[Рецензија: Нов линч на деспотот Заев: Приведен Трајко Вељановски и уште две лица поради наводен тероризам]
Текстот што го рецензираме е тешка бесмислица. Тој е полн со коментари, меша „баби и жаби“ и има цел политички да го оцрни премиерот и лидер на СДСМ , Зоран Заев.
Линк до оригиналниот напис: Нов линч на деспотот Заев: Приведен Трајко Вељановски и уште две лица поради наводен тероризам
Датум и време на објавување: 20.2.2019
Датум на рецензирање: 25.2.2019
Рецензент: Ана Анастасовска
Насловот на текстот, „Нов линч на деспотот Заев: Приведен Трајко Вељановски и уште две лица поради наводен тероризам“, е бомбастичен и манипулативен. Имено, во него се наведува дека премиерот Заев има некаква врска со приведувањето на поранешниот спикер Трајко Вељаноски. А истото се тврди и во првата реченица од написот.
Во паника, власта на Зоран Заев трга со нов линч, овој пат мета е поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељановски, кој беше приведен вечерва.
За каква паника станува збор, не е јасно, исто како што не е јасно каква врска може да има „власта на Заев“ со приведувањето на Вељаноски. На самиот почеток од текстот имаме мешање на судска со извршна власт. Извршната власт не е таа што апси и приведува. Полицијата го прави тоа, но по налог на правосудните органи, не по налог на премиерот. Заев не е обвинител.
Ваквиот почеток на текстот јасно ни ја открива неговата цел, а тоа е неоснован напад на премиерот Заев и негово политичко дискредитирање, што е новинарски непрофесионално.
Ваквиот чекор доаѓа откако власта на Зоран Заев избега од избори поради малата поддршка од граѓаните. Познавачите велат дека ова е очаен чекор за одвлекување на вниманието од важни теми за државата.
Тука сега имаме мешање на избори, Заев не сакал избори и затоа го апсел Вељаноски. Едно со друго нема никаква врска. Се спомнуваат и познавачи што ова наводно го потврдуваат, иако од таквите познавачи нема ни трага ни глас во написот.
Целиот текст е хаотичен. Напишаното нема никаква издржана основа, што е спротивно на новинарскиот кодекс. Написот е манипулативен и има цел да го нападне Заев и да создаде слика кај читателот дека премиерот се меша во судската власт и нарачува апсења и приведувања.
Наместо да манипулира, написот, за да биде новинарски професионално изработен, требало да наведе зошто е приведен Вељаноски, односно за што е осомничен. Исто така, текстот треба да содржи и став од Вељаноски. Дури тогаш јавноста би добила вистинска информација за приведувањето на поранешниот спикер.