Насловот на текстот за последиците од катастрофалниот земјотрес во Албанија е сензационалистички, предизвикува емотивни реакции кај читателите и притоа не е познато дали е точна. Текстот се повикува на албански портал до кој нема ниту линк, па оттука не се знае ниту изворот ниту вистинитоста на тоа што е објавено.
Линк до оригиналниот напис: (Земјотрес Албанија) Дедо извлечен жив од под урнатините, умрел кога дознал дека внукот не е спасен
Датум и време на објавување: 26.11.2019
Датум на рецензирање: 26.11.2019
Рецензент: Силвана Жежова
Во местото Тумани загина дете (10) во страшниот земјотрес што ја погоди Албанија. Еден Албанец раскажа за редакцијата на албанскиот портал „Јок Албаниа“ дека постар маж е извлечен од урнатините на напуштен хотел во Драч, а кога дознал дека внукот сè уште е затрупан – починал на самото место.
Текстот што го рецензираме нема линк до изворниот текст од медиумот што се посочува како извор. Фотографијата објавена во текстот, исто така, не е доказ за приказната што се пласира. Вестите за земјотресот во Албанија оправдано се топ-тема на денот, но медиумите треба да избираат што објавуваат и да бидат внимателни кои вести ги пренесуваат.
Ваквите емотивни приказни, кои се објавени на голем број македонски портали, не придонесуваат за ништо друго освен за ширење страв и паника помеѓу граѓаните. Секој што алтруистички пристапува кон оваа несреќа, се става на местото на настраданите и нивните семејства, при што паниката истото да не се случи кај нас се зголемува. При известувањето за ваквите трагедии медиумите имаат одговорност да ја смират паниката кај јавноста, наместо да ја поттикнуваат.
Начинот на информирање во случаи на несреќи, елементарни непогоди, војни, семејни трагедии, болести, судски постапки мора да биде ослободен од сензационализми, се вели во член 8 од Кодексот за новинари.
Но, спротивно на Кодексот, од стотици текстови што известуваат за земјотресот, десетици се со сензационалистички наслови што се однесуваат на лични трагедии, судбини на одредени семејства, кои навистина се тешки за читање.
Во трката по кликови медиумите не смеат да ја заборават својата информативна улога и одговорност што ја имаат за тоа што и како пренесуваат. Има начин за тоа кога и како се известува за личните приказни на луѓето што преживеале или загубиле некој близок во земјотрес, за што постои и посебен медиумски формат, како на пример, документарните филмови. Официјални бројки на загинати, повредени и исчезнати во земјотресите во Албанија сè уште нема, бидејќи урнатините се расчистуваат и тие бројки се менуваат од час во час. Во овие моменти најмалку се потребни празни вести, кои предизвикуваат силни емоции, а кои немаат точно именувани извори и не можат да се проверат.