Сцената на заговор како сцена на злосторство

Фото: Принтскрин колаж - pixabay.com - commons.wikimedia.org

 

Светот на заговори е црно-бел бидејќи е полн со драстични контрасти и драматични противречности. Од нивните судири и спротивставености се подаваат долги сенки, кои се надвиснуваат над обичните животи, внесувајќи напната неизвеснот во исчекување на катаклизмички настани со уништувачко дејство врз поединците. Овие настани, сместени во епицентарот од навестуваниот потрес на системот, се плод на теории на заговори. Да ги погледнеме одблиску, загледувајќи се во „сцената на заговорот“ како своевидна „сцена на злосторот“ видена повторно низ „детективското око“ на верувачите во теориите на заговори

 

Пишува: Д-р Билјана Ѓонеска, научна соработничка, МАНУ

 

Секоја теорија на заговор се одликува со извесна сценичност.

Оваа изјава важи и за своевидните „скептици“ (кои имаат склоност да препознаваат и отфрлаат теории на заговори), но и за таканаречените „верувачи“ (кои имаат нагласена податливост кон теории на заговори). За првите, сценичноста произлегува од атмосферата на филмичност, полна со споменатата драмска претераност и театралност. Вторите, пак, верувајќи дека ништо не е онака како што изгледа, сценичноста ја доживуваат како инсценираност и кореографираност, каде сè е привидно, пресметано, однапред наместено и целосно оркестрирано. Значи, верувачите на теории на заговори, на сцената од заговорот ѝ приоѓаат како на сцена на злосторот.

 

Известување од „сцената на заговорот“

На оваа сцена со будно око се следат сите расфрлани „докази“ и се поврзуваат „навидум несврзани“ елементи, а потоа се сместуваат во еден поголем „систем на вредности“. Зашто теориите на заговори обично се одликуваат со една општа исповрзаност и преплетеност од настани и личности, но и вклопеност во други теории на заговори. За разлика од нив, вистинските заговори обично остануваат ограничени на одредени места и околности, претпоставки и личности.

Притоа, како „докази“ се третираат сите, па дури и спротивставените искази, т.е. оние тврдења што меѓусебно се поништуваат. Единствен услов е тие да поседуваат елементи на конспиративност. Пример, тврдењето дека смртта на принцезата Дијана е лажна и инсценирана, добива еднаков степен на важност и вистинитост, колку и тврдењето дека смртта на принцезата Дијана е вистинска, но нарачана и испланирана.

Освен општата слеаност, монолитност и тежнеење кон обединетост, некои теории на заговори создаваат и извесен ефект на огледало. Па така, тајното здружување и кодираното комуницирање спроведени со цел за идно наштетување, кои обично им се припишуваат на моќни групи или поедници, прераснуваат во начин на организација и дејствување за некои припадници на радикални движења и верувачи во опасни теории на заговори. Екстремните ставови, потсилени со конспиративните наративи, често произведуваат шеми на илегално поврзување и планирање. Ова е најсликовито прикажано низ примерот на QAnon, теорија на заговор, кон која се приклонуваат крајно десничарски движења, а која се заснова на верување дека светот го раководи мрежа од либерални сатанисти и педофили што тргува со бели робје (деца и жени), поткопувајќи  ја стабилноста на семејството како основен столб на американските вредности. Прво, оваа теорија се одликува со мистериозност и тајно здружување, зашто нејзините предводници и самите следбеници комуницираат под псевдоними, прекриени со анонимност и потполно непознати за јавноста. Второ, објавените и дискутирани пораки се одликуваат со енигматичност, двосмисленост или неодреденост, па наликуваат на шифрирани упатства. И за крај, оваа теорија навистина поттикна здружување заради наштетување, кое вроди со јануарскиот напад на Американскиот сенат, со човечки и материјални жртви кои се неспорни и реални.

 

„Детективскиот пристап“ на верувачите во заговори

Како сите самопрогласени „детективи“ и верувачите во теории на заговори се убедени дека се одликуваат со посебна проникливост, остроумност и обдареност да видат подалеку од другите, и подлабоко од површниот приказ на нештата. Во основа тоа е систем на уверување кој се темели на замена на тези и испревртени убедувања. Така, претераната скептичност е претставена како здрава доза на претпазливост и сомничавост. Но, за разлика од вообичаената, заговарачката сомничавост и недоверливост не е обдарена со аналитичност и не е водена од љубопитност да се дознае објективната вистина. Често, претераната скептичност е претставена и како слободоумност т.е. ослободеност од стегите и цензурите на општеството. И повторно, оваа декларирана слободоумност се коси со необичната отпорност кон нови видувања и конкретни докази, кои не одат во прилог на претпоставените тези. Напротив, секој обид за побивање и негирање на теориите на заговори, има спротивен ефект кај верувачите, бидејќи резултира со нивно потсилување и понатамошно утврдување. Конечниот резултат е некохерентен систем на верувања, заснован на тези кои меѓусебно се побиваат и исклучуваат, врски што логички не се градат ниту причински-последично надоврзуваат, и заклучоци што ниту логично се изведуваат ниту би требало да се очекуваат. Затоа е важно што ги истакнавме овие разлики меѓу конспиративното и конвенционалното размислување, како начин за брза ориентација и препознавање на заговорничките системи на убедување.

 

Авторката е национална претставничка за европскиот проект за „Компаративна анализа на теории на заговори“ (conspiracytheories.eu).

 

Овој едукативен текст е подготвен во рамки на проектот „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – Критинк“ кој го спроведуваат Фондацијата „Метаморфозис“ и „Евротинк“ со финансиска поддршка на Европската Унија. Содржините од „Критинк“ се слободни за целосно преземање согласно условите на лиценцата Криејтив комонс, под услов да се наведе изворот и да се постави линк кон онлајн ресурсниот центар crithink.mk. Содржините не секогаш ги изразуваат ставовите на Европската Унија.