Во новинарството, покрај правото на информирање, постои и правото да се коригираат објавените информации или да се објави демант во случаи кога фактите го зборуваат спротивното, односно го поништуваат тоа што е веќе објавено. И покрај обврската на новинарот да ги провери информациите колку што е можно подетаљно, секогаш постои можност за грешки или пропусти. Зборуваме за случаи кога имало обиди за примена на професионален пристап од страна на новинарот, но постојат и намерни „пропусти“
Пишува: Фатлуме Дервиши
Новинар или медиум објавува информација што ја заснова на податоците или доказите што ги добил. Се претпоставува дека пред објавувањето на информацијата новинарот мора да ги има поминато сите филтри потребни за веста да биде професионална. Прво, треба да се контактираат лицата што се главни ликови во вестите, да се споредат нивните гледишта со податоците и фактите што ги поседува авторот и да се одберат и објават важните факти што ја дополнуваат таа информација.
Институциите, физичките или правните лица споменати во вест (на кои мора да им се даде можност да ги искажат своите ставови пред да се објави веста за нив), имаат право да ја демантираат веста. Новинарот можеби погрешно го разбрал настанот, можеби погрешил во врска со фактите или можеби пропуштил важен аспект што го комплетира мозаикот на вестите и веќе му дава поинаков правец. Демантот се праќа од страна на лицата инволвирани во веста на адреса на медиумот или новинарот со барање да се објави нова вест и првичната информација целосно да се отстрани или коригира.
Ако објаснувањата или дополнителните факти дадени во демантот се убедливи, медиумот ги објавува, признавајќи дека тој погрешил во претходното објавување. Не е лесно да се донесе оваа одлука затоа што на некој начин новинарот признава дека претходно направил отстапки во вршењето на својата професија.
Правото на демант
Самиот факт дека уставот гарантира право на демант, а е регулиран и со закон и со други прописи, значи дека е важно да се смета за нормално тоа дека новинарите исто така грешат и дека секој може да бара објавување на вистината, ако врз неговото име или институција е фрлена сенка. Нашиот устав гарантира слобода на убедување, слобода на изразување, слобода на изразување размислување или став и формирање институции за јавно информирање (медиуми). Ова се основни карактеристики на демократијата.
Устав, Член 16
Загарантирана е слобода на убедување, свесност, мислење и јавно изразување на мислење.
Загарантирана е слобода на говор, јавен настап, јавно информирање и формирање институции за јавно информирање.
Загарантиран е слободен пристап до информации, слобода за примање и пренесување информации.
Се гарантира правото на одговор преку медиумите.
Загарантирано е правото на корекција во медиумите.
Да се задржиме на последни две одредби. Едната гарантира дека лицето што е цел на објавената вест има право да даде одговор, мислење и став за тоа. Слично како на суд. Во случајот со медиумите судија е јавноста. За да ја дознае вистината и да ги балансира информациите согласно вистината, јавноста треба да ги слушне сите страни.
Во втората одредба се зборува за корекцијата. Се разбира, доколку новинарот или медиумот греши, на оштетениот треба да му се обезбеди објавување на демантот, корекција на веста и кажување на вистината.
Од корените на оваа уставна одредба, произлегол и посебен член во Кодексот на етиката за новинарите, кој бара објавување демант во случаи кога ќе се утврди дека претходно објавената информација е неточна.
Кодексот на етиката за новинарите
Во случаи кога неточноста на информациите е намерна и новинарот и медиумот одбиваат да го објават демантот, законите предвидуваат и можност за покренување тужби за клевета, за уривање кредибилитет и навреда. Таков е законот за граѓанската одговорност за навреда и клевета.
Законот за граѓанската одговорност и клевета
Одговорност за клевета, Член 8:
За клевета одговара оној кој за друго лице со потврден или видлив идентитет, на трето лице му пренесува невистинити факти штетни за неговата чест и имиџ, додека знае или бил должен да дознае или можел да дознае дека таквите информации се невистинити.
Кога новинар клевети намерно значи дека знае оти се работи за лажна вест. Тој можел да ги искористи изворите на информации за да ги потврди вестите, но не го сторил тоа. Правното лице или самите медиуми исто така може да бидат одговорни за клевета во медиумите. За клевета објавена во медиумите, одговорност може да сноси и правното лице или самиот медиум.
Одземање на правото на демант
Последниот случај што лесно може да се потврди е тој меѓу поранешниот новинар и сегашен службеник за односи со јавноста во Владата, Петрит Сарачини, и порталот „Инфомакс“. За да се спротивстави на тврдењата дека порталот пласирал лажни вести, „Инфомакс“ пишува за Сарачини дека не напишал ниту еден новинарски текст во својот живот. Сарачини ја демантира публикацијата укажувајќи на своето медиумско искуство и академско образование. Претходно, како што пишува Сарачини, новинарот или медиумот не го контактирале за да ги потврдат тврдењата. Демантот никогаш не беше објавен на „Инфомакс“ иако беше докажано (или веќе беше познато) дека информациите се неточни. Не е познато дали случајот преминал во правосудните органи.
Демантот – право на изразување
„Мојата слобода завршува таму каде што почнува твојата слобода“. Овој израз нѐ учи дека демократијата ти дава слобода на изразување сѐ додека тоа не му наштети неправедно на некој друг. Затоа, можноста за демант во медиумите постои како форма на корекција доколку објавената информација неправедно му наштетила некому. Како форма на решавање на проблемот, новинарот и медиумите мора да обезбедат објавување на демантот.