Психијатар дезинформира дека вакцина против ковид-19 не постои!

 

Споделувајте веднаш, зашто ќе го избришат и овој клип, слушнете ја вистината и од другата страна, се тврди во описот на видеоматеријалот со Фејсбук- пост кој го рецензираме, а кој до моментот има над 100 споделувања.

На видеото говори доктор Мила Алечковиќ. Едноставно пребарување на интернет води до информацијата дека таа е психолог и клинички психијатар, професор на факултет под чие менторство во Србија дипломирале над 120 студенти. Професорката Мила Алечковиќ предава психологија на личноста, психопатологија на личноста, антропологија на личноста, когнитивна невропсихологија, психолошки правци, психологија на учењето и психологија на манипулациите.

Секако, ниту еден од овие предмети и стручни полиња на дејствување на Алечковиќ не е поврзан со вирусологија или епидемиологија, но во материјалот што го рецензираме, таа зборува токму за вакцините против ковид-19, притоа изнесувајќи комплетно непоткрепени и невистинити информации. 

На пример – тврди дека вакцина против ковид-19 не постои и оти воопшто не е измислена! Не ѝ е првпат на професорката да изнесува измислици, а видеата ги гледаат илјадници граѓани!

На пример, хрватски „Фактограф“ се осврнал на нејзините неточни тврдења дека температура на чело не може да се измери (со бесконтактен топломер н.з.), како и нејзиното неточно тврдење дека производителите на вакцините ја прескокнале фазата на тестирање на вакцините врз животни.

Овие тврдења, секако, се неточни. Достапни се резултати од неклинички истражувања за некои вакцини, а од ХАЛМЕД за „Фактограф“ објаснија дека е можно да се користат и токсиколошки и клинички податоци добиени од други прозводи што користат иста платформа, пишуваат проверувачите на факти од Хрватска.

Но, да се вратиме на триминутното видео, кое е предмет на нашата рецензија. Во 32 секунда од материјалот таа вели:

Тврдам дека никаква вакцина против ковид-19 не постои и ги пренесувам зборовите на нашиот најголем вирусолог и епистемиолог, доктор Дидиер Раулт од Марсеј, кој вели дека вакцина против ковид-19 е научна фантастика. Тоа не е вакцина, таа не постои, постои само генетски третман со кој врз нас се експериментира, а животните се прескокнати. И, како што вели Дидиер Раулт, немојте тоа да им го правите на луѓето, тоа е лудило, ќе избие револуција. Така што приказната за американска, руска, скандинавска, јужњачка вакцина, воопшто не ме интересира, вакцини нема, вели Алечковиќ.

Докторот што го споменува во својата изјава, Дидиер Раулт, се соочи со дисциплинска постапка, како што пренесе лондонски „Гардијан“, затоа што го фаворизирал лекот хидроксихлорокин за третман на ковид-19 и тоа без докази. Франција го забрани овој медикамент за употреба. За истиот лек, месеци подоцна, СЗО обелодени дека е неефикасен против ковид-19, базирајќи ја одлуката на студија во 30 земји. И МАЛМЕД, македонската агенција за лекови и медицински средства, летово пренесе информација за ризиците од употребата на овој лек, во која се повика на потсетникот за ризиците поврзани со употребата на хлорокин и хидроксихлорокин при лекување на болеста ковид-19, објавен од страна на Европската агенција за лекови.

Во Македонија се најавени кинеската вакцина на „Синофарм“, на „Фајзер“, вакцината на „Астра Зенека“, како и руската „Спутник“. Во светот е официјално дека

Според најновите податоци на порталот Our World In Data, кои потекнуваат од националните власти на земјите ширум светот, вакцинацијата е почната во 116 земји, при што најголем процент од популацијата е вакциниран во Израел.

Во 2.45 мин. од видеото, Алечковиќ вели дека вакцината не ги поминала сите фази на проверка, дека е прескокнато тестирањето врз животни и оти вакцинација не би требало да се дозволи.

Овие нејзини тврдења се невистинити.

  1. Вакцината е тестирана врз животни. 
  2. И организацијата за заштита на животни ПЕТА има реакција за ваквото тестирање врз животни. 

Фајзер и Бионтек не чекаа долги тестови врз мајмуни и глувчиња, туку ги спроведоа мноштвото од тестовите врз животни во исто време додека вакцината беше тестирана на луѓе. Пораката за американската Агенција за храна и лекови е јасна – да се подобри истражувањето за вакцината со отстранување на барањето за долги тестирања врз животни. Потрошени се декади на погрешни тестирања врз животни, кои имаат цел да создадат вакцина против ХИВ, туберкулоза, Зика и други смртоносни болести, без резултати. Време е да се промени фокусот од старата наука и да се прифати новиот модел на Фајзер, Модерна и другите компании кои се пионери. Да се заменат тестирањата врз животни со поверодостојни и релевантни за луѓето, се вели во реакцијата од ПЕТА.

Да се каже дека вакцината против ковид-19 е нетестирана на животни е лажно тврдење. Некои луѓе дури и јавно велат дека одбиваат да се вакцинираат, токму затоа што вакцините се тестирани на животни.

Докторката е предмет на интерес и на регионалните проверувачи на факти, особено поради тоа што заговара дека маските се канцерогени, ги советува луѓето да се лекуваат од корона како да е грип итн.

Таа е чест гостин на страниците за разоткривање дезинформации и поради тоа што повторува дека никој не починал од корона-вирусот, иако светските статистики се немилосрдни и досега од ковид-19 починале над 2.5 милиони луѓе.

Изјавите на доктор Алечковиќ претставуваат дезинформирање на јавноста. Истото тоа се однесува и на изјавата што е предмет на оваа рецензија. Нивната невистинитост може лесно да се провери, тие повеќе пати биле предмет на анализи од страна на проверувачите на факти, кои постојано откриваат невистини во нејзините јавни настапи. Покрај тоа, таа цитира и лекар којшто се соочил со дисциплинска постапка за својата работа зашто фаворизирал неиспитани лекови за ковид-19.

 

Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „Критинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонснаведи извор-без изведени дела.