Фотографија на јавна личност од Русија се претставува како да е на професор по медицина од Северна Македонија, со цел да се измами публиката и да поверува дека медицински професионалец им препорачува и одобрува препарат за кој е наведено дека ги чисти крвните садови и следствено ќе го намали високиот крвен притисок кај пациентите со хипертензија. Рецензираме рекламен материјал, кој не само што користи непостојни професорски препораки, туку и го модифицира нивното име, во надеж дека ќе звучи повеќе како име и презиме на професор кој е од Македонија, со цел да се таргетира токму целната група на потрошувачи во земјава.
Во рекламата се вели:
Како да се спасите и да си го сочувате здравјето? Зошто токму од крвните садови зависи 90% од здравјето? Кои се јавните симптоми на оштетените крвни садови, а кои се латентните? На овие прашања одговори раководителот на одделението за васкуларна хирургија при Универзитетската клиника во Скопје, професорот Миодраг Атанасовски.
Не е првпат името Миодраг Атанасовски да биде користено како мамец за продавање препарати против хипертензија. Како што „Вистиномер“ претходно пишуваше, истото име се користеше како параван за наводен професор, ама тогаш наместо фотографијата на Константинович Пушков, се користеше фотографијата на проминентниот руски адвокат Хенри Резник.
Под исфабрикуваната реклама која ја рецензираме има и фотошопирани коментари од наводни задоволни корисници. Дадена е и бизарна причина зошто препаратот „Кардиол“ не се продава во аптеките, туку само со онлајн-нарачка, а тоа било наводно, зашто сите произведени количини веднаш се продавале и тоа во болниците. Во македонските болници „кардиол“ не се користи. Ова е лага.
Исто така, лага е дека препаратот ги поминал сите испитувања во македонскиот Институт за кардиологија, каде што наводно била потврдена неговата ефикасност. Институт за кардиологија во Македонија нема.
Без да навлегуваме во тоа дали препаратот „кардиол“ е ефикасен, констатираме дека е искористен неетички маркетинг за неговата промоција, односно маркетинг-стратегија која е базирана на измамнички наративи и лажно претставување на фактите како да доаѓаат од врвни медицински стручњаци. Лага е дека постои професор Миодраг Атанасовски, кој препорачува „кардиол“, кој бил потврден како ефикасен на Институтот за кардиологија.
Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „Критинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс–наведи извор-без изведени дела.