Семејната прошетка на мечињата не е на Водно, туку во САД

[Рецензија:ФОТО: Семејна прошетка на Водно ]

Фотографија од мајка мечка и четири малечки слатки мечиња се појави на социјалните мрежи и на некои веб-портали и предизвика голема заинтересираност. Во описот на фотографиите стои дека мечката и малите мечиња се сликани на Водно, односно во непосредна близина на Свети Пантелејмон, што е невистина.

Линк до оригиналниот напис: ФОТО: Семејна прошетка на Водно

Датум и време на објавување: 20.5.2020

Датум на рецензија: 20.5.2020

Рецензент: Симона Атанасова

Во текст на еден од веб-порталите е напишано дека фотографиите се снимени денеска (20.5.2020) напладне.

За нив не важат мерките, па можат колективно да шетаат на Водно, во непосредна близина на Свети Пантелејмон. Фотографиите се снимени денеска напладне.

А на една од објавите на социјалните мрежи пишува дека фотографиите се направени од шумар.

Ни едното ни другото не е точно. Оваа фамилија на мечки не е фотографирана на Водно, ниту некаде приближно до Македонија.

Со лесно пребарување на фотографијата на Гугл се забележува дека таа е објавена во април минатата година. Малите мечиња и нивната мајка се фотографирани во национален парк на границата помеѓу државите Тенеси и Северна Каролина во САД.

Прошетката на мечињата е објавена и во видео, кое кога ќе се погледне целото, јасно е дека не се работи за скопската планина Водно.

Не сè што се објавува на социјалните мрежи е вистина, колку и да изгледа така на прв поглед. Затоа медиумите, пред да објават каква било информација – фотографија, треба сеопфатно да проверуваат колку што е можно повеќе. Во спротивно, свесно или несвесно ја манипулираат и дезинформираат јавноста, како што е случајот со оваа лажна вест.