Проблемот со информациите и високото ниво на нивното користење

Фото: Deviantart/Information Overload by okofrancisco
Фото: Deviantart/Information Overload by okofrancisco

 

Сè поголемото производство на информации и нивна дистрибуција преку сè побројните медиумски канали, како и огромниот број медиуми што ги користат тие канали, прават да бидеме заситени од информации. При ова „добриот избор“ е вистинскиот одговор на прашањето како да се одбраниме

 

Пишува: Дејан Донев

 

Изобилиството од информации, кое во нашата култура агресивно ни се наметнува преку медиумите, физички не може да се одбегне. Имено, според последната анализа на Рансфорд, околу 30% од нашето време додека сме будни ги поминуваме на користење на медиумите, со дополнителни 39% на користење на медиумите со друга активност. И тука предничи телевизијата. Последицата од нејзината доминантност најдобро се изразува преку податокот дека само во САД денес има повеќе ТВ-приемници отколку луѓе! Во однос на другите медиуми, секако, тука е и компјутерот како можен медиум. Од аспект на неговото користење само за поврзување со Интернет, во светски рамки се бројат 3.999.348.213 интернет-корисници.

Ако пред илјадници години проблембеше производството на информации и обезбедувањето нивна поголема пристапност, со развојот на масовните медиуми проблем е заштитата на човекот од преголемиот обем на информации. На пример, ако на почетокот на 14 век во библиотеката на „Сорбона“ имало само 1.338 книги, а притоа важела за најголема библиотека во Европа, денес постојат мноштво библиотеки во кои има повеќе од осум милиони книги, кои им се изнајмуваат на милиони корисници годишно. Прашајте се што би било доколку сакате да ги прочитате книгите објавени оваа година за да бидете во чекор со новобјавените наслови!? А нивната бројка не е мала: 1.660.557 книги на светско ниво.

Сè поголемото производство на информации и нивна дистрибуција преку сè побројните медиумски канали, како и огромниот број медиуми што ги користат тие канали, прават да бидеме заситени од информации. При ова „добриот избор“ е вистинскиот одговор на прашањето како да се одбраниме. Тој го вклучува психолошкото орудие – автоматизам. Се работи за рутинска постапка, која нашата свест ја усвојува за да овозможи брзо и ефикасно извршување на процесот на филтрирање, по принципот на рутинско и ефикасно извршување многубројни секојдневни активности. На пример, никој повеќе не прашува како научивме да пишуваме на тастаура, да размислуваме за буквите што ги има во секој напишан збор, кој прст која буква треба да ја притисне на тастатурата… Имено, додека учиме како да работиме нешто, во нашата свест внесуваме упатства слични на компјутерските шифри. Кога шифрите се внесени во свеста, подоцна можат автоматски да бидат активирани, без размислување.

Додека ние ја програмираме шифрата што управува со нашите автоматски, рутински постапки, тоа го прават и масовните медиуми и тие што се рекламираат. Тие ги користат нашите навики за свои цели, за да нè привлечат со пораки направени за нас, но не обврзно се и корисни за нас! Тоа го прават е преку континуирано инсистирање на одредени обрасци на однесување, сè додека не станат автоматски навики. На пример, редовното вклучување на радиото штом влеземе во автомобилот или вклучувањето на ТВ-приемникот штом дојдеме дома или на компјутерот или телефонот штом се разбудиме…

Медиумите нè програмираат да бидеме отворени и прифатливи за мислењата што тие преку пораките сакаат да ни ги пренесат. Со тоа се зголемува ризикот од прифаќање погрешни мислења. Се зголемува и ризикот од пропуштање многубројни пораки од кои  би имале поголема корист. Затоа е неопходно понекогаш да ги преиспитаме шифрите програмирани во нашата свест, а најголемо значење во тоа има самата медиумска писменост.