Презентирани наодите од истражување за медиумска писменост и критичко мислење кај младите

„Евротинк“ – Центар за европски стратегии и Фондацијата за интернет и општество – „Метаморфозис“ денеска (11.3.2019 г.) презентираа наоди од теренско истражување – анкета, која беше спроведена во периодот од декември 2018 до февруари 2019 со 301 студент од три универзитети во РСМ (УКИМ, УКЛО, Универзитет на ЈИЕ). Истражувањето беше спроведено во рамките на  проектот „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – КриТинк“, кој се спроведува со поддршка од Европската Унија.

Целта на истражувањето е да се анализира врската помеѓу медиумската писменост и способноста за критичко размислување кај младите.

Во рамките на информативната средб беа изнесени следните клучни наоди:

  • Во просек, неделно, младите поминуваат 13 часа гледајќи телевизија, 4 часа слушајќи радио и 39 часа на интернет.
  • 38% од младите се информираат од интернет (електронски верзии на телевизии, дневни весници, портали);
  • 32% од младите се информираат од интернет (социјални медиуми Facebook, Twitter);
  • 8% од младите се информираат од телевизија;
  • 1% од младите се информираат од печатени медиуми.

Младите најчесто гледаат забавни содржини на телевизија (57%), информативни содржини (вести и дебатни емисии) (22%,) едукативни содржини (20%) и контактни емисии (под 1%).

4% од младите гледаат само содржини од домашна продукција, 10% само од странска продукција, 20% гледаат содржини и од домашна и од странска продукција, но доминантно домашна продукција, а 35% гледаат содржини и од домашна и од странска продукција, но доминантно странска продукција, посочи Александар Стојановски постар истражувач од „ЕвроТинк“.

Главните причини зошто се сомневаат во информација што ја прочитале на социјалните мрежи се:

Информации што не се во согласност со моите верувања 24.3%
Правописни и\или граматички грешки 27.8%
Очигледен слаб квалитет на методологијата на истражување (на пр.: Примери, процедури, мерки и друго.) 35.6%
Заклучоци што не се совпаѓаат со изворните податоци 35.6%
Политичката природа на информациите 40.8%
Мислење наместо фактички информации 42.6%
Тенденција на авторот да претерува или да преувеличува, односно да искривува информации во свои претходни текстови 45.1%
Недостаток на детали за изворот на информации 50.4%

Повеќе информации за резултатите од истражувањето се наоѓаат на следниот линк.