Со фотографија од почината жена се рекламира ,,детоник”

Скандалозно манипулативен маркетинг, кој освен што е неетички, вклучува и фотографија од почината жена од Русија, во Македонија се користи за да се продава препарат за кој се тврди дека ги чисти крвните садови, а е наречен „детоник“. Рекламниот материјал, всушност, претставува интервју со наводно задоволна клиентка, која има неверојатни 120 години, а, наводно, живее во скопско село.

Освен тоа, на жената ѝ се дадени македонско име и презиме, односно лажно е претставена како Стојанка Ѓорева, за да се добие уште посилно манипулативно дејство на блискост, една од најважните новинарски критериуми кога се составува информативниот жанр. „Блискост“ во смисла дека кога лицата инволвирани во текстот се од територијата на граѓаните што ја восприемаат информацијата, таа има поголема импактност, зашто восприемачите се заинтересирани и афектирани од она што им се случува на оние што живеат веднаш до нив, повеќе отколку од тоа што им се случува на тие што се подалеку од нив.

Во маркетинг-текстот се додава дека Стојанка Ѓорева била запишана во книгата „Рекорди на Македонија“, која воопшто не ни постои, исто како што не постои ни Стојанка Ѓорева од скопско село.

Сите овие манипулативни наративи се сосредоточени кумулативно, заедно со хиперболизирани наводни активности што жената со добро здравје и неверојатна возраст од 120 години може да ги прави.

Како да се работи за сценарио на холивудски филм со фиктивна приказна, во случајов се тврди дека жената на 120-годишна возраст може да трча маратон околу земјата, да работи на нива, сето тоа благодарение на чистите крвни садови кои прво ги чистела со билки коишто сама си ги берела, а потоа кога го открила „детоник“, немала веќе потреба да оди да собира билки.

Изненадувањето настапува кога ќе ја пребарате на интернет фотографијата од наводно задоволната клиентка од скопско село и ќе откриете дека таа е почината. Станува збор за најстарата жена во светот, Танзилија Бисембајева, која инаку починала во Русија на возраст од 123 години.

Маркетинг-материјалите мора да се изработат на основа на вистинити информации, што во текстов не е случај. Лажно се тврди и дека новинарите редовно доаѓаат кај оваа жена од скопското село. Доколку во Македонија постоеше некој што има 120 години, тоа дефинитивно ќе го заслужеше вниманието на новинарите. Но, бидејќи таков човек во Македонија нема, а интервјуата на новинарите со наводната Стојанка Ѓорева од скопско село никогаш не се случиле, нема ни медиумски написи за тоа.

Во странство, пак, се тврди дека на фотографијата на истата жена која е почината,е Милка Ивиќ, а нејзината фотографија се злоупотребува за да се продаде друг прозивод, „хипертеа“.

Втората неетичка компонента на овој материјал е тоа што во него е претставен и извесен доктор Оливер Костовски како „главен лекар на оддел за кардиоваскуларна хирургија”, кој тврди дека сè повеќе лекари го прифаќале ставот оти ова е исклучително корисна постапка, да се пие препаратот „детоник“, дека во Македонија наводно 10 илјади пациенти веќе го консумираат и дека дури и за нив се направила студија! Сето ова е невистина, ниту доктор Оливер Костовски постои во Македонија, а уште помалку имало студија за ефикасноста на „детоник“ на некаква клиника. Истата фотографија од лекар, во странство е претставена како да е од извесен, исто така, непостоен доктор Клаус Хуберт.

Лагите се нижат без задршка и со тоа што се наведува некаква поддршка од Светската здравствена организација за проширување на програмата за третман на населението со „детоник“, што е целосна измислица. СЗО никогаш нема поддржано чај. И, се разбира, како и во другите случаи, маркетинг-текстот завршува со непостојни фотомонтирани коментари од наводно задоволни корисници.

Без да навлегуваме во ефикасноста и делотворноста на препаратот, дефинитивно заклучуваме дека неговиот пи-ар текст, односно рекламен материјал, е базиран на манипулации и лаги со луѓе што се починати или луѓе што не постојат, нивно фиктивно претставување како да живеат и работат во Македонија. А, дополнително за да се додаде кредибилност, искористени се и авторитети како Светската здравствена организација, која пак, никогаш не го поддржала овој производ.

Пишува: Мирослава Бурнс