Сензационализам и вулгарности во написи на „Доказ.мк“

 

Добар дел од текстовите на „Доказ.мк“ не само што дезинформираат, туку имаат и непристојна терминологија, омаловажуваат јавни личности, се служат со сексизам… Ваквите објави се вистинска слика за тоа што сè може да се претстави и протурка како новинарство.

 

Пишува: Мирослава Бурнс

 

Опасен и очигледен сензационализам, зачинет со сексизам и пцовки. Ова е сижето на повеќето предизборни текстови на веб-порталот „Доказ“. Уште кога на тоа ќе се додаде и непостоењето на импресум, односно листа со новинари со име и презиме што стојат зад напишаното, непостоењето адреса за контакт со медиумот, тогаш тоа дефинитивно претставува црвено светло кое на информираниот, медиумски писмен читател му сугерира да пристапува кон читањето на таквите содржинисо резерва и сериозна потреба за проверка.

Добар дел од насловите на „Доказ“ се  нееманципирани и пишувани со еден приземен речник несоодветен за медиум. Од некои наслови човек може да остане со подотворена уста.

На пример, текстот објавен на 30 јануари 2020 година со наслов: ,,Кожна чанта Луи Витон била одземена од домот на Катица Јанева и два вибратора”, достигнал читаност од дури 2.800 прегледи, што за вест објавена на сите портали и во сите печатени и електронски масовни медиуми, е чудно. Се разбира дека зајакот лежи во деталот за двата вибратора, за кои во насловот се тврди дека се пронајдени во истражната постапка во случајот „Рекет“, а во кој е обвинета поранешната специјалната обвинителка Катица Јанева. Оваа информација ја нема објавено ниту еден друг медиум освен „Доказ“. Но, кога ќе се прочита текстот, во него нема ништо за вибраторите.

Во текстот објавен на 9 февруари, со наслов ,,Ај не с**и бре! Бектеши: Ако може за АПТЕКА, ќе може и за КАЗИНО надвор од населени места!”, освен скандалозно вулгарниот коментаторски дел, нема ниту еден збор од Бектеши. Значи во текстот читателот воопшто не може да се информира што точно Бектеши образложил, тврдел или што непотпишаниот автор спори.

Има и наслови за кои секој коментар е отповеќе, како на пример „Шилегов и шефот на кабинет се селфираа со Кристоф Најдовски во Париз, а Ирена Попова и Жугиќ кај се кријат кај ци ти кај ци ти”. 

 

(Вториот дел од написот можете да го најдете овде.)