Црногорскиот музичар Рамбо Амадеус, кој е и амбасадор на добра волја на УНИЦЕФ, им упати порака на сите родители, извести порталот „Истиномер вести“:
„Кога децата ве гледаат како се ѕверите во телевизорот и гледате шунд-содржини, немојте да очекувате дека вашите деца ќе завршат на „Сорбона“. (…) Главна задача на родителите е своите деца, пред сè, да ги запознаат со квалитетот – кој било квалитет. Да им покажат на децата каде се наоѓа тој квалитет, како се препознава, како се користи. Оти кога детето е еднаш запознаено со квалитетот, од која било област, по автоматизам ги изострува своите критериуми. И кога детето ќе се запознае со некој квалитет, со изострени критериуми, ќе му биде помалку интересно да се матка со нешто што е понеквалитетно, заглупавувачко или штетно“, изјавил Антоније Пушиќ алијас Рамбо Амадеус на трибината по повод Меѓународниот ден на семејството, одржана на 15 мај, во Подгорица.
На истиот настан, професорката од Филозофскиот факултет во Подгорица, Лидија Вујачиќ, порачала дека да се биде медиумски писмена личност значи да се има критички пристап кон содржините што се со лош квалитет, бесполезни или неадекватни за возраста, но и да се најде рамнотежа меѓу користењето медиуми и другите активности.
„Како ’водичи‘ низ програмската шема, родителите би морале на своите деца да им укажат на полезните и штетните медиумски содржини, да им ја појаснат разликата меѓу реалниот свет и фикцијата, добрите и лошите примери,“ истакнала Вујачиќ.
Младите репортери од кампањата за медиумска писменост „Избираме што гледаме“ соопштиле дека ги разорачарал податокот дека реалните шоу програми се на прво место на најбарани видеосодржини од „Јутјуб“ од Црна Гора за 2018 година, кој го добиле преку истражување.