Со тестовите за Ковид-19 не се зема ДНК и не се прават клонови

Верските уверувања, како неприкосновено право, во овој пост се измешани со низа дезинформации за коронавирусот, а, кои, пак, се косат со релевантните медицински и епидемиолошки издржани мерки за сузбивање на пандемијата. Притоа се изнесени повеќе невистини, кои може да наштетат на здравјето на граѓаните, доведувајќи го во опасност севкупното здравје на заедницата, бидејќи вирусот е од таква природа што однесувањето на еден човек влијае на сите

Во Фејсбук објава се изнесени низа дезинформации кои медицинската наука ги побива, а кои се однесуваат на мерките и протоколите за заштита на населението од Ковид-19. Oвој пост, меѓу другото, тврди дека:

… со сите мерки и протоколи од СЗО – народот се носи во смрт :

– изолација и карантин(да се пореметиш психички во затворена просторија),
– полициски часови – одзимање на слободата,
– тестови коишто не се за дијагностика на корона вирус – туку се за зимање на ваша ДНК и потоа правење на клонови,
– со спречувањето на шетање во планина го спречуваат дишењето на чист воздух, а со носењето на маска дополнително не докрајчуваат и сами не терат да го оставиме нашето тело без кислород,
– а тоа што велат дистанца 1,5 метро ,стоење во кругови итн се сатански елементи во истоимената “црква”…..

Наспроти ваквите наводи, мерките за употреба на заштитна маска, дистанца и често миење на рацете, освен тоа што се донесени со консензус и се спроведуваат во сите земји од светот, тие се базирани на точно утврдени епидемиолошки параметри, како, на пример, начинот на кој се врши трансмисијата на коронавирусот (капљично). Докажано е дека капките патуваат низ воздухот од заразено на незаразено лице на далечина од два метра, а поситните дури до осум метри. За ова има мноштво научни медицински релевантни студии, а овде ќе изнесеме само некои од нив.

Австралиските научници, на пример, тврдат дека покрупните капки можат да патуваат два метра.

Препораките за физичка раздалеченост се базираат на верувањето дека еден до два метри е безбедна далечина да се избегне некој да биде испрскан со големи капки, кои се главниот емитер кој го содржи заразниот вирус и кој може да ја предизвика болеста, тврди професор Рајна Мекинтајар, од Институтот Кирби во Сиднеј Австралија.

Центарот за контрола на болести на САД официјално објави дека Ковид-19 се шири главно меѓу луѓе, кои имаат близок контакт помал од два метра и тоа во подолг период.

Ширењето се случува кога инфицираното лице кашла, кива или зборува и капките од неговата уста или нос се пренесуваат низ воздухот и доаѓаат во устата и носот на лицата во непосредна близина. Капките, исто така, може да се вдишат во белите дробови. Бидејќи вирусот може да се пренесе пред инфицираното лице воопшто да знае дека е заразено, важно е да се остане на растојание од најмалку два метри дури и ако нема симптоми.

Во постот, исто така, се  вели дека полицискиот час претставува одземање на слободата. Меѓутоа, полицискиот час како мерка Севрена Македонија ја презеде од западноевропските земји и има своја епидемиолошка издржаност, а таа се темели на тоа да се ограничи периодот за групирање, особено меѓу младата популација во вечерните часови. Оттаму се и рестрикциите во работното време на угостителските објекти.

Невистинито е и изнесеното тврдење дека е забрането шетање во планина. Ова воопшто не е точно. Никому не му е забрането да се шета во планина. Постот, исто така, изнесува дезинформација дека со носењето на маска дополнително ,,не докрајчуваат и сами не тераат да го оставиме нашето тело без кислород”.

Како што веќе досега  опширно пишувавме, молекулите на кислородот и на јаглерод диоксидот се толку мали и ситни, што маската воопшто не влијае на нивното непречено вдишување и издишување. Дури и официјално е измерено, односно емпириски е докажано дека нивоата на кислород во организмот се стабилни односно изнесуваат 99 проценти кај лекарот Маитиу О Туатхаил, кој се снимаше себеси носејќи не една туку шест хируршки маски и притоа мерејќи го нивото на кислород во својот организам.

Понатаму, се тврди и дека тестовите кои воопшто ,,не се за дијагностика на коронавирус” служат за ,,земање на вашата ДНК и потоа правење на клонови”.  Ова неверојатно тврдење не е поткрепено со ниту еден материјален доказ. Меѓутоа, оваа конспирациска теорија веќе е побиена во Велика Британија од каде што и оригинално потекнува. Имено, Велика Британија направила измени во законот со коишто на полицијата ѝ се дава подолго време да ги задржи отпечатоците и ДНК профилите на осомничени за тешки кривични дела, меѓу кои и тероризам, кои инаку би морала да ги процесира или да ги уништи доколку законот не се променел. Оваа промена во легислативата во Британија воопшто нема никаква поврзаност со тестирањето за коронавирусот, а уште помалку со македонскиот контекст.

Тврдењето дека ,,овој вирус е обичен грип, секоја смрт и неправење на обдукција и лажирање дека е од ковид е лага”, исто така, е дезинформација. Во земјава обдукција се прави доколку не се познати причините за настапувањето на смртта и тоа по наредба на јавен обвинител. Вирусот не е обичен грип и ги зафаќа сите органи во телото.

Министерот за здравство, Венко Филипче, запрашан да ги опише најтешките пациенти што се затекнати во македонските болници, изјави дека коронавирусот предизвикува:

Тешка форма на пореметување на крвта со целосно губење на клетките кои се одбрана на организмот. Тоа беше детектирано со специфична анализа на крвта и таа состојба бараше посебна терапија. Понатаму, дифузно зафаќање на белите дробови, онеспособување на крвта да прима кислород. Тие пациенти или завршуваа на кислородна маска или на неинвазивна вентилација или на респираторна машина. Понатаму, тешка форма на оштетување на бубрезите, тешка форма на оштетување на црниот дроб, оштетување на мозокот поради недоволна оксигенација, што се најтешките компликации на вирусот и тие во најголем процент завршија со смртен исход. Ова е вирус кој ги напаѓа сите органи и нема правило. Поголем ризик имаат пациентите со хронична болест, 80 проценти од починатите кај нас се со хронично заболување, но, имаше и помлади луѓе без хронична болест, а имаа тешка форма на болеста. Би сакал да напоменам дека дел од пациентите кои имаа тешка форма на болеста доцна доаѓаа во болница што ги намалува шансите лекарствата да имаат ефект, зашто се во поодмината фаза на болеста. Имаше пациенти кои се јавуваа во болница со врзување на крвта од 20 проценти, а нормално е 96 проценти и тие завршуваа со смртен исход. Тие што доаѓаа со 60 до 80 проценти сатурација, имаа ефект. За исходот на лекувањето важно е пациентите навремено да се јавуваат во болниците, вели Филипче.

Ваквата клиничка слика што ја опишува министерот, базирано на сознанијата што ги добил од докторите во болниците ширум земјава, воопшто не кореспондира на квалификацијата ,,обичен грип”.

Во постот верските уверувања како неприкосновено право се измешани со низа дезинформации за коронавирусот, а кои, пак, се косат со релевантните медицински и епидемиолошки издржани мерки за сузбивање на пандемијата. Притоа, изнесени се повеќе невистини кои може да наштетат на здравјето на граѓаните, доведувајќи го во опасност севкупното здравје на заедницата, бидејќи вирусот е од таква природа што однесувањето на еден човек влијае на сите.

 

Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „КриТинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонснаведи извор-без изведени дела.