Со измислена изјава на Трамп се манипулира јавноста дека ковид 19 е обична настинка

Постот му припишува непостојна изјава на претседателот на САД, Доналд Трамп, во која се вели дека ковид 19 е само една обична настинка, како и дека пандемијата е прогласена само за „да се заплаши светската популација, да се уништи светската економија, да се вакцинира, а со тоа и стерилизира женската популација, старите да се „убијат“ по старечките домови, а од мажите да се направат доживотни пациенти на фармако индустријата“. Ваква изјава на Трамп не постои и не може никаде да се најде. Напротив, во снимката од интервјуто дадено на американскиот новинар Боб Вудворд, Трамп вели дека новиот корона-вирус е смртоносен, а самиот тој промовира вакцинирање веднаш по појавата на првите вакцини на пазарот.

Во објава што се споделува на социјалната мрежа „Фејсбук“ се тврди дека американскиот претседател Доналд Трамп, наводно, изјавил дека корона-вирусот е само обична настинка, предимензионирана од Светската здравствена организација (СЗО) „со цел да се уништи светската економија и да се заплaши светската популација“. Овој манипулативен пост, без да наведе никаков извор или линк, пренесува „изјава“ од Трамп во која се вели следното:

Ковид 19 е само една обична настинка, од која очигледно СЗО направи „страшен џин“,но ќе дојде ден кога сите во СЗО ќе одговараат за погрешните директиви, наредби и протоколи и лажните тестови коишто ги даваат на сите држави во светот.

Сите од СЗО до секој последен лекар во секоја држава, којшто лекува на погрешен начин ќе одговара еден ден за злосторство против човештвото.

До минатата година бројката на починати од грип беше поголема од оваа што е сега од ковид и прогласена е пандемија само за

– да се заплаши светската популација,

– да се уништи светската економија,

– да се вакцинира,а со тоа и стерилизира женската популација,

– старите да се “убијат” по старечките домови,

– а од мажите да се направат доживотни пациенти на фармако индустријата…..

Доналд Трамп

Проверката на „Вистиномер“ покажа дека воопшто не постои ваква изјава на Трамп. Освен што се споделува на „Фејсбук“, наводната изјава не е пренесена од ниту еден медиум. Со темелно пребарување ваква објава може да се најде единствено на интернет-страницата „Дудинка“. Што е многу чудно.

Бидејќи, да кажал вакво нешто американскиот претседател, просто е неверојатно тоа да помине незабележано од медиумите и од пошироката јавност. Напротив, да имаше нешто такво сигурно ќе се дознаеше, ќе се кренеше голема врева и ќе имаше многу реакции. Со други зборови, невозможно е за таква „изјава“ на Трамп да не дознае никој!

Е сега, за да звучи поуверливо, објавата има и потпис „Доналд Трамп“, арно ама и покрај тоа содржината делува прилично сомнително.

Американскиот претседател навистина постојано ја критикува Светската здравствена организација дека „лошо управувала со пандемијата со корона-вирусот и оти делувала како марионета на Кина, која беше почетна точка на избувнувањето на заразата“. Исто така, САД во јули излегоа од СЗО токму  поради „лошото менаџирање со пандемијата и поради прикривање на докази за ширење на коронавирусот“. 

Трамп и во вчерашниот настап во виртуелен формат на 75. Генерално собрание на ОН ја критикуваше Кина за намерно ширење на болеста низ светот:

Во првите денови на ширењето на вирусот Кина забрани внатрешни патувања, а притоа дозволи меѓународни летови од Кина да се зарази целиот свет… 

Владата на Кина и Светската здравствена организација, фактички под контрола на Кина, даваа лажни изјави дека нема докази за пренос на вирусот од човек на човек… Подоцна тие лажно изјавуваа дека луѓето без симптоми на ја шират болеста… ОН треба да посочи на Кина како одговорна за своите постапки, кажа Трамп.  

Но, САД не го спорат постоењето  на  корона-вирусот, ниту ја маргинализираат опасноста од болеста.

Ако сметаа дека болеста предизвикана од новиот корона-вирус (ковид 19) е безопасна, немаше да подготвуваат вакцина и да најавуваат нејзина забрзана дистрибуција и почеток на вакцинацијата во ноември пред претседателските избори во САД.

Многу сме близу до тоа да се здобиеме со вакцина. Ако сакате да ја знаете вистината, на претходната влада ќе ѝ требаа можеби години да пронајде вакцина поради Администрацијата за храна и лекови и сите одобренија. А, ние сме само неколку недели од тоа да се здобиеме, можеби три недели, четири недели, изјави неодамна Трамп.

Ако американскиот претседател мисли дека ковид 19  е „обична настинка“ и дека „пандемијата е прогласена само за да се вакцинира, а со тоа и стерилизира женската популација, старите да се „убијат“ по старските домови, а од мажите да се направат доживотни пациенти на фармако индустријата…“, зошто тогаш САД брзаат со вакцината, потег поради кој Трамп е критикуван од неговите демократски противници?

Конечно, тука не треба да се оди подалеку од телефонскиот разговор на Трамп и новинарот Боб Вудворд, снимен на 7 февруари 2020 година, каде што Трамп лично вели дека вирусот е смртоносен:

Овој вирус се шири низ воздухот, Боб. Тоа Е многу поопасно отколку допирот. Со допирот, не мора да ги допираш работите. Но, кога станува збор за ширење низ воздухот, ти само дишеш и така болеста се пренесува. И тоа е многу опасно. Затоа овој вирус е многу деликатен, затоа е посмртоносен дури и од најлошата настинка. Неговата смртност е 5 отсто наспроти 1 отсто (кај настинките – н.з.). Значи, ова е смртоносна работа.

 

 

Но, сепак, и покрај тоа што на прв поглед личи сомнително (прво, нема извор) оваа фабрикувана содржина стана прилично вирална и го привлече вниманието на публиката, па во моментот кога е пишуван овој текст има 575 споделувања и 188 реакции – допаѓања.
(vistinomer.mk)

 

Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „Критинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс-наведи извор-без изведени дела.