Сензационалистичка вест за повеќе кликови

[Рецензија: Нова трагедија: Пронајден мртов таксист во Скопје]

 

Веста што е предмет на оваа рецензија е сензационалистичка и тенденциозна. Со неа се создава погрешна слика во јавноста и се крева паника неосновано.

Линк до оригиналниот напис: Нова трагедија: Пронајден мртов таксист во Скопје

Датум и време на објавување: 23.2.2019

Датум на рецензирање: 27.2.2019

Рецензент: Ана Анастасовска

 

Она што привлекува внимание на прв поглед, секако, е насловот на оваа вест. Зборовите „нова трагедија“ сами по себе се сензационалистички и тие, секако, ќе ве натераат да го кликнете текстот. Кога го употребувате зборот „трагедија“ алудирате на тоа дека се случило нешто страшно. Понатаму се вели „пронајден мртов таксист“ и веднаш си помислувате дека со таксистот се случило нешто страшно и брзате да прочитате што се случило.

Кога ќе ја отворите веста, таа е кратка и не нуди ништо конкретно.

Доцна попладнево под Железничката станица во Скопје бил пронајден мртов маж, дознава „Курир“ од очевидци. Во моментов полицијата врши увид на местото на настанот.

Во веста не се спомнува ниту таксист ниту нешто прецизно. Само се наведува дека е пронајден мртов маж. Сега читателот сам нека „истражува“ кој е мажот и што се случило со него.

Целиот текст е во таа насока да се крене паника во јавноста дека на луѓето нешто им се случува и отитие умираат по улици под чудни околности.

Утредента е објавена вест за истиот настан, на истиот медиум, но овој пат тоа е извештај од полициски билтен.

Веста е со наслов „Скопјанец починал на улица“.

На 23.2.2019 година во 23.20 часот во СВР Скопје било пријавено дека на улица „Лазар Личеновски“ починал Т.Т.(51) од Скопје. Смрт без траги на насилство констатирал лекар, а по наредба на Јавен обвинител над телото на починатиот била извршена обдукција и е констатирано дека причина за смртта е срцев удар, велат од МВР.

Значи не станува збор за трагедија за каква што алудира написот што го рецензираме, никој не го убил мажот, туку човекот починал од природна смрт, од срцев удар. Видлива е намерата на оваа тенденциозна објава да го зголеми бројот на  кликовите и по цена да создаде паника во јавноста, поради  некакви наводни мистериозни умирања на луѓето во главниот град.

Целта на веста е да информира, а објавување сензационалистички написи, каков што е овој текст, кој креира лажна слика во јавноста, е целосно во спротивност со добрите практики на етички исправното новинарство.