Повратен ефект – кога тврдоглавоста ќе надвладее врз фактите

Британската невладина организација Full Fact од Лондон, која се занимава со истражувањe поврзани со проверката на фактите (fact checking) и дезинформациите, издаде истражувачки преглед кoj се однесува на феноменот „повратен ефект“, кој настанува при проверката на фактите кај медиумските производи или изјавите на политичарите и другите јавни личности.

„Повратен ефект“ во овој контекст значи, всушност, несакано постигнување обратен ефект од посакуваниот, по извршената проверката на факти. Поконкретно, ова значи читателот, кој бил изложен на првична дезинформација, откако ќе ја прочита проверката на фактите, уште повеќе верува во првично примената дезинформација. Ваквиот ефект понекогаш дури и се интерпретира како доказ дека проверката на факти е неефективна, па дури и контрапродуктивна.

Овој истражувачки преглед анализира седум влијателни експериментални студии, кои го имаат истражувано наводниот „повратен ефект“, главно во САД. Наодите на прегледот покажуваат дека, иако „повратниот ефект“ може да настане во извесни случаи, неговата појава е многу поретка отколку што се претпоставуваше и побивањето на дезинформациите, генерално, ги уточнува верувањата на луѓето кога станува збор за конкретни тврдења.

Во две студии од 2010 и 2012 година најдени се докази за постоење повратен ефект во извесни околности, но ниедна од поновите студии, кои прегледот ги анализираше (од 2015, 2017, 2018 и 2019), не најдоа докази за постоење на овој ефект.

Случаите кога се појавува „повратниот ефект“ се оние кај кои има силно поделени и спротивставени мислења или, пак, тие каде што фактичкото тврдење не содржи убедлив доказ.

Во секој случај, овој истражувачки преглед сугерира дека проверката на фактите им помага на граѓаните да бидат подобро информирани, како и дека појавата на „повратен ефект“ е многу ретка. Тој, исто така, смета оти се потребни дополнителни истражувања и напори со цел да се сознае како содржините со проверки на факти би можеле да бидат најефективни.