работи за „општините со најголем број новозаразени од корона-вирусот во Македонија“, при што се наведуваат жителите на Тетово, Чаир, Сарај, Бутел, Арачиново, но и уште неколку општини меѓу кои и Шуто Оризари.
Симптоматично е дека во ваквите списоци се наведуваат само општини во кои има поголемо присуство на албанско и ромско муслиманско население, но не и општина Штип, во која етничките Македонци православни христијани се мнозинство. А, токму таа општина деновиве е идентификувана како едно од клучните жаришта на инфекцијата, поврзано со сомнеж за непочитување на мерките во текстилната индустрија.
Ваквата селективност укажува на манипулативната техника на користење кодиран јазик, односно „шифри“ чие значење е јавна тајна, со цел поттикнување негативни чувства и дискриминација кон одредени општествени групи. Притоа, термините „тетовци, чаирчани, бутелчани“ кај читателите поттикнуваат негативни асоцијации кон Албанците, како дел од креирање наратив (теорија на заговор) дека само припадниците на одредени етнички или верски заедници се виновни за ширење на болеста Ковид-19.
Во дел од овие написи како „извор“ на наводен список со неподобни општини беше цитирано наводно соопштение од Министерството за надворешни работи на Република Грција, во вид на фотошопирана слика. Проверката на „Критинк“ утврди дека такво соопштение не постои на веб-страницата на грчкото МНР, додека во вистинското соопштение нема споменување на одделни општини. И македонското МНР во објава на „Фејсбук“ оваа дезинформација ја означи како „лажна вест“.
„Критинк“ посочи и дека ваквата евентуалната забрана за патување издадена од органи од една држава, а која би се однесувала само на граѓани што живеат на делови од територии од друга држава, би го нарушила ETIAS договорот меѓу Република Северна Македонија и Европската Унија.
Дел од медиумите што ја објавија лажната вест по неколку часа ја отстранија од своите веб-страници, меѓу кои „Вечер“ и ТВ „Сител“, без да објават корекција и извинување до читателите како што налагаат новинарските стандарди.
Дезинформацијата беше објавена и од веб-страниците „Република“ и „Пресинг“ (обата медиума се во сопственост на фирмата со унгарски капитал Прва Република ДОО Скопје), како и „24 инфо“. Во овие случаи насловите гласеа:
- „Грција забрани влез за тетовци, чаирчани, бутелчани…“ (снимка)
- „Ако си од Тетово, Чаир и Бутел не можеш во Грција“ (снимка)
- „Грција забрани влез за тетовци, чаирчани…“ (снимка)
До моментот на објавување на овој напис (4.6.2020 – 11:00), ниту еден од овие три медиуми ги нема отстрането написите со кои се шират дезинформации за пандемјата на Ковид-19 и се поттикнува етничка нетрпеливост, ниту, пак, има објавено корекции или дополнувања со извинувања до читателите.
Светски искуства
На англиски за овој тип манипулации се користи терминот „политика на свирче за кучиња“ (dog whistle politics) и по дефиниција се однесува на „испраќање политички пораки преку користење шифри што имаат едно, генерално значење во однос на општата популација, но истовремено имаат дополнително, поинакво или специфично значење за целната публика. Името е добиено по аналогија со свирчињата за кучиња, кои испуштаат ултразвучни бранови кои може да ги чујат само кучињата, но не и луѓето.“
Во англиското говорно подрачје овој тип манипулации се документирани во однос на праќање расистички пораки врз основа на стереотипи, како на пример во САД со означување на Афроамериканците како „мрзливи“, кои наводно живеат како „кралици од социјална помош“ (welfare queens), или кога за афирмација на расизмот поврзан со Граѓанската војна од XIX век, наместо отворена дискусија за ропството се користат изрази како „права на федералните држави“ (states’ rights).
Поврзувањето на мигрантите со поимите „криминалци“, „силувачи“ и „инвазија“, кое се применува од десничарски популисти на повеќе континенти е, исто така, пример за поттикнување омраза од овој тип.
Домашна практика
Во политичкиот дискурс на Република Северна Македонија ваквиот тип шифри обично се заснова на раширени негативни стереотипи по етничка основа, со кои одредени групи се означуваат како штетни за општеството, отворајќи пат за говор на омраза.
- Така, на пример, за местата во кои живеат Албанци се користи „еуфемизам“ места во кои „не се плаќа данок“ или „се краде струја“.
- Повеќе социоекономски стереотипи поврзани со социјална помош, сиромаштија, необразованост и хигиена се користат за поттикнување негативни чувства кон Ромите.
- Слично како и за Евреите во земјите каде што антисемитизмот зема замав, кај нас за Власите понекогаш се промовираат стереотипи поврзани со банкарството или наводната доминантна улога во бизнис-сферата.
- Термините „патриоти“ и „предавници“ се користат за означување на етничките Македонци што и се поддржувачи на партијата ВМРО-ДПМНЕ, односно нејзини неистомисленици. Националистите од други етнички заедници на Балканот користат слична терминологија во рамките на својата средина.
- Термините „племе“ или „диво племе“ се користат од националисти да ги демонизираат сограѓаните од други етнички заедници, претставувајќи ги како примитивни и опасни „дивјаци“, имитирајќи ги стереотипите задржани од времето на колонијалните освојувања. Колонијалистите некои од своите жртви ги означувале како „човекојадци“ – стереотип што опстојува во вицови. Изминативе години овој тип изрази беа користени во националистичко-шовинистички изјави и од етнички Македонци и од етнички Албанци, меѓу кои Сашо Мијалков и Гордана Јанкулоска, Миленко Неделковски како и Сулејман Реџепи.
Присуството на ваквите изрази во секојдневиот говор го илустрира и овој твит:
Кисела Вода вечерва.
Немој да сум чула дека Филипче е крив. Или албанците биле племе. Сите заедно сме едно колективно племе! pic.twitter.com/CzqNwMpc2x— Мрснокоса (@Mrsnokosa) June 3, 2020